Кавадарци може да се пофали дека е град што посветува многу во делот на обезбедување соодветен простор за забава и рекреација на децата. Самиот податок дека во градот има дури 35 игралишта за деца е за почит. Значајно е да се напомене дека во рамките на секое детско игралиште се поставени неколку реквизити за деца со посебни потреби, а едно е целосно наменето за нив, вели Дијана Јовановска, од Одделението за урбанизам и заштита на животна средина во локалната самоуправа во Кавадарци

Зелени оази за секое дете во Кавадарци

Детски џагор, многу возбудувања, радост и насмевки на детските лица е секојдневната слика што го краси новиот гимнастичко-моторички парк наменет за децата од Кавадарци, прв од ваков вид во градот, кој деновиве бележи рекордна посетеност. Овој нов парк, кој го поттикнува адреналинот кај децата, се наоѓа веднаш до забавното игралиште во рамките на големиот градски парк „Љупчо Шкартов“. На радоста ѝ нема крај, со оглед на тоа што се наближува летниот распуст, а засега новиот парк претставува вистински рај за темпераментните момчиња и девојчиња и можност секојдневно да се ужива во играта.

Преку игра децата вежбаат гимнастика

– Самиот наслов на паркот – гимнастичко-моторички – ја покажува и неговата основна намена, преку игра децата да вежбаат гимнастика и да ја развиваат моториката за подобар и правилен раст и развој. Во паркот на површина од околу 400 квадратни метри се поставени вкупно осум елементи: слек-лајн, трупец со полипропиленски јажиња што висат на челична сајла, три летачки сајли поврзани со две јажиња што висат, висечко цикцак на осум јажиња, летачки плочки исто така поврзани со јажиња, јажиња поврзани со херкулес-јаже под плочата, бурмански мост и мост од јажиња – вели Дијана Јовановска, м-р инж. архитектка во Одделението за урбанизам и заштита на животната средина во локалната самоуправа во Кавадарци.
Локацијата на гимнастичко-моторичкиот парк е веднаш до забавното игралиште во градскиот парк, место што повеќе од половина век ја има функцијата на игралиште за деца. Освен промена на сите реквизити со комплетно нови, деновиве ќе следува и лиење со гумена подлога, која многу ќе го промени квалитетот на времето што децата ќе го поминуваат во градскиот парк. Интересно е да се напомене дека моментално веднаш до овој парк интензивно се работи на нов парк наменет за миленици, кој ќе биде ограден со метална ограда. На површината со песок и земја ќе бидат поставени клупи за сопствениците на миленици, фонтани со двојна намена и пет реквизити изработени од дрво, а наменети за милениците. Со завршувањето на паркот на миленици се очекува посетеноста на паркот да биде уште поголема.
– Кавадарци може да се пофали дека е град што посветува многу во делот на обезбедувањето соодветен простор за забава и рекреација на децата. Самиот податок дека во градот има дури 35 игралишта за деца е за почит, плус адреналинска патека (памп трак), скејт-парк и фитнес-игралиште во рамките на спортската сала „Јасмин“, кое оваа година е целосно реновирано и поставени се нови фитнес-направи. Во зимскиот период кога температурите се ниски, децата имаат на располагање и лизгалиште. Покрај во градското подрачје, детски игралишта има и во селата Сопот, Возарци, Дреново, Бегниште, дури две во Марена и прекрасно детско игралиште на излетничкото место Брана, кое неодамна беше целосно завршено и комплетирано со најразлични детски реквизити, а е дел од пешачко-велосипедската патека, која се протега од градот до излетничкото место Моклиште. Покрај изградбата на нови игралишта во периодот од 2019 година, па сѐ до денес, реконструирани се и обновени сите постојни игралишта со нови реквизити од секаков вид, метални, дрвени, пластични обоени во прекрасни пастелни бои привлечни за децата и, што е најважно, сите игралишта се заградени со дрвени огради. Само минатата година реконструиравме и изградивме вкупно 19 детски игралишта, а во 2020 г., девет игралишта. Значајно е да се напомене дека во рамките на секое детско игралиште се поставени неколку реквизити за деца со посебни потреби, а едно е целосно наменето за нив – објаснува Дијана Јовановска.

Дендропарк – практично помагало на учениците од СЗШУ „Ѓорче Петров“

Непосредно пред пуштањето во употреба на гимнастичко-моторичкиот парк во централното градско подрачје, Кавадарци го доби и првиот дендропарк.

„Паркот на револуцијата“, кој се протега на површина од 5.136 квадратни метри во центарот на Кавадарци, неодамна прерасна во дендропарк, односно жива збирка од дрвенести растенија и цвеќиња, како практично помагало за учениците од СОЗШУ „Ѓорче Петров“. Во ова зелено катче учениците ќе учат за еколошките влијанија и интеракциските односи на дендрофлората и животната средина. Во оваа насока, деновиве учениците од оваа училиште заедно со стручните лица од општината и од ЈП „Комуналец“ на Кавадарци посадија нови 130 вида дрвенести растенија и уште 43 нови видови цвеќиња. Дендропаркот во Кавадарци ќе биде втор парк од ваков вид во Македонија и ќе претставува облагородено градско зеленило со посебна намена, кој освен на учениците од шумарското училиште може да му послужи на секој заинтересиран граѓанин, ако сака да научи нешто повеќе за надворешниот изглед на дрвенестите растенија, нивната екологија, значењето и ползата.
Во наредниот период разновидноста на дрвенестите растенија ќе се зголемува со постојано внесување нови видови и сите ќе бидат одбележани со посебни таблички на кои ќе бидат внесени основните податоци за растението. Посетата на дендропаркот ќе овозможи и запознавање со карактеристиките на дрвенестите растенија, особено нивните еколошки својства, кои може да се искористат за поздрава и поубава животна средина. Исто така се планира и изградба на застаклен дел од градината, за растенија што потекнуваат од потопли делови на планета.
Овој прекрасен парк во централно градско подрачје на Кавадарци датира уште од 1958/9 година, но целосната реконструкција беше извршена во 2020 година. Паркот го носи името „Парк на револуцијата“ бидејќи во него се наоѓаат и спомен-бистите на најзаслужните граѓани на Кавадарци. Зелената површина отсега ќе биде уште поубава, бидејќи покрај ладовина во летните денови ќе понуди и нов едукативен елемент користен за учениците и за сите граѓани на Кавадарци и добронамерни посетители во овој град.
Покрај Општина Кавадарци и „Ротари клубот“, како стручни членови во организациската структура се вклучени СОЗШУ „Ѓорче Петров“ и ЈП „Комуналец“, кои ќе се грижат за одржување на паркот.