Фото: Општина Дојран

За нецела година од постоењето на карате-клубот Дојран, со редовни и посветени тренинзи и со голема упорност и залагање на претседателката и основачка на карате-клубот, Лилиана Упчева, младите каратисти од овој клуб се закитија со пет златни и четири сребрени медали на 47-от европски шампионат „Вадокаи“ (WADOKAI)!
Во ката-тим во категоријата деца од 8 до 9 години го освоија првото место и златен медал. Кумите-тимот во категоријата од 10 до 11 години освои второ место и сребрен медал, а кумите во категоријата од 10 до 11 години +40 се закитија со златен медал и освоено прво место.
На овој шампионат се освоени и два сребрени медала во категоријата деца од 8 до 9 години.
Каратистите деновиве беа примени од градоначалникот Анго Ангов, кој им го честита овој голем успех на европските клупски шампиони во карате до 11-годишна возраст со нивниот тренер. Исто така, тој се интересираше и за иднината на карате-клубот, за нивните потреби и идни планови, при што им вети целосна поддршка.
– Од сѐ срце ги поддржуваме сите деца што имаат афинитети за спорт, музика, литературно и уметничко творење. Локалната самоуправа е секогаш отворена и подготвена за соработка, поддршка и промоција на талентираните млади луѓе што живеат и творат на територијата на Општина Дојран – рече Ангов.

Љ.А.