Фото: Маја Јаневска-Илиева

Билатералните односи помеѓу Македонија и Албанија никогаш не биле подобри од тоа што се денес и слободно можеме да кажеме како два соседа може и треба да соработуваат, истакна премиерот Димитар Ковачевски во официјалното обраќање на денешната заедничка седница во Скопје на владите на Македонија и на Албанија.

– Не толку одамна целиот Балкан беше во заложништво на ретроградни политики. Потребна беше визија да се види регионот како целина, своите држави како дел од целината и да се дејствува во правец на заедничка европска иднина. Потребни беа прогресивни раководства кои можат да се издигнат над личните политички интереси и лидери кои гледаат напред и кон утре. Повеќе од јасно е дека заедно секогаш можеме повеќе затоа за неколку кратки години преку искрена политичка волја за напредок ние постигнавме и многу повеќе од тоа што можеше тогаш да се замисли. Билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Република Албанија никогаш не биле подобри од тоа што се денес. Слободно можеме да кажеме дека сме пример како два соседа, може и треба да соработуваат – рече Ковачевски.

Тој се осврна и на соработката во услови на криза како во рамки на иницијативата Отворен Балкан и во рамки на Берлинскиот процес, на унапредувањето на билатералните односи и соработката во сферата на одбраната како  рамноправни партнери од доверба на НАТО и на САД.

– Некои не веруваа, но ете ние заедно зачекоривме и во европските интеграции. На 19 јули двајцата во име на нашите држави и граѓаните ја имавме честа да ги чуеме зборовите „ги означувам преговорите за започнати“ кои ги изговори чешкиот министер за надворешни работи. Вашата поддршка и твојата поддршка на политичката маса во тие денови во Брисел е непроценлива и јас засекогаш ќе ја паметам и ценам. Како што се вели во маката се познаваат пријателите, а ти Еди и вие почитувани колеги од Албанија покажавте вистинско и искрено пријателство и недвосмислена поддршка и на европскиот пат, но и при нашето зачленување во НАТО. Ние имаме иста цел полноправно членство и на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ. Како прогресивни влади вложивме многу труд и покажавме дека само со соработка има напредок – потенцира Ковачевски, нагласувајќи го значењето на реализацијата на проектите за инфраструктурно поврзување на двете земји.

Тој додаде дека ни претстои „да пристапиме и кон други потреби чекори во Парламентот“, со цел во динамичен процес да ги заокружиме пристапните преговори со ЕУ.

– Нема простор повеќе за оправдување, кои што би го закочиле пристапот на евроинтеграции на нашата држава. Сега се е во наши раце. Очекувам пратениците да покажат одговорност и во Парламентот со цел да продолжиме брзо да се движиме кон ЕУ. Како што заедно ги започнавме преговорите, Северна Македонија и Албанија ја имаат можноста заедно и да ги завршат преговорите – порача премиерот Димитар Ковачевски.

На  меѓувладината седница официјално обраќање имаше и албанскиот премиер Еди Рама по што започна отворена дискусија помеѓу министрите од двете влади.

Во регионот нема друг пат на соочување со предизвиците и тешкотиите – од климатските промени до конвенционалните војни, освен соработката, создавањето нови синергии и адаптирање со една состојба каде сите ние во регионот сме многу мали, а имаме многу да направиме едни со други, изјави албанскиот премиер Еди Рама на заедничката владина седница во Скопје.

– Денес нашите две земји го отворија процесот на преговори и фактички направија голем исчекор напред. На 6 декември во Тирана ќе се одржи Самит на ЕУ со Западен Балкан и ние ќе бидеме таму заедно. Верувам дека таму ќе направиме исчекор повеќе, со цел Унијата да не вклучи повеќе во сите напори за да се организираме во пресрет на високите цени на електрична енергија и инфлацијата. Од друга страна да изградиме заеднички план што ќе ни даде можност да гледаме подалеку од оваа фаза што е многу тешка, тмурна и која мораме да ја надминеме, рече Рама.

Албанскиот премиер оцени дека не мора да очекуваме крај на војната за да проектираме иднина, а од овој аспект, додаде тој, Албанија и Македонија направија подготовки обидувајќи се да се проектираат во иднината, од аспект на Западен Балкан, како наш регион и ЕУ како наша дестинација.

– Верувам дека „Отворен Балкан“ ни даде нови можности да гледаме подалеку во однос на вчера за да разбереме како можеме да ја надминеме денешнината и истовремено да проектираме иднина што максимално ќе ги зголеми способностите на нашите змеји да се здобијат со поголем простор, отколку што е нашиот простор географски сега – нагласи Рама.

Албанскиот премиер потсети на резултатите направени во рамки на „Отворен Балкан“ и рече дека ќе продолжат да го поддржуваат Берлинскиот процес, бидејќи, како што кажа, тие две се поврзани една со друга.

– Дојдено е времето да се проектираме повеќе со поголема силина и со поголеми амбиции и после воениот период и на време да го добиеме максимумот денес, со способноста да се создаде поцелосна синергија во европската заедница. Без дискусија дека поддршката добиена од ЕУ за нашите буџети од аспект на соочување со кризата на цената на енергијата е една добра вест, но од друга страна, доколку имаме предвид дека тие фондови се реалоцирање на ИПА тогаш треба да бидеме уште поамбициозни – оцени албанскиот премиер во обраќањето на заедничката владина седница во Скопје.

Ковачевски, одржа тет-а-тет средба со неговиот албански колега непосредно пред одржувањето на меѓувладината конференција на владите на Македонија и на Албанија, при што двајцата ја потенцираа важноста за натамошно унапредување на билатералната соработка, која и сега е на високо ниво.

Како што соопштија од владината прес-служба, премиерите дискутираа за потребата од зацврстување на соработката во повеќе сегменти, особено во овие турбулентни времиња на воени превирања и светска енергетска криза.

На средбата, се посочува, се дискутираше и за евроинтегративните процеси на двете земји и важноста од фокусирана посветеност, сè со цел земјите да станат полноправни  на ЕУ членки до 2030 година. Премиерите Ковачевски и Рама на средбата посочија дека денешната меѓувладина седница е од исклучително значење од што бенефит ќе имаат двете држави и граѓаните, во речиси сите области каде што има потенцијал за унапредување на соработката.

– Премиерите Ковачевски и Рама се согласија дека добрите билатерални односи помеѓу двете земји, се од голема важност и за економскиот развој, како и за продлабочување на бизнис соработката меѓу стопанствениците од двете земји. Негувањето на добрите релации, поврзување на народите, инфраструктурно зајакнување меѓу двете земји е од голема важност за натамошен напредок, беше заклучено на состанокот – се наведува во соопштението.

Во рамки на меѓувладината седница ќе се одржи и церемонија на потпишување на договори и меморандуми од страна на министрите на двете влади со цел продлабочување на соработката помеѓу двете земји.