Фото: МИА

Ѓорѓи Трендафилов од Граѓанско демократската унија (ГДУ), кој денеска заедно со претседателот на Клубот „Ванчо Михајлов“, Љупчо Ѓоргиевски, како претставници на различни организации на бугарската заедница во земјава во МНР се сретнаа со шефот на дипломатијата Бујар Османи, по разговорот изјави дека имале корисна средба и оти нивните активности ќе бидат во насока на релаксирање на односите меѓу Скопје и Софија.

– Имавме корисна средба со министерот за надворешни работи. Средбата е во голема мера продолжение на разговорите кои ги имавме во Брисел. Ние го известивме Османи за содржината на разговорите со еврокомесарот за проширување и добрососедство, Оливер Вархеји и со неколку политички групации застапени во Европскиот парламент, кои ќе се обидат со нивните политички истомисленици и групации овде во Македонија, значи Конзервативната, Европските народни партии, Прогресивните социјалисти, да се обидат да помогнат да се смират тензиите на релација Скопје – Софија и во една порелаксирана атмосфера да почне да се спроведуваат одредбите и од Спогодбата 2017 и т.н. „француски предлог“ за Македонија во периодот до октомври, кога треба да биде објавен Извештајот за напредокот од Европската комисија и земјава да може официјално да ги отпочне преговорите кон крајот на ова година – рече Трендафилов.

Тој изјави дека од Османи побарале и тие да се обидат да посредуваат за смирување на тензиите, затоа што во една експлозивна атмосфера, како што вели, невозможно е да се донесат квалитетни рационални политички решенија.

– Мислам дека тоа е во интерес на граѓаните и на земјава. Останува на времето да видиме дали нашата работа и нашиот апел ќе вродат со конкретен политички плод – додаде Трендафилов.

Во однос на Резолуцијата на Советот на Европа, во која се вели дека не постои системска дискриминација во Македонија, Трендафилов вели дека не се согласува со ваквиот став, но, како што рече, тоа нема да биде во фокусот на нивната активност, туку колку што е можно повеќе да придонесат да се релаксираат односите меѓу Скопје и Софија.

Прашан дали на средбата претседателот на Клубот „Ванчо Михајлов“, Георгиевски, го отворил прашањето за пререгистрација на здруженијата, чиј рок истекува утре, Трендафилов одговори дека за тоа не било посебно разговарано.

– Не посебно. Јас ја видов изјавата за „Дојче веле“, мислам од господинот Георгиевски дека тие немаат намера да отстапат во овој момент и дека презеле одредени правни лекови кои им стојат на располагање. Ќе видиме што ќе се случи понатаму. Не беше посебно како тема – одговори Трендафилов.

Претходно, МНР соопшти дека средбата со претставници на различни организации на бугарската заедница во Македонија поминала во позитивна атмосфера и биле размените мислења за прашања коишто ја засегаат бугарската заедница во земјава, предизвиците со кои се соочуваат нивните здруженија, како и можностите за подиректна и поинтензивна соработка со државата.

– На средбата беше изразено задоволство од директниот пристап во размената на мислења, како и интенцијата за повторна средба и засилена динамика на комуникација, со цел подиректно вклучување на бугарската заедница и здруженијата кои нив ги претставуваат во рамките на редовната соработка на државата со граѓанскиот сектор – соопшти МНР.

Средбата се случува ден пред истекот на рокот во кој согласно измените на Законот за здруженија и фондации, постоечките бугарски здруженија „Ванчо Михаилов“ и „Цар Борис Трети“, треба да ги сменат имињата или во спротивно се соочуваат со нивно затворање.