Иако една „акција“ на официјална Софија насочена кон компромитација на македонското евроинтеграциско досие е отфрлена, што беше предизвик за Македонија (но и за ЕУ), според соговорниците, „и понатаму останува да се биде на штрек за препознавање и аргументирано дисквалификување подметнати клеветнички декларации, меморандуми и други документи на нејзини земји-членки“! Македонската надворешна (евроинтегративна) политика не смее да се олабави во однос на бугарското дејствување во институциите на ЕУ. Потребни се внимателност и принципиелна стратегија, особено имајќи го предвид искуството со претходниот бугарски меморандум за македонските евроинтеграции од 2020 година, кој, наводно, никој во ЕУ не го разбираше и не го прифаќаше, па дојдовме до француски предлог за внесување на Бугарите во македонскиот устав, како уште еден „услов без кој не се може“ за да почнат преговорите за членство во Унијата

Македонија активно да ги препознава и превенира бугарските опструкции во ЕУ

И покрај тоа што на своја кожа ја почувствува неправедноста на европското вето за влез во шенген-зоната, Бугарија се чини и понатаму не се откажува од својата стратегија за опструкција на евроинтеграциите на Македонија со злоупотреба на принципот на едногласност во одлучувањето за проширување на ЕУ. Иако Советот на ЕУ, на состанокот на 13 декември, ја одбил бугарската декларација со која се барало „ефективно гонење и осуда за злосторства од омраза од страна на властите во Македонија“, самото поднесување на овој предлог-документ останува како „пишана трага“ во бриселската администрација за континуитетот на бугарските позиции во однос на македонските евроинтеграции. Софија барала нејзината унилатерална изјава да влезе во заклучоците на Советот за општи работи во делот за Македонија, но министрите го одбиле тоа барање.
Овој пат, Бугарија со својата предлог-декларација се обидела да ги „европеизира“ своите провокации со формирање бугарски „културни“ клубови во Македонија, именувани според контроверзни историски личности, со фашистичко-колаборационистичка биографија. Со неуспешната предлог-декларација, Бугарија всушност ги конкретизира претпоставките дека клубовите што ги отвораше во Македонија беа токму со намера да предизвикаат инцидентни реакции, за потоа во ЕУ да ги капитализира како „загриженост за напади предизвикани од говор на омраза“.
Во контекстот на тоа сценарио, бугарската заменик-министерка за надворешни работи, Велислава Петрова, пред разгледувањето на предметната декларација на Советот за општи работи на ЕУ, изразила сериозна загриженост поради зголемениот број напади мотивирани од омраза и насочени против граѓани на Македонија со бугарски идентитет. Бугарските медиуми пренесуваат дека „Бугарија е длабоко вознемирена од зголемениот број инциденти и напади врз организации на граѓани на Македонија со бугарска самосвест, како и од фактот што истрагите не се водат на соодветен начин и нема ефективни казни“.
Медиумот „Еуроактив“ објави дека Бугарија дури побарала во заклучоците на Советот на ЕУ да влезе одредба за кривични дела поттикнати од омраза во однос на Македонија, барајќи кривично гонење на таквите дела врз етничките Бугари кај балканскиот сосед.

Софија, според „Еуроактив“, побарала дополнување за „активно следење на истрагите и пресудите за злосторства мотивирани од омраза против бугарската заедница, кои остануваат приоритет“. И според процените на „Еуроактив“, предлог-декларацијата на Бугарија била резултат на нападите на двата бугарски културни центри, во Битола и во Охрид.
Македонскиот вицепремиер за евроинтеграции Бојан Маричиќ потврди дека „унилатералната декларација на Бугарија не е дел од заклучоците и тој нивни поединечен став не бил прифатен од другите земји“. Иако оваа една „акција“ на официјална Софија за компромитација на македонското евроинтеграциско досие е отфрлена, како предизвик за Македонија, но и за ЕУ и понатаму остануваат препознавање и аргументирано дисквалификување подметнати клеветнички декларации, меморандуми и други документи на нејзини земји-членки. Предизвикот за институциите на ЕУ е колку се тие отпорни на упорноста во опструктивното дејствување на нејзините земји-членки спрема земјите-кандидатки, а притоа ги злоупотребуваат механизмите на Унијата, девалвирајќи ги нејзините принципи. Но и македонската надворешна (евроинтегративна) политика не смее да се олабави во однос на бугарското дејствување во институциите на ЕУ. Потребни се внимателност и принципиелна стратегија, особено имајќи го предвид искуството со претходниот бугарски меморандум за македонските евроинтеграции од 2020 година, кој, наводно, никој во ЕУ не го разбираше и не го прифаќаше, па дојдовме до француски предлог за внесување на Бугарите во македонскиот устав, како уште еден услов за почеток на преговорите за членство во Унијата. Најновата бугарска предлог-декларација до Советот на ЕУ, иако овој пат неуспешна, го наметнува прашањето – колку воопшто е подготвена македонската надворешна политика (дипломатијата) да се справува со бугарските подметнувања во „европско руво“.

– Како држава-членка на ЕУ, Бугарија има можности да доставува разни предлози и тие, веројатно, ќе имаат цел да создадат перцепција дека Македонија не ги почитува човековите права на Бугарите во државата или дека тие се предмет на омраза и насилство. Таа состојба, пак, би можела да се искористи како алиби за евентуално ново вето во текот на преговорите. Нашата дипломатска мрежа треба подготвено да ги дочека сите овие чекори преземени од страна на Бугарија, аргументирано да ги претстави реалните состојби и да спречи усвојување документи што можат да влезат во нашето европско досие. Истовремено, би требало да се обесхрабрат сите чекор кај нас што би можеле да се протолкуваат како говор на омраза, односно да не се наседнува на провокациите што имаат цел создавање негативна слика за државата пред европските институции – вели поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски.
Поранешниот македонски амбасадор Љупчо Арсовски цени дека опструктивната бугарска политика во ЕУ спрема Македонија ќе биде дел од нивната стратегија сѐ додека бугарските политичари сметаат дека од тоа ќе имаат придобивки на внатрешнополитички план.
– Последниве две години, Бугарија доживува крах на внатрешнополитички план, не успевајќи да добие стабилна влада и низ пет изборни циклуси во овој период. Спроведувањето опструктивна стратегија спрема Македонија во ЕУ е резултат на некаква процена на политичките партии во Бугарија дека тоа може да им биде од корист на внатрешнополитички план. Сепак, сѐ повидливи се реакциите на бугарската интелектуална јавност, која ја има проѕрено оваа „игра“ на бугарските политички партии. На бугарската политика не ѝ е лесно да се справува со нејзините актуелни реални проблеми, но нема да излезе од нив пренасочувајќи ги на соништата за санстефанска Бугарија и излезот на топлото море. Создавањето проблеми за Македонија во ЕУ нема да ѝ ги реши проблемите во Бугарија. Колку побрзо го прифатат тоа во Софија, толку побрзо ќе можеме да градиме вистинско добрососедство. Во меѓувреме, македонската надворешна политика не смее со прифаќање уцени и непромислени моментални решенија да импровизира добрососедски односи.
Македонско-бугарските соседски односи имаат голем дипломатски багаж, кој не може да се решава со триесетина фрази, како во билатералната така и во комуникацијата со јавноста. Добра автентична основа за градење на добрососедството има во Резолуцијата за добрососедски односи на Балканот, изгласана во 1997/98 година во ООН, како предлог на Македонија, а еден од авторите беше тогашниот амбасадор во оваа организација Насте Чаловски – вели амбасадорот Љупчо Арсовски.