Претседателски и парламентарни избори 2024
Македонија ја доби првата жена претседател на државата, откако кандидатката Гордана Силјановска-Давкова, поддржана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, и во вториот круг на претседателските избори го победи својот противкандидат Стево Пендаровски, поддржан од владејачката СДСМ и коалицијата.
Според првичните неофицијални резултати на Државната изборна комисија (ДИК), по обработени 90 отсто од избирачките места, Гордана Силјановска-Давкова освои 499.092 гласа, односно 64,88 отсто, додека Стево Пендаровски ја доби довербата на 225.245 граѓани, односно 29,28 отсто.
Дилемата дали ќе биде исполнет цензусот за избор на претседател на државата беше надмината некаде по 18.30 часот, кога стана јасно дека прагот од 40 отсто е надминат, а податоците на ДИК потврдија дека одзивот на претседателските избори изнесува 46,37 отсто и дека Македонија ќе добие жена претседател.
Во однос на парламентарните избори, повторно е регистриран релативно добар одзив од 53,38 отсто, при што по 89 отсто обработени изборни места најголем број на гласови освои опозициската ВМРО-ДПМНЕ, поточно 383.601 глас или 43,04 отсто. Втор според бројот на освоени гласови е СДСМ со 133.913 гласа, односно 15,02 отсто, трета политичка сила е коалицијата Европски фронт, предводена од ДУИ, со освоени 126.171 глас или 14,16 отсто, додека зад нив е коалицијата Влен со 98.325 гласа, односно 11,03 отсто. Понатаму следува Левица со 60.804 освоени гласа, односно 6,82 отсто, додека движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски освои 46.920 гласа, односно 5,26 отсто. С.Т.
Силјановска-Давкова: Граѓаните го направија вистинскиот избор!
Македонските граѓани се одважија без оглед на етничка, верска, социјална и друга положба да излезат достоинствено и да му го дадат гласот на оној што сакаат, изјави претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова синоќа, по објавувањето на неофицијалните резултати од претседателските избори.
– Најголемата честитка ми е до граѓаните. Искрено си се прашувам неколку часа со што ја заслужив оваа чест. Знам дека се подготвував, се посветив, го зборував она што го мислев, но наградата е непроценлива за мене. Тоа значи огромна одговорност. Граѓаните покажаа граѓански имунитет и отпорност на притисоците, оти да повикувате на бојкот е партиски притисок. Значи, се одважија македонските граѓани да излезат стамено, достоинствено и да му го дадат гласот на оној што го сакаат. Не ги убедував граѓаните дека сум најумна, најдобра и секогаш оставав сами да одлучат и мислам дека направија вистински избор. Има ли поголема промена од тоа што жена за првпат ќе биде претседател. Кога ќе се опкружам со жени околу мене, стамени, со став, тоа за мене е реформски чекор – истакна Силјановска-Давкова.
Според неа, ова не е време за триумфализам, не е време за фалби.
– Среќна сум, иако не знам што значи тоа да се чувствува некој како претседател, но ќе направам сѐ за да ги бранам државните и националните интереси. Јас сум горда и на новинарството и на граѓаните во Македонија и на луѓето што учествуваа во изборниот натпревар – порача Гордана Силјановска-Давкова.
Пендаровски: Мојот концепт не доби поддршка од граѓаните
Актуелниот претседател Стево Пендаровски синоќа ѝ ја честиташе победата на својата противкандидатка Гордана Силјановска-Давкова на претседателските избори, како и на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори.
– Резултатите се јасни и сакам во согласност со резултатите што ги видовме досега да им честитам на победниците, да им посакам успешна работа во следните четири односно пет години. Мојот концепт за мултиетничка Македонија целосно интегрирана во евроатлантските структури денеска, за жал, не доби мнозинска поддршка од граѓаните, меѓутоа јас сум длабоко уверен дека само таква Македонија може да биде просперитетна и демократска држава. Во таа смисла мојата совест е мирна. Не сум сигурен дека совеста им е мирна на оние што, тргнувајќи од теснопартиските и лични и политички интереси, денеска ефективно спречија илјадници наши граѓани да го земат и второто ливче и да гласаат и на претседателските избори. Но, како што реков, резултатите, наспроти сѐ, се јасни и уште еднаш им посакувам успех на оние што денеска ја добија мнозинската доверба на македонските граѓани – порача Пендаровски.
Мицкоски: Историска победа на народот
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ доцна синоќа во обраќањето по изборната победа порача дека е дојдено време државата да тргне напред
– Успеавме, успеавме. Победи Македонија, историска победа на народот. Криминалот, корупцијата, неспособноста, тендерите, одземената држава, непотизмот и уште стотина други последици што направија државата да страда, а народот да е разочаран, вечерва конечно се поразени. Поразени се предавствата и поделбата. Тие стотина луѓе од ДУИ и СДСМ што мислеа дека се господари на нашите животи, нив денеска ги боли главата, има и зошто, ќе одговараат до последниот. Секој што направил криминал и спровел корупција, мора да има одговорност што ќе се темели на правда и закони. Поразен е и бојкотот на ДУИ – рече Мицкоски.
Тој рече дека уште во првите сто дена планира да се почувствуваат резултатите од нивната работа и најави инвестиции и добри вести за граѓаните и за македонската економија за кратко време. Мицкоски уште еднаш најави дека научиле од грешките и дека ќе работат за да ги остварат сите дадени ветувања, а дека новата влада ќе им служи на сите граѓани и ќе работи за интересите на државата.
Ковачевски: Разочарувачки!
Претседателот на владејачката СДСМ, Димитар Ковачевски, по објавувањето на изборните резултати, ѝ ја честиташе победата на претседателската кандидатка Гордана Силјановска-Давкова, како и на нивниот политички ривал ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека ова за нив е разочарувачки резултат.
– Им ја честитам победата на ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски, а исто така ѝ ја честитам и победата на Гордана Силјановска-Давкова за претседател на државата. Денешниот резултат е разочарувачки. Во наредните месеци ќе ги анализираме резултатите. И јас и партиското раководство имаме одговорност, како и сите функционери на централно и локално ниво. СДСМ треба да погледне и да види кои се слабостите, уште поважно е тоа што треба да направи зa да ја поврати довербата кај граѓаните. Затоа повикувам на внатрешни избори во партијата, како на претседателот, така и на сите партиски тела. Ни треба длабока кадровска промена – рече Ковачевски.