Фото: Игор Бансколиев

Неодамна Александар Сорос, син на милијардерот Џорџ Сорос, објави дека се сретнал со северномакедонскиот вицепремиер Артан Груби, кој, пак, го премолчи ваквото погрешно и злонамерно ословување, кое како да станува практика во меѓународната политика. По ова, веднаш реагираше холандскиот експерт за Западен Балкан, Ханс ван ден Берг, кој појасни дека не постои такво нешто како „северномакедонски“, само македонски. „Ова го знае секој студент од прва година на балкански студии“, нагласи Берг. Но дали странците треба да нѐ бранат од вакви напади и провокации или тоа е обврска на домашните политичари и институции? Или можеби некој намерно креира премолчено одобрување на „новата северномакедонска реалност“ како вовед во операцијата за целосно бришење на македонскиот идентитет

КОГА СТРАНЦИТЕ ГИ ПРОСВЕТЛУВААТ ДОМАШНИТЕ ПОЛИТИЧАРИ

Процесот на креирање нов „северномакедонски“ идентитет продолжува со полн интензитет. а секојдневните наводни „лапсуси“ од страна на странските политичари и други влијателни личности само говорат дека станува збор за добро осмислено сценарио, кое има цел постепено да ја одомаќини употребата на терминот „северномакедонски“.
Во прво време на ваквите обиди реагираше македонското МНР, но зачестеноста на употребата на оваа нова кованица доведе до тоа веќе и дипломатијата да крене раце и да им препорача на граѓаните сами да алармираат на ваквите недоследности и да ги коригираат.
И додека граѓаните сериозно ја сфатија оваа препорака и секојдневно реагираат на ваквите провокации, се чини дека нема реакција од оние што ја замесија целата каша околу преименувањето на нацијата со промената на името на државата, па наместо тие да бидат најгласни и да го бранат „забетонираниот“ идентитет, едноставно молчат.
Последен ваков пример е твитот на Александар Сорос, син на милијардерот Џорџ Сорос, кој сега ја води фондацијата „Отворено општество“ и кој неодамна се сретна со првиот вицепремиер Артан Груби.
– Одлично се запознав со мојот добар пријател, северномакедонскиот вицепремиер Артан Груби – објави Александар Сорос на својот твитер-профил.
На сето ова воопшто не реагираше првиот вицепремиер Груби, кој прима плата од државата и кој треба да ги брани нејзините интереси, со што на некој начин како директно да ги охрабри сите оние што работат на промената на македонскиот идентитет.
И додека Груби одмолче, реакција стигна од Холандија и од луѓето што низ нормална дипотрија ги набљудуваат актуелните случувања во Македонија, со јасна порака дека „северномакедонски“ идентитет не може да постои.
– Не постои такво нешто како „северномакедонски“, само македонски. Ова го знае секој студент од прва година на балкански студии. Другиот твој македонски пријател, Никола Димитров, напиша јасно, веднаш по „Преспа“, за тоа како треба и како не треба. Неверојатно е тоа што ви недостига основно познавање на најважните работи на Западен Балкан – реагираше холандскиот експерт за Западен Балкан, Ханс ван ден Берг, под твитер-објавата од Александар Сорос за неговата средба со вицепремиерот Артан Груби.

Повеќе од јасно е дека кога нема соодветна реакција од македонските политички претставници и институции, тоа ќе биде сфатено како премолчено одобрување на „новата северномакедонска реалност“ и финале на операцијата за целосно бришење на македонскиот идентитет. Ако сега реагираше Ван ден Берг, прашање е дали утре некој друг ќе застане во одбрана на Македонците кога тие што треба да го прават тоа, молчат и не реагираат.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека овој процес на креирање нова нација е во полн ек и дека тоа тешко ќе се спречи.
– Постои премолчна согласност од страна на нашата влада ние да бидеме „северномакедонци“. Во Македонија имаме министри на кои апсолутно не им е гајле за македонските интереси, туку гледаат само да ги задоволат и заштитат нивните лични интереси. Ова ословување „северномакедонски“ со време ќе помине и веќе никој нема да реагира, бидејќи народот едноставно ќе се навикне на тоа – вели Пекевски.
Според него, нема зошто да се очекува реакција од првиот вицепремиер кога за него грижата за македонскиот идентитет не е воопшто во неговата агенда.
– Кога се зборува за заштита на идентитетот, јасно ни е дека ниту на Груби, ниту на Османи, ниту, пак, на некој друг му е гајле за македонскиот идентитет. Тие никогаш не се бореле за македонскиот идентитет оти не ја доживуваат Македонија како своја држава. За нив во прв план се албанските интереси, додека македонските се ставени ад акта. Значи, кога станува збор за ДУИ, за нив никогаш интересите на Македонија не биле во игра, така што апсолутно не ги интересира кој како ги ословува Македонците, а уште помалку ќе реагираат на тоа – нагласува Пекевски.
Тој понатаму уште додава дека не треба да нè зачудува во иднина оваа употреба на терминот „северномакедонски“ уште повеќе да се засилува, бидејќи нема никој во државата што ќе му се спротивстави на тоа.

– Тоа е веќе е прифатено од самите политичари во земјава, едните за да останат на власт, а другите да не ја рушат сопствената позиција – смета Пекевски.
Негова оцена е дека главната цел за зачестена употреба на терминот „северномакедонски“, прво за народот, па потоа и за јазикот, е да се стави точка на македонското прашање на Балканот.
– Се работи за решавање на македонското прашање на начин што целата ситуација е на штета на Македонците. Најпрво требаше идентитетот да ни биде бетон, се виде дека не е така. Се тврдеше дека не се преговара за јазикот, и тоа не излезе така. Крајна цел е да се создаде „северномакедонска“ нација и така да се затвори прашањето со Македонците – оценува Пекевски.
Со неговата оцена се согласуваат и други познавачи на состојбите, кои сметаат дека повремената употреба на терминот „северномакедонски“ од страна на странски политичари или претставници на разни фондации, здруженија, не е воопшто случајна и во ниту еден момент не станува збор за некакви лапсуси, туку целта е негово одомаќинување кај македонскиот народ и постепено прифаќање на „новата реалност“.