Фото: Архива

Најсимптоматично е што ЕУ од една страна говори за индивидуален пристап на земјите-кандидати, но од друга страна повторно ги држи сите држави во еден вид пакет, без оглед која земја колку напредува, при што се создава впечаток дека проширувањето се држи што подалеку од европската агенда. Неодамнешната изјава на високиот европски претставник за безбедност и надворешна политика Жозеп Борел дека земјите од Западен Балкан треба да го следат примерот на Украина и на Молдавија во напредокот во евроинтеграциите говори само дека ЕУ или не е свесна што се случува во овие две земји или, пак, едноставно нема сериозни намери скоро да се проширува, туку нејзината вистинска намера е само да го задржи сопственото влијание на овие простори на подолг рок

Унијата по потреба го пакува и распакува македонско-албанскиот пакет во преговарачкиот процес

Ако до пред една година реториката на повеќето европски претставници, како и на локалните лидери, се движеше во насока дека Македонија и Албанија во пакет треба да се движат низ евроинтегративниот процес, се чини дека полека се напушта овој наратив и зачестуваат изјавите дека двете земји треба да се одвојат и секоја посебно да го оди европскиот пат.
Ваквата промена на ставовите од страна на Европа, која секогаш била на линија на проширувања што се случувале во пакет, наведува на два заклучока – или на тој начин се сака да се засили притисокот врз Македонија да ги направи уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот или, пак, Европејците се свесни дека Бугарија нема да престане со уцените кон Македонија во текот на целиот преговарачки процес, па не сакаат Албанија да биде колатерална штета. Во една ваква констелација на актуелните македонско-бугарски односи, двата заклучока имаат многу реална основа.
– За жал, постои можност Албанија и Македонија да бидат одвоени во преговарачкиот процес за влез во ЕУ, бидејќи Македонија има одредени услови, кои доколку не ги исполни, нема да може да продолжи – изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ за време на неговата неодамнешна официјална посета на Бугарија.
Албанскиот премиер Еди Рама смета дека неговата земја и Македонија не треба да бидат разгледувани во пакет на нивниот пат кон Европската Унија.
– Денес сметам дека нашите патишта природно се разделија. Затоа што од моментот кога една земја ќе ги започне пристапните преговори, нејзиниот пат зависи од нејзините заслуги, а не од политиката или од геополитиката. Барем така е на хартија. Е, знаеме дека понекогаш, а и сè повеќе, она што е напишано на хартија не се случува во реалноста. Но не гледам причина да бидеме држени заедно повеќе. Секој си има свој пат – категоричен е Рама.

Впрочем, и претставниците на самата Европска Унија јасно истакнуваа дека по започнувањето на преговарачкиот процес напредокот на секоја земја ќе зависи од нејзината подготвеност да ги спроведува бараните реформи, така што говорењето за некакви пакети низ преговарачкиот процес веќе губи секаква смисла.
Контрадикторно само по себе е што ЕУ од една страна говори за индивидуален пристап на земјите-кандидати, но од друга страна повторно ги држи сите во еден вид пакет, без оглед која земја колку напредува, со единствена цел, проширувањето да се држи што подалеку од европската агенда, но сепак, само преку наративите на европските челници, доволно блиску. Неодамнешната изјава на високиот европски претставник за безбедност и надворешна политика Жозеп Борел дека земјите од Западен Балкан треба да го следат примерот на Украина и на Молдавија во напредокот во евроинтеграциите, говори само дека ЕУ или не е свесна што се случува во овие две земји или, пак, едноставно нема сериозни намери скоро да се проширува, туку нејзината вистинска намера е само да го задржи сопственото влијание на овие простори на подолг рок. Ако проширувањето беше нејзина вистинска цел, тогаш немаше на Македонија да ѝ наметнува услови што не се поврзани со пристапниот процес, туку ќе инсистираше билатералните проблеми да останат настрана, како што претходно го правеше тоа.
Ставот на повеќето соговорници е дека кога веќе ќе се дојде до фазата на почеток на пристапните преговори, тогаш „пакет аранжманот“ веќе нема никаква смисла бидејќи само може да биде кочничар во пристапниот процес.
– Нормално е што сега се засилува реториката за одвојување на Македонија и Албанија од пакетот. Истиот наратив се ширеше и пред земјава да го прифати францускиот предлог. Несомнено се работи за нов притисок врз Македонија да ги направи уставните измени за да ги започне официјално преговорите. Говорењето за некакви пакети во преговарачкиот процес губи секаква смисла бидејќи секоја земја ќе се оценува индивидуално, барем така тврдат европските претставници. Ако се движат во пакет, тогаш Македонија, која е понапред во многу области дури и од некои земји-членки на ЕУ, ќе треба да ја чека Албанија, исто како што оваа земја чекаше да ги започне преговорите бидејќи Македонија беше блокирана од страна на Бугарија. Тоа за мене е контрапродуктивно и демотивирачки, а се плашам дека е намерно инсталирано само процесот на проширување да се тегне во недоглед. Доволно е само да погледнеме колку време преговараат Србија и Црна Гора, кои се во еден пакет, а не се стигнати до никаде. За Турција воопшто и да не говорам.

Сметам дека пакетите повеќе немаат смисла, туку по започнувањето на преговорите секоја земја треба да си ги спрегне сопствените човечки и секакви други капацитети и побрзо да ги спроведе бараните реформи – велат добрите познавачи на европските услови.
За Александар Кржаловски, првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, она што е извесно, е тоа дека начинот на решавање на предизвиците со македонскиот устав ќе има битно влијание и на тоа дали Македонија и Албанија и натаму ќе бидат во заеднички пакет.
– Сметам дека ЕУ е на став дека доколку не се усвојат уставните измени до крајот на ноември, за очекување е дека на Албанија ќе ѝ се даде можност сама ќе ги почне преговорите по кластери, додека ние ќе застанеме во процесот (нема да се одржи втората меѓувладина конференција). И ова е состојбата со сегашните услови во согласност со заклучоците од првата таква конференција, што не исклучува можност за блокирање (од Бугарија или која било друга членка) по други основи, како неусвојување на извештаите од скринингот и слично. Тоа може да важи и за Албанија, но ние сме засега секако поизложени на ризици од понатамошно одолжување на процесот – констатира Кржаловски.
Сето ова јасно наведува дека спомнувањето на некакви нови пакети (Македонија – БиХ – Косово) и распакувањата на старите (Македонија – Албанија) е само алатка за засилен притисок врз Македонија што поскоро да ги направи уставните измени, но и механизам за држење на проширувањето подалеку од европската агенда.