Фото: Архива

Македонските дипломати во Киев поголемиот дел од времето го поминуваат во скривница додека се прават напори за нивна евакуација од Украина, кажа министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција, посочувајќи дека е во постојан контакт со амбасадата во Киев.

– Ние сме во комуникација со нашата амбасада. За жал, ситуацијата не е добра, особено во Киев. Амбасадорот и дипломатот, како и двајца други граѓани, кои се во амбасадата, поголемиот дел од денот го поминуваат во скривница. Не можат да отидат до нивните резиденции. Тие преспале во амбасадата. Се обидуваме да ги евакуираме – истакна Османи, додавајќи дека се прават аранжмани за евакуација на македонските дипломати до Полска.

Шефот на дипломатијата посочи дека македонските дипломати во Киев остануваат во контакт со македонските граѓани во Украина, каде што даваат патни листови, со кои сепак, засега не може да се излезе од државата.