Илустрација: Ласко Џуровски

Може ли една сиромашна и слабо економски развиена држава, за каква што важи Македонија, да си дозволи едно такво колосално расипништво, во кое, според процените на упатените, „милијарди евра народни пари исчезнуваат континуирано, во неповрат?!“ Според нашите соговорници, економисти и аналитичари, „дури и најбогатите и најмоќни светски економии би крахирале доколку им се случи толкаво губење (проневера) на пари, а камоли една мала и сиромашна држава како што е Македонија“. Компаративната опсервација на состојбите, која ја направи нашиот весник, покажува дека станува збор за изгубени десетици милијарди евра во низа различни сегменти

Македонија во континуитет опустошувана од неодговорноста на носителите на јавната власт

Повеќе милијарди евра народни пари се изгубени, нелегално исчезнати и проневерени во Македонија сиве изминати години поради нечија неспособност, неодговорност, со незнаење и знаење. Или најгрубо народски кажано, со „јавашлак и апашлук“. И додека македонските граѓани мака мачат како да сврзат крај со крај и како да го преживеат месецот, милијарди евра народни пари исчезнуваат во непознат правец и во неповрат. Компаративната опсервација на состојбите, која направи нашиот весник, покажува дека целосно сме потфрлиле во речиси сите сегменти и контролни механизми, што секако придонело и за толкавото „осиромашување и ограбување на државата“. Да почнеме со ред и со конкретни факти и бројки да видиме колку чини домашната (не)одговорност.

ЛЕТАЛНИТЕ УДАРИ ВРЗ ЕКОНОМИЈАТА

Ако економијата на секоја држава е двигател на развојот и клучен предуслов за благосостојба на нејзините граѓаните, македонската економија со години се соочува со низа системски и структурни слабости, кои ја урнисаа до самото дно. Така, наместо да генерира економски раст, одржлив развој, раст на БДП, стопански и граѓански просперитет и повисок стандард, домашната економија се соочува со неконкурентност, загуби, ненаплатени даноци, огромно незадоволство и минусни салда.
– Време е по 30 години државата да направи пресек и да ја стави економската активност како врвен приоритет. Само така може да очекуваме и економски развој и подем. Во услови на нефункционална правна држава и правосуден систем, нефункционален пазарен модел, единствено сврзувачко ткиво мора да биде економијата. Затоа повеќе од нужно е сите чинители во општеството да бидат потписници на нов договор за дефинирање на економските приоритети на државата – порачува Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора на Македонија.
Многу конкретно, на изгубени милијарди евра народни пари, токму поради неажурноста и неспособност на државните институциите, укажува и студијата „Сивиот дел на македонската економија: големина, импликации, решенија“ од авторите Павле Гацов, Александар Стојков и Зоран Јовановски.
Во неа, врз база на резиме од 28 студии, се посочени и факторите што ја детерминираат сивата економија, како и фактот дека таа изнесува 33,2 отсто од БДП, што споредено со просекот на ЕУ што изнесува 19,4 отсто, е голема разлика.
– Во 2022 година „сивиот дел“ на македонската економија изнесува 4,2 милијарди евра, во државниот буџет истата година се изгубени приходи за 1,28 милијарда. Или ако се сведе сивата економија на нивото на ЕУ, поголеми приходи во буџетот на државата би имало за 450 милиони евра годишно – се вели во студијата.
Самиот показател дека за само една година (2022) сме изгубиле приход од 1,28 милијарда евра е повеќе од застрашувачки. Колку вкупно пари се изгубени од независноста досега може само да се претпостави, но несомнено се работи за повеќе десетици милијарди евра
Авторите нудат и излезни решенија како да се спречи толкаво губење пари од државниот буџет, при што како клучно се посочува истиснување на готовината при плаќањата, воведување е-фактури, електронско поврзување на сите бази со УЈП итн. Но, пред сѐ, потребни се политичка волја и бескомпромисен пристап во борбата со сивата економија, велат економистите.
И низа други истражувања и анализи покажуваат дека секоја година од државниот буџет, но и од буџетите на општините, мистериозно исчезнуваат огромни суми народни пари. Ако на ова се додадат и астрономските финансиски издатоци и непотребни трошоци што ги прави државата (во јавноста веќе проструија информации дека и механизацијата за „Бехтел и Енка“ ќе ја плати Владата), тогаш веројатно сликата за државното расипништво и недомаќинлак е покомплетна.

ЧИЈА Е ОДГОВОРНОСТА ЗА ТУЖЕНИТЕ ПОБАРУВАЊА

Неодговорноста во работењето на одредени државни служби и органи во минатото може да се согледа и низ примерот на судски и арбитражни постапки што се водат против нашата држава. Така, вкупната вредност на сите финансиски побарување што странски фирми ги имаат кон Македонија по основа на поведени арбитражни постапки против нашата држава изнесува 1,36 милијарда евра. Тоа е огромна сума пари, кои доколку странските фирми успеат да ги наплатат значително ќе ја осиромаши државата.
– Со овие пари може да се направат 100 основни училишта, 100 средни училишта, 100 градинки, три најмодерни технолошки паркови, да се донесат водовод и канализација до сите населени места во државата, да се асфалтираат 1.000 километри локални и регионални патишта – истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој е на чело на националното координативно тело за арбитражни постапки.
Според Битиќи, клучното прашање е токму прашањето на одговорноста, односно зошто некој некогаш потпишал вакви штетни договори, врз основа на кои потоа државата треба да плаќа отштета.
За тоа колку други предмети висат врз главата на државата, а со тоа и заканата да се бара отштета, вицепремиерот за економски прашања го споменува примерот со рудникот „Иловица – Штука“, кој веројатно нема да биде под една милијарда евра отштетно побарување.
– Но се надевам нема да дојде до тоа – вели Битиќи.
Сепак не се само арбитражните постапки.
Огромни финансиски средства сиве изминати години се одлеаја од државниот буџет и за низа други непродуктивни трошења, партиски и рамковни вработувања, сомнителни јавни набавки итн., за што се водат и одредени правни постапки.

ВО СУДСТВОТО ПРОКОЦКАНИ И ПАРИТЕ И ДОВЕРБАТА

Со години има сериозни критики од сите страни, за неодговорно и непрофесионално работење, трпи и македонскиот правосуден систем. Критиките уште повеќе се интензивираа изминативе денови и недели кога и странските дипломати ги извадија дипломатските ракавици и отворено го искажаа своето незадоволство.
– Нашата инвестиција во напредокот на судството, за жал, не даде очекуван поврат. Кога станува збор за напредокот во судството ние сме разочарани. Во последните 30 години сме инвестирале половина милијарда долари во програми за владеење на правото и добро владеење, но не гледаме подобрување и реформи што би можеле да ги очекуваме со толку голема инвестиција – порача амбасадорката на САД Ангела Агелер.
Дека состојбите се алармантни покажува и истражувањето спроведено од „Транспаренси интернешнл“ за високата корупција во кое се откриваат многу индикатори и случаи што „ја исполнуваат дефиницијата за висока корупција“.
– Вкупната штета за државниот буџет во триесетина анализирани предмети изнесува приближно 255,2 милиони евра – се наведува во опсежната студија на „Транспаренси интернешнл“.

ПОЛИТИЧКО ХАРИКИРИ ВРЗ ИДЕНТИТЕТСКИТЕ БЕЛЕЗИ НА ДРЖАВАТА

Најголемите и за многумина најтешки удари изминативе години Македонија сепак ги доживеа на политичка и дипломатска сцена, што исто така е резултат на неспособноста, незнаењето, сервилноста и алчноста на домашните политички елити.
– Тоа несомнено е и најголемата цена што македонската држава и македонските граѓани ја платија и сѐ уште ја плаќаат и која не може со ништо да се надомести. Зашто парите доаѓаат и си одат, но изгубените идентитетски белези, државни и национални обележја и достоинство, тешко може да се дополнат – велат аналитичарите.
Според нив, за ваквите состојби најголема одговорност имаат неспособните политички гарнитури сиве изминати години. Доволно е да се посочат само неколку примери.
Република Македонија беше меѓународно признаена држава од близу 150 држави во светот, меѓу кои и од трите најголеми светски велесили САД, Русија и Кина. Но и покрај тоа, во 2019 година прифатиме самите да се обезличиме и да го смениме името по што колата тргна надолу и започна процесот на ерозија на македонскиот национален идентитет.
Понатаму, Македонија одамна ги има исполнето сите Копенхашки критериуми како клучен услов на патот кон ЕУ. Но и покрај тоа од година на година сме сѐ подалеку од целта.
И уште еден показател. Македонија имаше најдобар устав во земјите од регионот и пошироко. Тоа е оцената што ја даде Французинот Робер Бадентер уште во 1991 година, нагласувајќи дека Македонија како држава и нејзиниот устав ги исполнуваат сите највисоки светски стандарди. Но што се случи оттогаш до сега?
Од некогаш најдобар устав, највисокиот правен акт се претвори во политичка крпеница. Или како што вели професорката Билјана Ванковска – Уставот ни е бетер од фустанот на Пепелашка.
Секој се дрзнува да ни кажува што треба да смениме, што да додадеме итн. А нашите политички лидери само кимаат со главата и гледаат како да им угодат на странците, себеси, а најмалку на сопствениот народ. Затоа секогаш плаќаме прескапа цена.
Политичката неодговорност ја опустоши државата. Во секој поглед.