Фото: Игор Бансколиев

Тргнувајќи од самостојноста на Македонија, па доаѓајќи до актуелните денешни состојби од сите сфери на македонското општество, нашите соговорници, професори, социолози, психолози и истражувачи, сметаат дека „низ сите овие години јавноста не почувствува кој политичар вистински и одговорно, долгорочно и визионерски ја понесе мисијата дека тој е избран од нив и е – на нивна страна“, односно на страната на граѓаните?!

Социолози ги детектираат базичните општествени слабости на македонското општество

Со години политичарите гласно ја повторуваат флоскулата дека токму тие се „на страната на граѓаните и државата“. Но токму поради фреквентното повторување на таа фраза во јавноста, во пакет со неисполнување на обврските на носителите на јавни функции кон граѓаните и кон државата, таа фраза се изветви, стана неважна, исто како и политичарите што ја употребуваат.
Тргнувајќи од самостојноста на Македонија, па доаѓајќи од актуелните денешни состојби, од сите сфери на македонското општество, нашите соговорници, професори, социолози, психолози и истражувачи сметаат дека „низ сите овие години јавноста не почувствува кој политичар вистински и одговорно, долгорочно и визионерски ја понесе мисијата дека тој е избран од нив и е – на нивна страна“, односно на страната на граѓаните?!
Напротив, соговорниците аргументираат дека генерално земено, општеството и граѓаните стагнираат, дури и назадуваат и „наместо европски стандард и демократски манири што сите ги ветуваа, испорачаа генерален надолен тренд на стандардот, системска корупција, непотизам, нарушен углед на државата, руинирана економија, здравство, образование, загадена животна средина“, односно со своето неодговорно работење и празни декларации, токму политичарите генерираа граѓанска апатичност и граѓанска незаинтересираност решително да се соочат со општествените слабости, да ги детектираат и да изберат свои лидери што компетентно и одговорно ќе ги решаваат, во интерес и на страната на граѓаните.

Како вистински се застанува на страната на народот

Фундаментални се неколку работи што повеќе наши соговорници, познавачи на општествените текови, ги детектирале како слабости во македонското општество, за што „треба да се преземат решителни чекори, за да може да се каже дека некој вистински е на страна на народот и државата и работи во нивна полза“, односно граѓаните да имаат поубав живот растоварен од егзистенцијални и секакви други грижи“.
Она што најпрво го констатираат е во сферата на одговорноста. Имено, одговорноста отсуствува на повеќе нивоа. Отсуствува личната одговорност, отсуствува и колективната одговорност кон нештата што ја чинат заедничката вредност на нацијата. Соговорниците во врска со колективната одговорност, дури се повикуваат и на македонскиот устав, каде што двапати во преамбулата се споменува одговорноста: „…преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на татковината…“ и „одговорни пред идните генерации за зачувување и развој…“!
Професорите што беа наши соговорници, лоцирајќи го „недостигот од одговорност како суштински за основните слабости на македонското општество“, потенцираа дека „одговорноста почива на способноста на човекот како свесно општествено суштество да може да разликува штетно од полезно, чесно од нечесно, а со тоа и што е дозволено, а што не е!“ Ова во себе ја содржи и „одговорноста на избираните политичари и носители на јавни функции, кои одговорноста за своето работење ја имаат првенствено кон граѓаните и кон позитивноправните прописи, при што правно-политичката одговорност е недвојбена во извршувањето на дадениот мандат. Моралната и етичка одговорност се неразделен дел од таа интегрална одговорност. Во овој контекст, соговорниците силно издвојуваат дека „единствената одговорност што сега ја имаат носителите на јавната власт е кон својот партиски лидер што ги назначил“, што всушност е лажна одговорност и не спаѓа во ниедна од гореспоменатите универзални фундаментални одговорности!
Детектираните општествени слабости што во продолжение ги набројуваат професорите, а треба да се пристапи кон нив длабоко реформски се: партиите да се демократизираат, во нив да постои внатрепартиска демократија, а не лидерот да биде и претседател на партија и министер и премиер. Промена е потребна и на изборниот модел, за граѓаните да знаат за кого гласаат и да го повикуваат на одговорност оној кому му го довериле гласот. Департизација на судството и негова целосна реформа. Обвинителство што ќе работи неселективно и ќе постапува ефикасно без разлика за кого да станува збор. Воспоставување мерит-систем за вработување и напредување, односно на функција да бидат најспособните и да се избираат на конкурс, оној што има најдобри резултати, тој да раководи. Администрацијата да биде вистински сервис на граѓаните, односно секој да може да заврши работа во краток рок, а не да биде враќан од шалтерите. Стоп за непотизмот, односно вработувања и давања бизниси на сопруги, кумови, балдази, синови, ќерки на функционери. Понатаму, треба да се пристапи кон реформа на образованието за конечно да почнеме да произведуваме едуцирани кадри, ништо помалку важна не е потребата за воспоставување ефикасен здравствен систем во кој секој граѓанин нема со месеци и години да чека за преглед, туку навреме ќе ја добие потребната лекарска грижа. Тука е и зачувувањето на животната средина, преку стимулирање на сите зелени програми, како за граѓаните така и за компаниите. Државата треба да создаде и поволна бизнис-клима за да може економијата да ја повлече земјата напред, а за тоа треба да инвестира во независен енергетски сектор, како и во функционална патна и железничка инфраструктура. На сето ова треба да се придодаде и зголемената минимална плата, како и повисока социјална помош за ранливите категории.
Ова се основните работи што требаше да ги направат политичарите изминатите 30 години за да имаат кредит денес да зборуваат дека се на страна на народот и државата. Од сето ова погоре наведено, ништо не е направено, така што граѓаните добро препознаваат дека никој не е на нивна страна, туку се оставени единствено сами на себе.

Јавноста бара транспарентност и одговорност

„Нова Македонија“ се консултира со аналитичари што низ една стручно-професионална призма анализираат што навистина е потребно да направат политичарите и политичките партии за да можат вистински да застанат на страната на граѓаните и државата, наместо да се расфрлаат со пароли во кои ниту самите не веруваат.
Нивен заеднички став е дека зборовите не се доволни, туку дека довербата на народот се стекнува со вистински дела преку кои граѓаните ќе почувствуваат дека живеат подобро, никој не им бара мито, можат секаде да конкурираат за работа и да се надеваат дека ќе бидат вработени во согласност со нивните способности, но и дека здравствено ќе бидат згрижени, ќе имаат доверба во судството и ќе бидат ценети македонски државјани кога ќе отидат во странство.
– Сметам дека основна работа што ја немаат политичарите кај нас за да се фалат дека се на страната на граѓаните, тоа е транспарентноста. Мора сè во секое време да биде достапно на увид на јавноста, се разбира, со исклучок на она што е државна тајна. Граѓаните сакаат да знаат каде се трошат народните пари, па затоа политичарите мораат да станат максимално транспарентни и постојано да соопштуваат на што ги потрошиле парите – вели социологот Илија Ацевски.
Според него, она што е клучно политичарите да го направат за да кажат дека работат и во интерес на државата, тоа е да седнат и да постигнат консензус за прашања за кои никој во иднина нема да може да разговара и преговара. Така ќе се елиминира и поделбата внатре во државата.
– Има прашања за кои политичарите не разговараат. Тоа го направија Бугарите, треба да го направиме и ние. Нашите политичари треба да седнат и да се договорат дека нема разговори за прашања што се од интерес на државата. Тоа ќе ја намали внатрешната поделба во општеството. Втора работа, законите мора да профункционираат и да се почитуваат, а не секој да си ги толкува како што сака. Тие мора да важат за сите еднакво, а казнивоста не смее да биде селективна – појаснува Ацевски.
Тој смета дека политичарите можат да кажат дека работат во интерес на граѓаните само ако покажат искрена волја за борба со корупцијата.
– Граѓаните ќе веруваат дека партиите се на нивна страна ако видат дека корупцијата и непотизмот се намалуваат, администрацијата станува поефикасна, ако економијата напредува, а нивниот стандард расте. Потребни се длабоки и болни резови на овој систем што треба да ги направат оние што се повикуваат на граѓаните, а не да ги држат функциите само за лична корист – категоричен е Ацевски.
Негово мислење е дека во насока на уважување на граѓанскиот глас би била и промената на изборниот модел, со една изборна единица.
– Граѓаните сакаат да знаат за кого како човек гласаат, а не она што партијата го поттурила на ливчето. Избраните треба да се одговорни, чесни, а доколку не работат според програмата што ја најавиле, да бидат отповикани од страна на оние што ги избрале. Така и партиите ќе се замислат кого предлагаат, но чувствувам дека кај големите партии нема вистинско расположение за промена на изборниот модел – потенцира Ацевски.

Потребни се дела што ќе донесат опиплива бенефиција за граѓаните

Гледано низ социолошка призма, Ацевски нагласува дека политичар или партија што ќе кажат дека се на страна на граѓаните, тоа треба најпрво да го потврдат со дела, па потоа да истакнуваат такви пароли.
– Народот треба конкретно да ги почувствува бенефициите преку подобар стандард, вработување, поголема демократија, поквалитетно судство, образование, здравство… Ова досега не беше во интерес на граѓаните, така што е потребен сериозен рез и доаѓање на нови политичари што ќе го напуштат досегашниот систем на неморално и неодговорно однесување. Тоа ќе предизвика сериозни потреси и многумина ќе се чувствуваат неудобно, но крајно време е да се направи. Мора народот да почувствува ефект, мора да се види нешто од нивната работа, во спротивно, граѓаните и натаму ќе останат оставени сами на себе – заклучува Ацевски.
Ставот и на другите соговорници на весникот е идентичен, дека работењето на политичарите и партиите во „интерес“ на граѓаните најдобро се забележува на улица.
– Доволно е човек да се прошета низ улиците на градовите низ Македонија. Повеќе од половината се празни, младите се иселија, луѓето се апатични. Падот на стандардот е секаде присутен, така што апсурдно е да се каже дека некој сиве овие години работел во интерес на граѓаните или на државата. Работат само за личен интерес, интерес на лидерот и партијата. Решението се коренити промени, на партиите, на политичарите, на изборниот модел, на судството, вистински реформи во сите сфери, за да можат да дојдат компетентни луѓе на сите позиции. Така државата ќе тргне напред, па некој од тие што ќе ги спроведат таквите реформи ќе можат да кажат дека работеле и работат во интерес на граѓаните. Сè друго е демагогија – констатираат соговорниците со кои се консултира весникот.