Фото: Емил Јовановиќ

Според информации од МВР, вчера, понеделник, повторно бил оштетен бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, односно има оштетено стакло на излогот.
– Инцидентот се случил ноќта, околу 2 часот по полноќ. Полициски екипи извршија увид и се работи на расветлување на настанот – соопштија од полицијата.
Како што пишуваат некои од бугарските медиуми, оштетувањето било направено со камен.
На 12 октомври годинава беше искршен натписот над влезната врата на објектот. Клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид беше отворен на 7 октомври, проследено со протести на граѓани. Според последните измени што беа направени во Собранието врз Законот за здруженија и фондации, бугарските културни центри со контроверзни имиња во земјава имаат рок од три месеци да ги променат називите на здруженијата. Во меѓувреме, законот е испратен на преоцена до Венецијанската комисија.