Фото: Архива

Финска е прогласена за земја со најсреќна популација шеста година по ред, според Светскиот извештај за среќа објавен денеска. Македонија е на 87. место на листата.

Од земјите во наша близина, Словенија е најсреќна на 22 место, па Косово на 34, Италија е 33, Србија на 45, Хрватска на 48 и Унгарија на 51. Црна Гора е на 67 место во Светскиот извештај за среќа, а Босна и Херцеговина е на 71 место. Грција е малку полоша, таа е на 58 место, под Јужна Кореја. Русија е едно место подобра од БиХ и е на 70. место. Албанија е на 83. место, над Индонезија и Јужна Африка.

Меѓу најсреќните нации во светот, по Финска се Данска, Исланд, Израел, Холандија, Шведска, Норвешка, Швајцарија, Луксембург и Нов Зеланд.
Германија е на 16. место оваа година, со пад од две позиции. Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство и Франција се рангирани на 15, 19 и 21 место.

На дното на рангирањето се претежно африканските земји, а Авганистан и Либан разурнати од војна се двете најнесреќни земји во светот, во истражувањето во кое беа опфатени вкупно 137 земји.

Научниците велат дека проценката на среќата на луѓето остана „извонредно отпорна“ и покрај пандемијата „ковид-19“, со глобални просеци во 2020 до 2022 година исто толку високи како оние во годините пред пандемијата од 2017 до 2019 година.
Светскиот извештај за среќа се прави по истражување колку луѓето се задоволни од нивните животи во различни земји.

Извештајот, кој се занимава и со ефектите од кризата предизвикана од коронавирусот врз благосостојбата на луѓето, секоја година го составуваат научници во САД врз основа на анкети на Институтот Галуп.