Пратеникот во македонското собрание, Александар Николоски, се обрати пред Советот на Европа, од каде што истакна дека Бугарија со години одбива да ги спроведе 16-те пресуди на Европскиот суд за човекови права поврзани со Македонците во Бугарија. Тој во своето излагање уште еднаш потсети дека 16 пресуди на Судот во корист на Македонците во Бугарија не се спроведуваат и дека истите тие конечно мора да се спроведат!
Националниот устав и судовите на Бугарија не можат да бидат над пресудите на Европскиот суд за човекови права. Кога домашните институции не успеаја да ги заштитат човековите права на Македонците во Бугарија, македонското малцинство во Бугарија го гледа Стразбур како своја надеж за почитување на основните човекови права.
Речиси сите земји, односно нивните судови, кога одлучуваат за прашањата за човековите права се повикуваат на Конвенцијата за човекови права. Сепак, односот на Бугарија и неколку други земји кон Конвенцијата за човековите права и/или одлуките на Европскиот суд за човекови права е игнорантски, односно тие не се почитуваат.

– Во извештајот треба да бидат поцврсти формулациите и подиректно да се бара од земјите како Бугарија целосно да го приспособат својот политички систем и истиот тој да биде во согласност со Европската конвенција за човекови права и да ги почитува човековите права на сите национални малцинства, вклучувајќи ги и Македонците. Бугарите се многу гласни за случаи надвор од границите на нивната земја, но со години не спроведуваат ниту една пресуда на Судот. Ова не е прифатливо – рече Александар Николоски.
– Целосното почитување на конвенцијата и националниот уставен поредок не е антитетично, туку е целосно комплементарно. Собранието треба да смета дека приоритет во Советот на Европа треба да биде зајакнување на правниот и моралниот авторитет на конвенцијата.
Националните уставни судови, како и Судот на правдата на ЕУ, мора да бидат во согласност со Европскиот суд за човекови права, како најважен европски суд за заштита на човековите права. Исто така, потребни се подобрувања за да се осигури дека домашните судови соодветно се ангажираат со судската пракса на Европскиот суд за човекови права при примената на човековите права на домашно ниво – вклучувајќи и преку тоа да се направат достапни насоките од Судот на сите јазици на Советот на Европа. П.Р.