Приказни од 10 век

Приказна бр. 1: Бугари

Почнува уште некаде во 5 в., па и порано, додека еден народ, во најстарите (кинески) документи познат како Тинг-Линг, кој важел за најзападен од турските народи, постојано и се селел сѐ поназапад и поназапад (Кафезоглу, Türk Milli Kültürü, 2004, стр. 199). Во 5 век, во времето на Атила, се погодило да се најде во неговата империја, а по нејзината пропаст, еден од нејзините водачи по име Органа основал држава позната како Голема Бугарија, или Оногурија. Таа брзо се распаднала, но се појавила нова, позната како Бугарија на Волга. Нејзиниот основач, Кубрат, бил внук на овој Органа. Најмалиот од петте сина на овој Кубрат, по име Аспарух, на местото на старословенски познато како Ѫнгъл (или по модерно Агол), или на турски Буџак, кај брегот на Црно Море, основал уште една држава, позната како Бугарија на Дунав (Хроника на Теофан Исповедник, Оксфорд 1997). Тоа е средновековна Бугарија, Бугарија на хановите Крум, Аспарух итн. Името на поранешната држава Оногурија доаѓа од етничкото турско име On Oğur, односно Он О‘ур, или во превод десет Огури; тоа било конфедерација од десет огурски племиња, а терминот Огур означува разгранок од турските народи, истото тоа што кај Словените, на пр., би ги означувале термините Анти, Склави или Венди. Турскиот народ кој денес живее во денешна Турција му припаѓа на разгранокот Огуз. Во имињата на овие два турски разгранока, Огуз и Огур, има фонетска промена z > r. Огуз и Огур се, всушност, еден ист збор, со фонетска промена на з во р. Истата промена, на пример, ја има и во денешниот турски збор за бројот девет. Тој на современ турски јазик гласи dokuz, додека на јазикот на бугарското царство, забележен на пр. во Паметникот на бугарските ханови од 9 век, гласел tokur. Истиот збор, само со обезвучено t на почетокот и r наместо z на крајот. Упатените во јазиците и посебно во индоевропеистика ќе знаат, веројатно станува збор за рана фонетска промена што ги двои турските народи на различни дијалектни групи, слична на појавата што индоевропските ги дели на сатем и кентум јазици. Значи, народот е сосема ист како тој на денешните Турци, но поради рано просторно раслојување се случиле фонетски промени што ги одвоиле едни од други. Природен процес во јазиците.
Владетелите на овој народ, кој на Балканот дошол во 7 в., се опишани во Паметникот на бугарските ханови, документ од 9 в. напишан на кирилица, кој претставува список на сите бугарски владетели од времето на Аспарух па натаму. Напишан е на кирилица, меѓутоа јазикот е турски. Одат, како што почнува, Аспарух, па понатаму (не ги даваме овде по ред) Омуртаг, Кормисош, Тервел, Авитохол итн. Сите се бугарски (односно турски) имиња, сѐ до царот Борис (и Борис треба да е турско; но кога се покрстил, царот го сменил во Михаил и оттогаш натаму имињата, без да им ја сменат и народноста, се разбира, им се христијански).

Потоа се христијанизирале, а тоа станало вака (Кларк, Turkеy, Њујорк, 1900, стр. 324-325). Сестрата на овој бугарски хан Борис (кај Кларк Богорис) била воспитаничка на византискиот двор и ја примила христијанската вера. Воодушевена од неа и културата, сакала и брат ѝ да ја прими. Борис покажал интерес, па од дворот бил испратен сликар по име Методиј, кој нацртал толку убава слика за Денот на страшниот суд, што бугарскиот владетел се воодушевил и ја прифатил верата. Кларк овде додава и дека Бугарите често на фреските го претставуваат Св. Методиј со четка в рака, т.е. како сликар, што значи дека овој Св. Методиј и Св. Методиј, братот на Кирил, биле различни луѓе. Т.е. Св. Методиј, братот на Кирил, не е личноста што ги покрстила Бугарите. И воопшто, од целиот опис се гледа дека станува збор за различен настан, дека христијанизирањето на турските Бугари од средниот век било различен настан од тоа на Словените од истото време.
Понатаму, откако ја примил верата, Борис се повлекол во манастир и го оставил својот син Владимир, познат како Владимир Расате, да владее; но Владимир се побунил и се обидел да ги врати старите турски вера и обичаи. Се разбира, Владимир и сам бил Турчин, Владимир му е крстеното име; се смета дека вистинското име му било Маламбер. Меѓутоа, Борис, тогаш веќе Михаил, се вратил од манастир, го тргнал Владимир од престолот и ставил друг свој син, Симеон. Кратко по ова, се одржал Преславскиот собор (893), на кој отпорот против христијанизацијата бил конечно отфрлен и се вовела кирилицата.
Потоа, колку што може да се види од изворите, следувале уште тројца веќе христијанизирани бугарски владетели, Петар I, Борис II и Роман. Со него завршуваат владетелите од туркско-бугарско потекло. Роман, последниот бугарски наследник на круната, додека бил во Цариград бил скопен, за самиот тој да нема наследник, и по неговата смрт круната процедурално минала на неговиот прв војсководец, односно на Самуил. По ова, овој народ од турско потекло се претопил во тамошните Словени и веќе не останало трага од него.

Приказна бр. 2: Словени

Тие дошле некаде во 4-5 в. од н.е. на овие простори и го освоиле теренот од Византијците. Живееле некој век-два во свои слободни држави, и потоа Византијците пак ги преосвоиле. Во 7 в., кога дошле претходно споменатите турски Бугари, ги покориле и нив, и ги ставиле под своја власт. Но околу два века по ова, по смртта на последниот бугарски владетел, Роман, пак се ослободиле под власта на Самуил.
Чисто за споредба со нив, и како што знаеме, Словените се христијанизирале на следниот начин. Некаде во 9 в. (885 г.), по претходно барање од Моравија, било изумено словенско писмо, биле преведени книги на тоа писмо и биле испратени проповедници да ја шират новата вера меѓу западните Словени. Но тоа писмо било глаголицата, за кое се знае дека го измислил Св. Кирил. Мисијата не успеала, некои од проповедниците биле изгонети, некои продадени како робје, некои побегнале пак во Бугарија, која тогаш веќе била христијанска, и се вратиле меѓу Словените да проповедаат таму. Пак на глаголица, и глаголицата тука и во други словенски краишта (Босна и Далмација) се задржала доста долго, уште неколку века.
Св. Климент не можел да биде нејзиниот автор. Тој во Моравија бил на само 23 години, таму постојано доживувал гонења, и кога конечно биле протеран, во 886 година веќе дошол во Охрид, каде што до 893 г. работел на „проповедта на Евангелието кон паганите“ (односно локалното население) (Оболенски, Six Byzantine Portraits, 1988: 25). А соборот во Преслав бил во 893, и претходно веќе морало да има изработена азбука за да се понуди. А и, според датумите, глаголицата и кирилицата биле создадени приближно во исто време. Глаголицата се смета дека била создадена некаде во 885. Па и да била порано, и кирилицата морала да биде создадена пред Преславскиот собор. Значи, приближно во исто време. Нема логика едната да била упростувана, поверојатно е дека двете биле истовремено создадени за две различни мисии. Меѓутоа, туркските Бугари требало да бидат и словенизирани, за сите заедно да влезат како еден христијански народ под капата на Византија и, можеби, за сѐ да биде едно и исто, за да нема двоења, различни народи и слично, и азбуката требало да биде иста. А бидејќи Словените биле побројни, поопасни и повеќе се држеле до своите традиции, можеби подобро било нивната традиција да се уништи, а да се наметне нешто друго.
Значи, мислиме дека е јасно дека станувало збор за два различни народа и две различни христијански мисии: една за туркскиот бугарски народ од 9 в., друга за Словените.
Така, по последниот бугарски престолонаследник, Роман, од дедовци Кормисош, Богорис, Маламбер, власта и круната процедурално прешле на Самуил, од татко Никола и со син Гаврил Радомир и ќерки Косара, Мирослава итн. Така, круната и државата останале исти, но народот веќе не бил истиот народ. Круната и државата паднале сега во рацете на Словените, што кренало аларм во Византија. Бројноста на Словените била далеку поголема од таа на туркските Бугари, а и самите Бугари биле донесени како сојузник против Словените. Затоа во годините што следуваат, Византија се насочила на само една единствена цел: да се уништи таа држава, која преминала во рацете на Словените.
Кога тоа успеало, јадрото на отпорот, преку наследниците на Самуил по женска линија, останала Дукља, подоцна Зета и денес Црна Гора. Таа успевала да пружа отпор уште некое време, сѐ додека напорите на Византија да се уништи секаква аристократија што би можела да го поведе народот дале плод. Словенската аристократија конечно била уништена и народот веќе немало кој да го води.

Приказна бр. 3: Срби

Јадранските кнежевства Дукља (подоцна Зета, денес Црна Гора), Захумје, Тервунија и Нарента, или Паганија, веќе биле таму, заедно со другите Словени, уште во 4-5 в. Пак подоцна, пак околу 7 в., во времето на императорот Хераклиј, во континенталниот дел, зад овие јадрански кнежевства, дошол уште еден народ, кој тогаш бил опишан како Срби (Порфирогенит). Овој народ, околу 11 в., за време на Константин Бодин, станал моќна балканска држава и ги обединил словенските земји на тој простор, кои оттогаш се сметаат за српски земји. Како и секаде, веројатно, едно кнежевство се истакнува како најмоќно во однос на други и ги обединува под својата капа. Интересното овде е што има Словени и словенски кнежевства од постаро – и од поново време, од 4 и од 7 в.

Приказна бр. 4: Хрвати

Во истото време, тоа на Хераклиј, заедно со овој народ, Срби, и исто како него, по покана од императорот, дошол уште еден народ, опишан како Хрвати. Тој се населил исто во континенталниот дел зад истите јадрански кнежевства, до Србите, значи зад денешна (и тогашна) Далмација. Еве што вели Порфирогенит (147) за нив: „Сега, откако споменатите Словени се населија, ја присвоија целата околна територија на Далмација; но градовите на Римјаните почнаа да ги обработуваат островите и да живеат од нив; но бидејќи, сепак, секој ден беа поробувани и уништувани од Паганите, ги напуштија овие острови и се оддадоа на обработка на копното. Но беа спречени од Хрватите, бидејќи сѐ уште не им беа трибутари на Хрватите и му плаќаа на воениот управник сѐ што им плаќаат на Словените сега. Наоѓајќи дека им е невозможно да живеат, тие му се обратија на величествениот император Василиј и му го кажаа сето ова. И така величествениот император Василиј нареди сѐ што тогаш му плаќаа на воениот управник да им плаќаат на Словените, и да живеат во мир со нив, и дека малку треба да му плаќаат и на воениот управник, како симболичен знак на подвладеност и покорност кон императорот на Римјаните и кон нивниот воен управник. И оттогаш сите тие градови им станаа трибутари на Словените и им плаќаа фиксни суми… Градот Рагуза е ситуиран меѓу двете земји Захлуми и Тервунија; нивните виногради се во двете земји и му плаќаат на принцот на Захлуми 36 нумизмата и на принцот на Тервунија 36 нумизмата“.
Во одломката се споменуваат Словени, Римјани, Пагани и Хрвати. И вели: „Но беа спречени од Хрватите, бидејќи сѐ уште не им беа трибутари на Хрватите, и му плаќаа на воениот управник сѐ што им плаќаат на Словените сега“. Односно, означени се како да се различни народи или, едноставно, со различни имиња. Очигледно, во тој дел од книгата има лакуна и тој дел кажува повеќе од тоа што го има таму.
Да не бидеме сфатени погрешно, се разбира дека средновековните Бугари ѝ припаѓаат на бугарската историја, се разбира дека ако средновековните Срби се наметнале како најмоќно кнежевство во тоа време, тоа било тоа што ги обединило другите кнежевства околу себе. Kопјата се кршат за овие во средина, кои биле таму и пред едните и пред другите. Меѓутоа, со оглед што станува збор само за четири различни приказни, нема да носиме заклучоци овде.

Зоран Спасовски, научен соработник во Институтот за македонски јазик