Фото: Маја Јаневска-Илиева

Денеска, на затворена владина седница, се очекува директорот на Агенцијата на национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, да даде извештај за случајот „Онишченко“, односно за пропустите во процедурата во одлуката за прием во македонско државјанство на украинскиот контроверзен бизнисмен, за кого е распишана меѓународна потерница. Тоа го најави вчера премиерот Димитар Ковачевски. Тој рече дека мора да се утврди одговорност за случајот со давањето македонско државјанство на контроверзниот Украинец Олександер Онишченко.
Државјанството на Онишченко, кој се наоѓа на „црната листа“ на САД, било издадено врз основа на четири позитивни мислења доставени на седница на Владата од четири различни институции, врз чија основа тоа е доделено.
Премиерот информира и дека наскоро треба да биде именуван нов директор на АНБ, за што е почнат процес на селекција. Сегашниот директор е во процес за испраќање како амбасадор во Франција.
Директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, во петокот, по сослушувањето во Собранието, изјави дека е лоцирано лице што не го испочитувало последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со НАТО-партнерите пред да се даде позитивно мислење за државјанство за Онишченко. Украинскиот државјанин Онишченко, кој се наоѓа на „црната листа“ на САД поради неговите врски со руските власти, добил македонско државјанство како спортист во еквестријан, по предлог на Коњичката федерација.