Фото: Маја Јаневска-Илиева

И покрај изјавата на бугарската министерка Габриел дека уставните измени не ни се единствениот услов во пристапните преговори со ЕУ, однесувањето на официјалните евроинтегративни фактори во Македонија, и по неодамнешниот самит на ЕУ (кој помина без никакви поместувања за проширувањето на Западен Балкан), остава впечаток дека „македонската стратегија“ се ограничува на тоа само како да продолжи втората меѓувладина конференција, без прецизен план и интегрален пристап до крајната цел и во сите меѓуфази?! Поедноставно кажано, уставните измени се само „виза“ за еден нареден чекор – меѓувладина конференција, а за наредните чекори на список ни се нови – конкретни и нови – имагинативни барања од Софија, со поддршка од ЕУ! Зошто тогаш итаме кон задоволување критериуми што значат наше разобличување како народ, јазик, историја?!

Зошто се фокусираме само на почетокот на преговорите, а немаме прегледност за натамошниот тек и финишот на целиот процес

Откако бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Марија Габриел во неколку наврати кажува дека уставните измени што Бугарија ги бара од Македонија не се единствениот услов за македонските евроинтеграции, одговорните министри за овој процес во македонската влада како да се одлучија да ја применат стратегијата на нојот пред вистинската закана. Така, македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи се обидува да ја демантира бугарската колешка, тврдејќи дека протоколите не се дел од преговарачката рамка и дека е создаден „ѕид за нови бугарски барања со преговарачката рамка“..
– Не е многу важно сега дали Бугарија во иднина ќе има нови барања, важно е дека ние создадовме ѕид на кои било бугарски барања, а тој ѕид се нарекува преговарачка рамка. Преговарачката рамка има јасно утврдени пори што може да пропушти, а што не може да пропушти. И ова беше најдобар пример како едно бугарско ново барање, за кое ние сметаме дека не е дел од преговарачката рамка, не може да го пробие ѕидот наречен преговарачка рамка. Значи имавме конкретен случај. Јас можам да ви ги доставам двата документа. Предлог со реченицата и протоколите и крајниот изгласан заклучок без протоколите. И тоа ќе биде иднината на односот со Бугарија во однос на преговарачката рамка. Ќе може да помине низ порите на преговарачката рамка само тоа што таму е предвидено, а тоа е дека во бенчмаркови за отворање и затворање поглавја нема прашања поврзани со идентитетските и историски прашања.

Да, за малцинските прашања, да, за човековите права, затоа што ние баравме да се измести фокусот од идентитетско–историската траекторија на малцинско–човековите права. Така што, ова е најдобриот одговор и на министерката Габриел, кој (еве не знам така беше пренесено од страна на медиумите) вели дека има нови барања. Барањата ќе бидат само тие што ќе ги пропушти преговарачката рамка и ништо повеќе. И тоа е најголемата заштита за нас, за процесот – изјави Османи за опомената на Габриел дека уставните измени не се единствената обврска на Македонија спрема Бугарија, преземена со преговарачката рамка.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ на извесен начин беше поконкретен дека само „поглавјата се отвораат автоматски по уставните измени, без нова политичка одлука и без понатамошни одлагања“, но во текот на преговорите сепак не може да се избегнат протоколите, кои се внесени во документите на ЕУ, заедно со преговарачката рамка.
Однесувањето на официјалните евроинтегративни фактори во Македонија, по неодамнешниот самит на ЕУ без никакви поместувања за проширувањето на Западен Балкан, и покрај изјавата на бугарската министерка Габриел, дека уставните измени не ни се единствениот услов во пристапните преговори со ЕУ, остава впечаток дека македонската стратегија за понатаму е да ја забиваме главата во песок.

Во едни такви околности, легитимно се поставува прашањето која е причината што само се фокусираме на фазата на почеток на преговорите, без да имаме прегледност за целиот процес? Каква е перспективата на нашите евроинтеграции со такви парцијални кусогледи „визии“ како илузии? Наместо чисто и педантно да го видиме патот до крајот на целиот процес (кога ќе бидеме полноправна членка на ЕУ) и да има апсолутна предвидливост за тоа што до крајот на евроинтегративниот пат ќе ни се побара да жртвуваме, ние, сиот залог, а и повеќе од тоа, го ставаме за да ја минеме првата пречка?! А натамошните предизвици?! Логично се поставува наредното прашање: што ќе остане од Македонците и Македонија до крајот на преговарачкиот процес?!

Или засега само се фокусираме на почеток на преговорите, без визија за целиот процес? Каква е перспективата на нашите евроинтеграции со такви парцијални „визии“?
– Бугарската министерка Габриел е апсолутно во право дека прашањето на Уставот не е нашата единствена обврска во преговорите со ЕУ. Министерот Османи не зборува вистина за преговарачката кога вели дека протоколите не се дел од преговарачката рамка. Во членот 5 од односната рамка, многу прецизно се споменуваат протоколите како услов, а тоа се потврдува и во другите документи на Европската Унија, кои беа усвоени на првата меѓувладина конференција со Македонија, заедно со преговарачката рамка. Треба да ни биде кристално јасно дека со оваа и ваква преговарачка рамка нема никогаш да влеземе во ЕУ, бидејќи Софија нема да го дозволи тоа. Освен, ако не се согласиме дека сме „неосвестени Бугари“, (какви што, според Софија, сме биле до 1945 година), дека зборуваме бугарски дијалект, дека историјата ни е заедничка, т.е. бугарска и слично. Да се надеваме дека такви идиоти сепак нема во државава Македонија – вели поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.