Во Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) ќе се одржи средба на која ќе бидат сумирани реализираните активности и остварените концерти во 2023 година и наедно ќе бидат претставени три нови аудиоизданија – „Историски снимки со дела од историско значење“, авторскиот албум „Од композиторскиот опус на Борис Светиев“ и аудиоприлогот кон списанието „Премин“, со наслов „Црковното пеење од словенско-византиската традиција во Македонија“, во изведба на хорот на „Танец“. Средбата ќе се одржи денеска во 13 часот, во просториите на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ).
„Историски снимки со дела од историско значење“, носач на звук со историски аудиоснимки од архивата на Македонската радио-телевизија, е раритетно дискографско издание што содржи тонски записи на дела од македонските композитори Кирил Македонски, Живко Фирфов, Благоја Ивановски, Ладислав
Палфи и Тихомир Карапанчевски.
– За овие снимки до неодамна не се знаело дека постојат, зашто некои од нив ги немало ниту во пописот на нивните автори, каков што е случајот со снимките на композициите на Живко Фирфов и Ладислав Палфи, кој се јавува и како диригент на Словенечката филхармонија. Уште еден ексклузивитет е и тоа што сите записи главно се направени пред седумдесетина години, на самите почетоци на тонското снимање кај нас. Исто така, сите изведувачи, без исклучок, не се повеќе меѓу нас. Инаку, компакт-дискот е означен со бројот еден, што навестува дека изданието е само едно од серијата изданија со вакви уникатни снимки од продукцијата на СОКОМ и МИЦ, кои вклучуваат дела со исклучителна важност за нашата културна меморија – велат од СОКОМ.
Авторскиот албум „Од композиторскиот опус на Борис Светиев“ е уште едно издание од едицијата на СОКОМ посветена на авторските опуси на македонските композитори. Тој содржи седум дела од творештвото на Светиев за разновидни изведувачки состави, односно снимки на композициите: „Квартет за виолина, виолончело, пијано и ударни инструменти“ во изведба на Милена Коловска, Кирил Јосифов, Борис Светиев и Горан Митрев; „Fantasy for S“ за две пијана во изведба на Тамара Коминовска и Иван Трајковски; „Фантазија за пијано“ во изведба на Мерита Реџа Терсана; „Чуден патник за глас и пијано“ во изведба на Весна Гиновска-Илкова и Кристина Светиева; „Три минијатури за пијано“ во изведба на Борис Светиев; „Кристална хумореска“ за дувачки квинтет во изведба на „Анкара винд квинтет“ и „Концертни етиди за пијано и симфониски оркестар“ во изведба на Кристина Светиева и Филхармонијата, под диригентство на маестро Борјан Цанев. Изданието е заеднички проект на СОКОМ и Балканскиот музички форум.

Композиторот и пијанист Борис Светиев е редовен член на Сојузот на композиторите на Македонија од 2012 година. Своето формално музичко образование го оформува на УКИМ, на Факултетот за музичка уметност, каде што има дипломирано и магистрирано пијано на Факултетот за музичка уметност во класата на Тодор Светиев, каде што потоа и дипломира и на Одделот за композиција во класата на Томе Манчев. Оттогаш тој настапува и професионално се занимава со пијано-педагогијата, но фокусот му е особено насочен кон компонирањето нови дела, за кои наидува на одличен прием, и кај публиката и кај музичката критика. Тој бележи голем број настапи на „Деновите на македонска музика“, а за неговата изведувачка и творечка дејност добива повеќе награди и признанија.
Аудиоприлогот кон списанието „Премин“, со наслов „Црковното пеење од словенско-византиската традиција во Македонија“, е периодична публикација на струмичката епархија за содржини со православна тематика. Тој е жива снимка на извонредниот целовечерен концерт на хорот на „Танец“, во рамките на годинешните „Денови на македонска музика“, на кои беа изведени литургиски творби од црковно-музички дејци што дејствувале на територијата на Македонија.
– Во овој аудиоматеријал се наоѓаат композициите на Јоан Хармосин Охридски, Јован Кукузел, Јанаки Стојменович, Андон Шахпаски, Манасиј Поп Тодоров, Васил Иванов-Бојаџиев, Јане Коџабашија и други црковни дејци, кои беа премиерно изведени од хорот на „Танец“ на ДММ, под раководство на Гоце Цоневски, а во стручна соработка со Мирјана Павловска Шулајковска и Јане Коџабашија. Концертот беше одржан во Музејот на македонската револуционерна борба, каде што „Танец“ за првпат во своите 74 години постоење изведе концерт на словенско-византиско пеење, со што ја отслика тесната врска меѓу македонската фолклорна и црковна вокална практика. Овој редок материјал е сведоштво на македонското црковно пеење од периодот од втората половина на 19 и почетокот на 20 век, што е особено значаен дел од македонското и светското културно наследство. Оваа снимка е во корелација со обемниот текст посветен на македонското црковно-византиско пеење, објавен во јулскиот број на списанието „Премин“, со кој се ревалоризира и реафирмира уникатниот македонски црковно-музички идиом, кој носи уникатни специфики во однос на другите црковно-словенски практики – велат од СОКОМ.
Концертот на „Танец“ на ДММ е дел од годишните програми на ансамблот и СОКОМ, одобрени од Министерството за култура, а реализацијата на аудиоприлогот кон списанието е резултат на волонтерски ангажман на повеќе лица. В.Д.