Соопштение од американскиот Стејт департмент

На поранешниот заменик-премиер Кочо Анѓушев му е забранет влез во Соединетите Американски Држави, како што е наведено, „поради вмешаност во значителна корупција“, соопшти Стејт департментот.
„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во С. Македонија во владините институции и во јавни процеси. Денешната акција покажува дека САД стојат со оние во С. Македонија што бараат одговорност од корумпирани јавни функционери“, се наведува во соопштението објавено на интернет-страницата на Стејт департментот.
Стејт департментот им забрани влез во САД и на неговата сопруга Елизабета и на децата Ангел и Огнен.
Анѓушев беше вицепремиер од 2017 до 2020 година во владата предводена од Зоран Заев, како премиер. Тој e сопственик и извршен директор на групацијата „Феро инвест“ и на фабриката „Брако“. Американското економско списание „Форбс“ во 2014 го прогласи Анѓушев за еден од петте најбогати Македонци.