При изготвувањето на прегледот од страна на Народната банка за зелените показатели, во согласност со нивните предвидени активности во рамките на среднорочниот план (на НБРМ) во доменот на управувањето со климатските ризици, особено беа корисни контактите на НБРМ со Министерството за животна средина и просторно планирање и Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ со своите искуства на оваа тема. Целта на изготвениот преглед е „да се подобри расположливоста на податоците за климатските промени, која е суштинска при изработката на анализи и носењето политики“!

Народната банка објави преглед на зелените показатели

Народната банка на својата веб-страница, за првпат објави преглед на зелените показатели, во согласност со предвидените активности во рамките на среднорочниот план на активности на Народната банка во доменот на управувањето со климатските ризици. Целта е да се подобри расположливоста на податоците за климатските промени, која е суштинска при изработката на анализи и носењето политики.
Прегледот содржи податоци и показатели, кои се групирани во три целини, и тоа: показатели за животната средина и енергетика, показатели за климатските ризици и показатели за зелените финансии. Изворот на податоците се различни институции и со овој преглед се прави обид да се соберат релевантните податоци од различни извори на едно место. Податоците и показателите од прегледот имаат цел да послужат како основа за подготовка на анализите поврзани со климатските промени, да придонесат за полесно следење на одржливоста на финансискиот систем и економијата и да помогнат во следењето на трендовите на „зелените“ пазари на капитал. Заедно со прегледот е објавен и методолошки водич со појаснувања и дефиниции на показателите заради полесно разбирање и нивна правилна употреба.
Достапноста на податоците ќе овозможи поблиско следење на климатските ризици и проширување на познавањата за нив. Во изработката на прегледот особено беа корисни контактите на Народната банка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ со своите искуства на оваа тема. Е.Р.