Илустрација / Фото: Игор Бансколиев

Досега експертите и институциите неколкупати посочија дека во Македонија е променет режимот на врнежи, а температурата е порасната за степен и половина. Игор Костовски, кој се занимава со оваа проблематика, посочува дека токму македонските земјоделци се најмногу изложени на влијанието на климатските промени, пред сѐ поради фактот дека земјоделските активности се изведуваат на отворено и директно зависат од климатските услови

Влијанието на климатските промени во Македонија како повод

На глобално нивно последиците од климатските промени сѐ повеќе се чувствуваат. Во изминатиов период нивото на претпазливост беше подигнато на повисоко ниво поради огромното т.н. „ќебе“ од морска трева во Атлантски Океан, што се протега на површина на околу 8.000 километри. Дополнително, состојбата се усложни по објавувањето на првите воздушни снимки за настанокот на огромен леден брег што се отцепи од гребенот на Антарктикот. Станува збор за ледена масивна карпа со големина на Лондон, која ќе има големо влијание врз океанските екосистеми затоа што многу свежа вода ќе се слее во океанот и ќе се намали нивото на соленоста.

Светот веќе се соочува со последиците од климатските промени

Според последните информации што пристигнуваат од повеќе светски медиуми, експертите се загрижени поради последиците од т.н. голем атлантски појас на саргасум, што е најголемиот цут на алги во светот. Тој може да тежи околу 20 милиони тони и може да се види дури и од вселената. Саргасумот со децении ги загрижуваше научниците, но оваа година, според експертите, неговото цветање е особено алармантно. Огромната маса на алги може да има повеќекратни негативни влијанија врз животната средина – може да ги уништи крајбрежните екосистеми, да ги задуши коралите, да му наштети на дивиот свет, да ја загрози инфраструктурата и да го намали квалитетот на воздухот и водата. Според истражувањето од 2019 година, оваа алармантна стапка на раст на појасот на саргасумот може да биде одговорна, заедно со климатските промени, за уништувањето на шумите и употребата на ѓубрива што завршуваат во океанот поради зголемената употреба.
Светските експерти посочуваат дека состојбата може дополнително да се усложни поради ледениот брег што е именуван како А81 и кој се отцепи од ледениот гребен на Антарктикот. Станува збор за ледена мегакарпа со големина на Лондон, која може да предизвика големо влијание на океанските екосистеми, во кои се наоѓа богатство од различни морски животни. Според екологот Герајнт Тарлинг, влијанието може да биде и позитивно и негативно. Според овој светски експерт, негативната страна е што со толку големо топење на многу свежа вода што се слева во океанот се намалува нивото на соленоста, што ја прави водата несоодветна за многу фитопланктони и зоопланктони, што може да влијае на понатамошниот синџир на исхрана – риби, птици, фоки и китови. Експертите продолжуваат внимателно да го следат А81 заедно со другите ледени брегови во областа.

Кои се последиците во Македонија

Со последиците од промената на климата се соочуваат и македонските граѓани. Експертите и институциите посочија дека во Македонија е променет режимот на врнежи, а температурата е порасната за степен и половина. Дека состојбата е сериозна потврдува и постојаното губење милиони литри вода во Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро поради високите температури на воздухот. Климатските промени особено ги почувствуваа македонските земјоделци бидејќи земјоделските активности се изведуваат на отворено и директно зависат од климатските услови. Поради промената на климата, изминатите години се намалил родот на пченката, пченицата, сончогледот и грозјето, а годинава ова веќе се чувствува и кај раноградинарските производи, пиперката и доматот. Познавачите на околностите нагласуваат дека е потребно директно соочување со проблемите што се предизвикани од климатските промени, а дополнително се потребни мерки за ублажување и адаптација на повеќе сектори, но и мерки за намалување на негативните ефекти.
Последен пример за последиците од климатските промени во Македонија се најголемите природни езера во Македонија. Податоците покажуваат дека Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро постојано губат милиони литри вода поради високите температури на воздухот. Досега експертите и институциите неколкупати посочија дека во Македонија е променет режимот на врнежи, а температурата е порасната за степен и половина. Игор Костовски, кој се занимава со оваа проблематика, посочува дека токму македонските земјоделци се најмногу изложени на влијанието на климатските промени, пред сѐ поради фактот дека земјоделските активности се изведуваат на отворено и директно зависат од климатските услови.
Токму промената на климата во Македонија изминатите години го намали родот кај пченката, пченицата, сончогледот и грозјето, а годинава ова веќе се чувствува и кај раноградинарските производи, пиперката и доматот. Дополнително, експертите со години предупредуваат дека Македонија е зависна од увоз на семенски материјал, а домашниот семенски материјал покрива само една четвртина од потребите на земјоделците, но сѐ уште не се користат сортите отпорни на климатските промени. Земјоделскиот институт при УКИМ и ФАО при ООН почнаа опити со пиперка, пченица и грав, за да се утврди отпорноста на климатските промени.

Како да се справиме со последиците?

Станојевска Пецуровска, претседателката на Центарот за климатски промени, истакнува дека државата на национално ниво ги следи сите препораки на Европската Унија и меѓународната заедница и се преземаат активности, кои треба да придонесат за промовирање на обновливата енергија, која не влијае негативно на климатските промени. Во светот има повеќе примери што треба да се следат. На глобално ниво, Кина е лидер во справувањето со климатските промени, особено преку илјадниците проекти за заштита и реставрација на мочуриштата. Вкупната површина на мочуришта во Кина изнесува 56,35 милиони хектари, а во последната деценија таа обнови повеќе од 800.000 хектари од нив. Вкупниот број природни резервати со мочуришта во Кина достигна повеќе од 2.200, додека 11 милиони хектари мочуришта се вклучени во системот на строго заштитени национални паркови. Кинеските провинции и општини постојано работат на создавање национални мочуришни паркови и на изградба на регионални мочуришни паркови, демонстрирајќи го иновативниот пристап на Кина за заштита, обновување и искористување на мочуриштата. Денес во Кина постојат 29 национални паркови во мочуриштата и 26 мочуришни паркови во провинцијата Сечуан, а источната кинеска провинција Анхуи прелиминарно воспостави мрежа за зачувување на мочуриштата, што става под заштита 51,8 отсто од нејзините мочуришта.
Во Македонија сличен пример е проектот „Произведи храна во склад со природата и придонесувај во справувањето со климатските промени“, кој започна да се реализира во Делчево. Споменатиот проект се спроведува од страна на здружението на производители на органски производи „Аронија“, кои имаат цел да спроведат биолошки методи со користење на природните ресурси во производството на биохрана на фарми со пермакултура.
Според претседателот на здружението, Фиданчо Христов, мотивациско градинарство е производство на храна каде што континуирано се произведува храна преку целата година со изработен проект за пермакултура со кој се збогатуваат хранливата вредност и структурата на почвата. Сето тоа придонесува да се зголеми продуктивноста на малите фарми и производителите постепено сѐ повеќе да ја подобруваат својата благосостојба. Постигнатите резултати од проектната акција даваат дополнителен стимул за самите фармери да ги зголемуваат површините под пермакултура, вели Христов. Д. Ст.