КОШАРКА – ЛШ, ПОЛУФИНАЛЕ
Телеком Бон на Шортс ќе игра со Малага

Телеком Бон (Германија) на македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс ќе игра со Малага (Шпанија), домаќинот на фајналфор-турнирот во Лигата на шампионите на Светската кошаркарска федерација (ФИБА), а актуелниот првак во Лигата на шампионите, Тенерифе (Шпанија), со Хапоел Ерусалим (Израел). Така реши ждрепката влечена во Малага.
Полуфиналињата на програмата се на 12 мај, а финалето е два дена подоцна. Сите четири тима беа првопласирани во своите групи и во двете групни фази, а во четврт-финалето само Малага победи со 2-0 во победи (другите на фајналфорот се пласираа со триумф со по 2-1 во победи).


КОШАРКА – ЕВРОЛИГА
Плејофот почна со две гостински победи

Плејофот на кошаркарската Евролига почна со две гостински победи во првите четврт-финални дуели. Така, Партизан (шести во регуларниот дел од сезоната) славеше во Мадрид кај Реал (трет), со 89-87, а Макаби Тел Авив (петти) победи на дуелот со Монако (четврти) со 79-67.
Синоќа се играа мечевите Барселона (втора по регуларниот дел од сезоната) – Жалгирис (седми) и Олимпијакос (прв) – Фенербахче (осми). Денеска на програмата се вторите средби, Реал Мадрид – Партизан и Монако – Макаби Тел Авив.
Се игра до три победи. По првите два меча на терените на подобропласираните тимови, серијата се сели кај екипите со послаб пласман (од петтото до осмото место) по регуларниот дел од сезоната.


КОШАРКА – НБА, ПЛЕЈОФ

Денвер и Феникс победија и ќе играат меѓу себе

Денвер и Феникс ќе играат меѓу себе во второто коло на плејофот во кошаркарската НБА-лига откако победија со по 4-1 во победи во дуелите од првото коло со Минесота, односно со Лос Анџелес клиперс.
По четири меча претходно во второто коло се пласира Филаделфија. Синоќа се играа мечеви во кои еден од тимовите водеше со 3-1 и играа на гости (Милвоки – Мајами, Кливленд – Њујорк и Мемфис – Лос Анџелес лејкерс). Бостон води против Атланта со 3-2, а нерешено, 2-2, е на дуелот Сакраменто – Голден стејт.


Фудбалскиот одбор на УЕФА бара поголема јасност на
правилата за играње со рака

Фудбалскиот одбор на Европската фудбалска унија (УЕФА) го одржа својот инаугуративен состанок во Нион, на кој разговараше за различни теми, вклучувајќи ги и правилата на играта и судиските прашања како што се линијата на интервенција, ВАР, играњето со рака и однесувањето на играчите.
Одборот изрази големо задоволство од моментното ниво на судење во европските клупски натпреварувања, особено во Лигата на шампионите, и предложи истиот унифициран пристап кон судењето да се применува и во домашните натпреварувања низ Европа, пишува УЕФА. Во однос на правилата на играта, кои предвидуваат дека не е прекршок секој допир со рака на играчот со топката, одборот издаде препораки за следната сезона за подобро усогласување на правилата со природата на играта.
Во своите упатства за следната сезона, одборот препорачува дека УЕФА треба да појасни дека не треба да биде прекршок игра со рака ако топката претходно е одбиена од неговото тело и особено кога топката не оди кон голот.
Одборот препорачува дека секое играње со рака не треба автоматски да води кон казна по секој удар кон голот и ги охрабрува судиите да бидат поодлучни во предупредувањето на играчите што покажуваат неспортско однесување, особено кога се обидуваат да го измамат судијата глумејќи повреда или преправајќи се дека се фаулирани. УЕФА треба да поведе иницијатива до Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ) за измена на членот 12, со кој се предвидува дека играчот треба да биде исклучен затоа што на противничкиот тим му ускратил гол или очигледна шанса за гол со игра со рака. Одборот смета дека играчите треба да бидат исклучени само ако намерно ја допираат топката со рака. Во случај на други прекршоци со игра со рака играчите треба само да бидат предупредени.
На инаугуративната средба присуствуваа Ерик Абидал, Рафаел Бенитез, Фабио Капело, Петр Чех, Луис Фиго, Роби Кин, Јирген Клинсман, Роналд Куман, Филип Лам, Михаел Лаудруп, Паоло Малдини, Роберто Мартинез, Герет Саутгејт, Патрик Виеира, Предраг Мијатовиќ, Руди Фелер, Хавиер Занети и Зинедин Зидан. Беа направени консултации и со другите членови на одборот што не можеа да присуствуваат на состанокот, кои ги споделија своите мислења за овие теми како дел од проектот. Н.М.