Фото: Игор Бансколиев

Учебната 2022-2023 година ќе започне на 1 септември, за околу 255 илјади основци и средношколци. За разлика од минатата година, наставата од новата учебна 2022/2023 година ќе се реализира во отворени училишта и без антиковид-протоколи и обврска за носење заштитни маски.
Засега не се предвидуваат никакви дополнителни превентивни мерки, освен оние што се актуелни и во сила – за болниците, јавниот превоз, аптеките и за домовите за стари лица. Конкретно за училиштата, засега нема – изјави д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.
Од Министерството за образование и наука соопштија дека веќе се усвоени новите наставни програми и објавени на календарите за организација на работата на јавните средни училишта и на основните училишта.
Сите постапки за одобрување на учебниците за прво, вторo, четврто и петто одделение, за кои се подготвени нови наставни програми, се во различна завршна фаза на одобрување, така што, при евентуално одолжување на постапките и по почетокот на учебната година, учениците ќе го совладуваат знаењето преку подготвени соодветни материјали, додека не ги добијат новите учебници. За другите одделенија, набавката на учебници со откуп исто така е во завршна фаза и се очекува да бидат дистрибуирани до училиштата кон крајот на овој месец. Според Министерството за образование и наука, за да се задржи континуитетот, заедно со Бирото за развој на образованието има подготвено соодветни наставни материјали за овие ученици од кои ќе учат на почетокот на учебната година.
Министерството информира дека сите учебници за четврто и за погорните одделенија, освен во печатен формат, ќе бидат достапни и во електронска верзија на порталот e-ucebnici.mon.gov.mk. Д.Ст.