Парламентарни избори во Грција
Партијата Нова демократија убедливо победи на предвремените парламентарни избори што се одржаа во неделата во Грција, со освоени над 40 отсто од гласовите, двојно повеќе од СИРИЗА.
Нова демократија обезбеди 146 пратеници, пет помалку од потребниот минимум од 151 пратеник за мнозинство во парламентот, кој овој пат го сочинуваат пет партии, откако МЕРА25 не успеа да освои три отсто од гласовите и да го премине изборниот праг за место во парламентот.
Како што покажуваат официјалните податоци од Министерство за внатрешни работи на Грција, на второто место е СИРИЗА, трета е ПАСОК-Движење на промена, а потоа следуваат Комунистичката партија и Грчко решение.
– Динамиката на резултатот е повеќе од јасна: граѓаните сакаат силна влада, со хоризонт од четири години, со похрабри промени за да можеме брзо да го покриеме изгубеното што сè уште нè дели од Европа. Јас сум првиот што знае колку работа имаме сега пред нас. Потребна ни е влада што навистина верува во реформите, но и способна да ги спроведе – истакна Мицотакис по објавувањето на резултатите.
Лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, го призна поразот и телефонски му ја честита победата на Мицотакис, признавајќи дека овој изборен резултат е негативен за политичката опција што тој ја предводи.
Актуелните изборни резултати не овозможуваат формирање влада, така што извесно е дека Грција ќе оди на втори избори, кои се најавуваат за крајот на јуни или почетокот на јули.