Посетата на Брисел, а и на еврокомесарот Вархеји, од страна на самосвесните Бугари од Македонија, со поддршка, а според одредени индикации и во организација на бугарската државна политика, го наметнува прашањето дали државните институции од Македонија, одговорни за евроинтеграциите, однапред и досега веќе реализирале кампањи на презентација на вистината и фактичката состојба на македонското малцинство во Бугарија. Или, пак, во истиот контекст, уште неколку дилеми: Дали досега македонската држава пред институциите на меѓународната заедница ги презентирала 17-те пресуди на ЕСЧП во корист на македонските здруженија од Бугарија? Дали воопшто некој тим од нашата држава организирано направил широка организирана и поофанзивна дипломатска кампања на вистината? Да се направи, во најмала рака, споредба на правата на малцинствата што живеат во нашата земја со правата на малцинствата во регионот. Да се образложи на какво високо ниво се истите тие во Македонија, во споредба со правата на малцинствата на Македонците, па и на другите малцинства што живеат во околните земји!
ЕУ треба конечно да излезе со принципиелен политички став во врска со малцинствата во ЈИЕ, бидејќи ЕСЧП одамна донел правни пресуди за тоа
Офанзивата на бугарската политика за некакваси „заштита на правата и третманот на лицата со бугарска самосвест во Македонија“ продолжува на теренот на Брисел. Имено, по телефонскиот разговор меѓу бугарскиот претседател со еврокомесарот Оливер Вархеји, кога Радев му порачал на Вархеји дека „Европската Унија мора да ги гарантира правата и безбедноста на Бугарите во Македонија со истата енергија со која се инсистира на забрзување на македонските евроинтеграции“, бугарската страна организира средба, односно посета на претставници на македонските самосвесни Бугари со комесарот за проширување и добрососедство на ЕУ.
Зошто посета на Брисел од страна на самосвесните Бугари од Македонија?
Според бугарските медиуми, на средбата со еврокомесарот Вархеји одат Петар Колев и Георги Трендафилов од Граѓанско-демократската унија, како и Љупчо Георгиевски од бугарското здружение „Ванчо Михајлов“ од Битола. Во нивното најавно писмо до еврокомесарот, тие напишаа дека постојат „притисоци врз бугарската заедница во Република Македонија, како и дека нема дијалог со локалната и централната власт“. Како што се наведува во бугарските медиуми, за средбата е најавена темата „Институционална омраза и системска дискриминација кон бугарската заедница во Македонија“. Како повод за најавената средба е искористен инцидентот на охриѓанецот и секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков.
Со гласност до степен на заглушувачка врева од страна на бугарските политички фактори, бугарската страна, според мислењето на нашите соговорници, максимално го (зло)употреби инцидентот во Охрид (кој се покажува како мошне контроверзен за целите на бугарската интервенција), за денунцирање на Македонија пред европските институции.
Со тоа, според соговорниците, се добива впечаток дека Софија плански и организирано сака да се оттргне вниманието на ЕУ од 17-те пресуди на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) против Бугарија, а во полза на македонските здруженија во оваа земја. Посетата на Брисел и на еврокомесарот Вархеји од страна на самосвесните Бугари од Македонија, со поддршка, а според одредени индикации и организација на бугарската државна политика, го наметнува прашањето дали државните институции од Македонија, одговорни за евроинтеграциите, однапред и досега веќе реализирале кампањи на презентација на вистината и фактичката состојба на македонското малцинство во Бугарија. Или, пак, во истиот контекст, дали досега македонската држава пред институциите на меѓународната заедница ги презентирала 17-те пресуди на ЕСЧП во корист на македонските здруженија од Бугарија? Дали воопшто некој тим од нашата држава организирано направил широка организирана и поофанзивна дипломатска кампања на вистината, да направат, во најмала рака, споредба на правата на малцинствата што живеат во нашата земја? Да образложат на какво високо ниво се истите тие во споредба со правата на малцинствата на Македонците, па и на другите малцинства што живеат во околните земји!
На тој начин, токму во вакви пригоди, кога некој, како сега пред Вархеји, тенденциозно би се обидел да наметне „дисторзирана вистина“ пред ЕУ, соговорниците од Брисел би биле веќе подготвени за разговор, бидејќи претходно би им биле презентирани нашата страна и согледувања низ аргументација на вистинската, фактичка состојба.
Зошто ваквите прашања не се отвораат во политичката и дипломатска
комуникација на Македонија со меѓу народните институции?
– Колку што ми е познато, не само пред ЕУ-институциите туку ниту во билатералните односи со Бугарија никој од ниту една македонска влада не ги споменал, ниту се зазел за извршување на пресудите од Европскиот суд за човекови права во полза на нашите, македонски здруженија во Бугарија. Навистина, минатата година претставници на нашите здруженија беа примени кај претседателот Пендаровски за да го информираат за состојбите со правата на македонското малцинство во Бугарија. Но и понатаму ова прашање не се отвора во политичката и дипломатска комуникација на Македонија со Бугарија. Во единствениот случај пред судот во Стразбур на бугарското здружение од Македонија, „Радко“, Бугарија настапи како заинтересирана страна и плати адвокат што ги застапуваше. Во нашите 17 случаи пред истиот суд, Македонија не постапи на тој начин. Ниту сега пред европските и бугарските институции, од страна на Македонија не се споменуваат овие добиени пресуди од ЕСЧП. Тоа е реалноста произлезена од Договорот за добрососедство, кој на некој начин е вазалски, според кој Бугарија може да се интересира и да интервенира за оние што се декларираат со бугарска самосвест, а Македонија не може ниту да се повика на легитимните пресуди на највисоката правна европска институција за човекови права во интерес на македонското малцинство во Бугарија – вели Стојко Стојков, копретседател на ОМО Илинден-Пирин.
Според Стојков, посетата на претставниците на самосвесните Бугари од Македонија во Брисел, кај еврокомесарот Вархеји, не е спорна, во смисла дека секој треба да се заложи и да ги изнесе барањата пред релевантни институции за основните човекови права за кои смета дека му се загрозени. Но, во конкретниов случај, Стојков смета дека нема основа за жалба за нарушени малцински права.
– Во ниту еден извештај на релевантни европски институции што го следат и оценуваат почитувањето на правата на малцинствата во државите, како Европската комисија, Советот на Европа, никогаш немало забелешка дека во Македонија има нарушување на правата на малцинствата, па ниту на Бугарите. Недоумиците со овој случај на жалбите на самосвесните Бугари во Македонија произлегуваат од тоа што не е јасно кои права им се нарушени. Правото на здружување секако не им е ускратено, бидејќи имаат формирано здруженија. А за изучување на бугарскиот јазик на некое бугарско малцинство во Македонија не ни покажале интерес. Со тоа би покажале дека македонскиот јазик е различен од бугарскиот, а тоа не е нивната намера. Главниот проблем всушност е во тоа што тие не бараат малцински статус во Македонија, туку статус на државотворен народ во македонскиот устав. Забележливо е дека во сите поплаки и жалби не се споменува статусот на „бугарското малцинство“, туку „статусот и правата на Бугарите во Македонија“. Да се биде споменат во устав на друга држава, како што бараат Бугарите преку францускиот предлог да бидат наведени во македонскиот устав, не е основно човеково право од редот на малцинските права. Во секој случај, малцинските права, според европските критериуми, на самосвесните Бугари од Македонија не се нарушени. Само што нивните барања и намери не се од доменот на политиките за малцински прашања – вели Стојко Стојков.