Сета оваа беспоштедна борба на македонското малцинство во соседните земји е најдобрата лекција за тоа како се брани сопствениот идентитет, лекција што очигледно луѓето што управуваа(т) со оваа држава повеќе од три децении како никогаш да не ја научиле. Да биде парадоксот уште поголем, тие (и ние) свесно се откажавме од грижата за сопственото малцинство во соседството, само за да им угодиме на истите тие соседи, кои повеќе од еден век флагрантно спроведуваат очигледни, јасни и несомнени асимилаторски и геноцидни политики кон македонското население
Македонија се откажа од малцинствата
во соседството, но тие не се откажуваат од неа
Македонското малцинство во соседните земји продолжува храбро во својата борба за остварување на основните малцински права, успешно одолевајќи и спротивставувајќи се на сите обиди за асимилација што доаѓаат од најмногу од Софија, од каде што поединци и радикални групи на интерес и натаму дрско се обидуваат македонското малцинство во соседството да го претстават како бугарско.
Бугарски емисари веќе подолг период роварат на територијата на Мала Преспа во Албанија, но и во Гора во Косово, вршејќи отворен притисок врз македонското население да се кажува дека е бугарско, особено сега во пресрет на пописот што наесен треба да се одржи во Албанија.
Но иако и за голема жал Македонија се откажа од грижата за сопственото малцинство во соседните земји, се чини дека Македонците во соседството не се откажаа од својата матична држава. Имено, тие и во услови на притисоци, агитации, уцени и други алатки на застрашување продолжуваат да се декларираат како Македонци и немаат намера да отстапат од тоа ниту милиметар.
Најдобра потврда како се негуваат сопствениот идентитет, јазик, историја и култура е неодамнешната победа на Пали Колефски на локалните избори во Пустец, кој ја доби довербата на македонското население во овој дел на Албанија, кое здружено го однесе во уште една победа во борбата за градоначалник. Завчерашното гласање покажа дека ниту една пропаганда, колку и да е моќна, не може да го разбие македонското ткиво кога постои единство и свест за она што значи македонски идентитет и достоинство. Несомнено, македонските градоначалници во областите населени со македонско население во Албанија најдобро ги знаат потребите на населението, но истовремено тие ќе можат да притискаат до централната власт нивните права да се унапредуваат преку отворање училишта, медиуми, културна размена, а албанската држава да почне посериозно да инвестира во развојот и на овие рурални области на земјата.
Слична победа низ една повеќедецениска борба пред извесно време извојува и македонското малцинство во Грција, кое успеа да овозможи отворање центар за изучување на македонскиот јазик и на тој начин издејствува официјално признание од страна на грчката држава дека на нивна територија постои македонски јазик. Следствено на тоа, штом постои јазик постојат и говорители што го употребуваат тој јазик, така што пред Македонците во Грција сега претстои уште долга борба за остварување на основните малцински права.
Со исклучителен отпор се соочува македонското малцинство во Бугарија, кое и натаму не успева да регистрира какво било здружение, не може да ја манифестира сопствената идентитетска посебност, а уште помалку да го употребува мајчиниот јазик. Не можејќи да ги остварат сопствените малцински права во рамките на бугарската држава, Македонците посегнаа по единствената правна алатка што им стои на располагање, тужба пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Судот пресуди во нивна полза и Бугарија во неколку наврати беше задолжена да спроведе 16 пресуди на овој суд во полза на македонското малцинство, но продолжува и натаму упорно да ги игнорира пораките на судот.
Како и да е, како што растат апетитите на Софија за правата на бугарското малцинство надвор од границите на Бугарија, така официјална Софија ќе се соочува со сè посилен притисок да овозможи исти права и за малцинствата што живеат на нејзина територија, а кои без разлика на бугарскиот „граѓански“ устав, не се Бугари и никогаш не се чувствувале како Бугари.
Сета оваа беспоштедна борба на македонското малцинство во соседните земји е најдобрата лекција за тоа како се брани сопствениот идентитет, лекција што очигледно луѓето што ја предводат оваа држава повеќе од три децении како никогаш да не ја научиле. Да биде парадоксот уште поголем, тие свесно се откажаа од грижата за сопственото малцинство во соседството само за да им угодат на истите тие соседи, кои повеќе од еден век спроведуваат асимилаторски и геноцидни политики кон македонското население.
Соговорниците со кои се консултиравме во целост се согласуваат дека она што македонското малцинство го прави во соседните земји треба да биде пример за овдешните политичари, пример за тоа како се чуваат идентитетот, јазикот и историјата, но и дополнителна обврска Македонија како држава да најде начини да му помага на сопственото малцинство отаде границите.
– Борбата на македонските граѓани што живеат во соседството нема да запре, секако, и тие се доказ дека македонскиот супстрат е историски факт, а родољубието и македонскиот патриотизмот нема да може да се угасат – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
Тој смета дека Македонија како држава, без оглед што во Уставот се откажала од грижата за малцинствата, мора да најде некаква форма да ги помага нашинците во соседните земји, исто онака како што соседните земји постојано испорачуваат барања за сопствените малцинства во Македонија.
– Она што ме загрижува е тоа што македонското малцинство не добива никаква поддршка од Македонија и што бројот на македонското население драстично се намалува. Попусто ни е декларативната поддршка од Македонија и поддршка на социјалните мрежи! На тие луѓе таму им треба и институционален и секаков друг вид поддршка од матицата – категоричен е Пекевски.
И другите соговорници сметаат дека овдешните политичари преку таа борба што со децении ја води македонското малцинство треба да научат како се брани македонската кауза.
– Борбата за права е долга, но ќе даде успех. Ова сега се мали чекори, но така секогаш се почнува, најпрво со мали чекори, а потоа со решителен од. Така се бранат националните интереси, така се чува македонскиот идентитет, со сплотеност и единство за клучните прашања. Овие две работи во моментов ни недостигаат тука во државата, но ги има меѓу македонското малцинство и тоа им е главниот двигател во нивната борба – истакнуваат соговорниците.