Никој од нас не знае колку точно производителите на овие производи ги истретирале културите што се продаваат / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со миењето под вода се отстрануваат само механичките нечистотии и мало количество пестициди, така што многумина користат благ детергент за миење садови и четка, а потоа ја лупат кората, која е полна со хранливи материи. Иако овошјето и зеленчукот на овој начин се мијат многу подобро отколку само со вода, сепак не е доволно да се отстранат остатоците од пестициди. Во различни тестови е докажано дека со различни методи може да се отстрани остатокот од пестицидот за – 75 отсто. Се разбира, не е можно да се ослободиме од сите 100 отсто бидејќи пестицидите навлегуваат длабоко внатре, но и овие 75 отсто се одлични

ОМИЛЕНИТЕ ОВОШЈА И ЗЕЛЕНЧУЦИ минуваат низ МНОГУ ФАЗИ НА третман со разни препарати, што може да претставува закана по здравјето на луѓето

 

Јагодите, јаболката, нектарините, праските, целерот, грозјето, црешите, спанаќот, доматот, краставицата и бабурите се најпрсканите овошја и зеленчуци, кои луѓето секојдневно ги консумираат, мислејќи дека се безбедни за користење. Сепак, нивното третирање со разни препарати за побрзо да узреат и да не бидат напаѓани од разни инсекти претставува голема опасност по здравјето на луѓето. Некои од овие овошја и зеленчуци се прскаат со 15-17 вида пестициди.

Јагодите се прскаат и до 17 пати

Денес како никогаш порано е развиена свеста за здравиот начин на исхрана. Консумирањето здрава храна, овошје и зеленчук во изобилство се најчестите совети што ги даваат лекарите, но и нутриционистите. Сепак, ниту ние како консументи, ниту пак тие како советници не можат да знаат дали овошјето и зеленчукот што редовно ги купуваме се безбедни за консумирање. Со оглед на тоа што сега на интернет се достапни дури и видеа на кои јасно може да се види како се третира храната што ја јадеме, ретко кој може да поверува дека такво нешто има и кај нас. Меѓутоа, факт е дека никој од нас не знае колку точно продавачите на овие производи ги третираат културите што ги продаваат.
Шведските научници докажаа дека инсектите, фунгицидите и регулаторите за раст на растенијата можат да се акумулираат во телата на децата и возрасните. Меѓутоа, ако не консумираме храна загадена со пестициди само две недели, нивото на овие токсини во нашето тело паѓа на нула.
За да се намали ризикот од разни болести, експертите препорачуваат овие видови овошја и зеленчуци да ги избегнувате и воопшто да не ги консумирате, освен ако не ги купувате од човек во кој имате доверба, ако самите не ги одгледувате или, пак, ако ги набавите под ознаката дека се органски.
Тестирањето на поединечни јагоди покажало дека тие се прскани со дури 17 различни видови пестициди, додека грозјето и пиперките се прскани со 15 вида пестициди.

ШЕСТ ЧЕКОРИ ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ОВОШЈЕТО И ЗЕЛЕНЧУКОТ

Ако немате среќа да имате градина и да одгледувате сопствена храна, што треба да направите?
Со миењето под вода се отстрануваат само механичките нечистотии и мало количество пестициди, така што многумина користат благ детергент за миење садови и четка, а потоа ја лупат кората, која е полна со хранливи материи. Иако овошјето и зеленчукот на овој начин се мијат многу подобро отколку само со вода, сепак не е доволно да се отстранат остатоците од пестициди.
Во различни тестови е докажано дека со различни методи може да се отстрани остатокот од пестицидот за – 75 отсто. Се разбира, не е можно да се ослободиме од сите 100 отсто бидејќи пестицидите навлегуваат длабоко внатре, но и овие 75 отсто се одлични.
Најдобрата опција е, се разбира, да јадете ваше органско овошје и зеленчук. Ако тоа не е можно – обидете се да најдете и да купите свежо и висококвалитетно овошје и зеленчук со еко или органски сертификат. Ако дури и тоа не е можно, купете зеленчук и овошје од познаници или од продавачи што одгледуваат локално и берат свежо. Изберете овошја за кои се знае дека се „чисти“. Имајте предвид дека генерално најпрскани овошја се јаболката, јагодите, грозјето, боровинките, праските и нектарините, а најмногу прскан зеленчук се целерот, спанаќот, зелената салата, црвената пиперка, краставицата, компирот и чери-доматите.

Сте купиле овошје и зеленчук за кои не сте сигурни дали се испрскани – што сега?

Меѓу народот постојат неколку методи со чија помош се верува дека овошјето и зеленчукот се прочистуваат од пестицидите. Некои тоа го прават со морска сол, други со оцет додека трети, пак, со сода бикарбона.
„Нова Македонија“ направи анкета со граѓаните, па ви ги претставуваме најчестите начини меѓу граѓаните за кои се верува дека ги неутрализираат штетните влијанија од пестицидите.
Едно од најчестите решенија по кои посегнуваат граѓаните, а кои честопати ги нудат и нутриционистите е да ги потопите овошјето и зеленчукот во вода со лажица морска сол. Така потопената храна треба да остане некаде околу половина час, а потоа добро да се измие.
Граѓаните доста често го користат и растворот од бел оцет со вода. Една шолја оцет и четири вода треба да бидат доволни за да ги прочистат овошјето и зеленчукот, кои стоеле во мешавината околу половина час. За јаболката се препорачува да останат подолго време во растворот. Оцетот може да ги неутрализира повеќето бактерии и пестициди што се наоѓаат на свежата храна.
Многу често се употребува и сода бикарбоната растворена во вода. Една супена лажица сода во половина литар вода е доволно за да се прочистат купените производи за кои постои сомнеж дека се третирани со многу пестициди и разни хемиски средства.
Граѓаните прават и покомплицирани раствори со кои ги третираат производите.
Една лажица лажица сок од лимон, две лажици сода бикарбона и една чаша вода се мешаат додека не се раствори содата. Потоа смесата се истура во шише со распрскувач. Попрскајте ги овошјето и зеленчукот и оставете ги да отстојат околу 15 минути, а потоа измијте ги.
Исто така може да направите раствор од чаша вода, шолја бел оцет, две лажици сода бикарбона и неколку капки екстракт од семки од грејпфрут, кој важи за одличен природен антибиотик. Сето тоа добро се меша, а потоа се прскаат овошјето и зеленчукот. Оставете ги да отстојат околу петнаесетина минути, а потоа измијте ги.

[email protected]