Уставни измени – зборови на годината

Ако во Македонија се избираат зборови на годината, секако дека на врвот би биле крунисани зборовите – уставни измени. Двата збора не се ни цела реченица, но ги окупираа граѓаните и нивната држава во текот на цела 2023 година. Речиси нема жив човек во Македонија што годинава не ги изговорил или не чул овие два збора на македонски јазик или во превод на албански, турски, ромски, српски, бошњачки, влашки или некој друг јазик што се говори кај нас. Тие се два збора, но слободно може да се сметаат и како еден, технички, не суштински.
Уставни измени, уставни измени – зборови што се ширеа од уста на уста, како нова државна химна. Владини седници, собраниски заседанија, лидерски средби, комисиски расправи, специјални комисии и работни групи, политички трибини, конференции за медиуми, амбасадорски интервјуа, тинк-тенк средби, советувања, симпозиуми, декларации и резолуции, меѓународни средби, 24/7 ги полнеа вреќите со рогови, а врзани со уставните измени.
Телевизии, портали, весници, радија, поткасти, полемики, коментари, вистиномери и лажомери, само вистини и многу лаги, дневни и ноќни шоуа, странски гости, цела година ги палеа огновите на политичките страсти. Оставаа граѓани без сон, провоцираа тврди нерви, а вознемируваа слаби терајќи ги да пијат седативи за да се смират. Центарот на тие емоционални бранувања беа токму зборовите – уставни измени.
Што е ефектот, што стана со измените, што може да се сумира на крајот на годината?
Кога би биле спроведени, би биле овенчани со лавров венец, сега кога не се спроведени се оставени како риба на суво. Дишат на жабрите на премиерот и на министерот за надворешни работи, чекајќи ја новата влада на Талат Џафери, алијас командант Форина, воен псевдоним добиен по родното село. Тука се СДСМ и ДУИ, кои ги пумпаат моторите со кислород измените да не испуштат душа.
Има една навидум медицинска поговорка, а всушност е народна, која вели „операцијата успешна – пациентот мртов“. Преведено би гласела „скринингот успешен – уставните измени на апарати за дишење“. Повеќе мртви одошто живи. Она што го заплетка Бујар Османи, не успеа да го отплетка Бојан Маричиќ, македонскиот шеф на ЕУ во Скопје. За успех на операцијата не помогна ниту светиот чин што го направи премиерот Ковачевски на една меѓународна средба во Виена, кога на олтарот на уставните измени ги заложи и своите скапоцени јајца. Трампата Македонци за Бугари, иако се изложи на пазарот, не најде богати купувачи.

Иако уставните измени не беа изгласани, Република Македонија (сега Северна) не помина од една во друга состојба како што се предвидуваше, не прими друг, нов, облик, не направи европска преобразба ниту пак Македонците (граѓаните на Македонија) го променија начинот на живот. Менталитетот, што би се рекло модерно, европски. Ниту, пак, со овие уставни измени наместо Северна, може да стане Јужна, каде што географски континентално припаѓа.
За чудо, во оваа уставно-амандманска неизвесна година нормално беше извршена измената на годишните времиња по природниот распоред на зима, пролет, лето и есен, иако можеше да се случи некому да му текне и за тој природен ред да побара измени во Уставот. Во вакво време и со политичари какви што има во Македонија, ништо не треба да изненадува.
Нема кој не знае дека уставните измени со Бугарите во Уставот се клучни за продолжување на преговорите со ЕУ. Меѓу многуте услови измените сега се единствен. Политичко-административните и министерски надежи беа дека ќе се случат најдоцна до јуни, а не се случија најдоцна до август, како и најдоцна до декември. Пробиени се сите рокови, ништо не се оствари како што прогнозираше власта, слично како што не се погодуваат временските прогнози на Хидрометеоролошкиот завод на РСМ. Нема разлика меѓу едните и другите, меѓу политичарите и синоптичарите.
Во светот, Речникот на Колинс ја прогласи „вештачка интелигенција“ за збор на годината, за што не треба големо објаснување.

Според Оксфордскиот речник збор на година е „риз“. Тој доаѓа од англискиот жаргон, а опишува шарм и привлечност. „Риз“ ја опишува способноста за привлекување романтичен партнер, а претставува кратенка од англискиот збор за харизма, што значи да имаш дарба да привлечеш, заведеш или флертуваш со некого. Според речникот „Меријам-Вебстер“, во САД зборот „автентично“ е збор на годината. Избраниот збор го посочува еден од најголемите проблеми во светот во 2023: разликата помеѓу „вистинско“ и „лажно“.
Иако кај нас зборот „риз“ е тотално непознат, ако се сака може да се најде корелација со уставните измени. Зошто? Затоа што и Македонија низ нив брка „риз“ за привлекување шармантен и романтичен партнер оличен во Европската Унија. Пука од флертови и обиди да ја заведе, да ѝ стане партнер, помал и посиромашен, но сепак партнер. Ќе седат на исто столче, ќе делат иста маса ако веќе не можат да спијат во ист кревет, да делат иста постела. Иста маса но различна трпеза. Унијата на свилена постела, Македонија на постела од трње.
Уставните измени секако дека имаат поврзаност и со зборот „автентичност“, имајќи предвид дека духот на времето ни покажува оти границата помеѓу „вистинското“ и „лажното“ е нејасна. На светско ниво. Според лексикологот и уредник на речникот Питер Соколовски (за кого нема податоци дали е чист Македонец или има македонско потекло) „годинава е забележана криза на автентичноста“. А она што треба да се сфати е дека „кога автентичноста е доведена под прашање, ја цениме уште повеќе“. Илон Маск ги повика политичарите, министрите и другите лидери да зборуваат „автентично“ на социјалните мрежи.
Исто како Илон Маск, и ние ги повикуваме нашите политичари долго време да имаат „риз“ кон државата и сопствените граѓани, да користат, ако треба, вештачка интелегенција, кога веќе природната ја немаат и да зборуваат автентично, да држат до вистината и да не шират дезинформации за ЕУ и за уставните измени со кои ги доведуваат во заблуда сопствените граѓани. Особено што речиси две третини од тие граѓани се против уставните измени такви како што се предложени.

[email protected]