Последната изјава на вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ за помошта што се очекува од меѓународната заедница на секој можен начин за обезбедување двотретинско мнозинство за гласање на уставните измени инстантно во пошироката и во стручната јавност отвори дилеми, полемики и реакции… „Нова Македонија“ побара одговори од кабинетот на вицепремиерот Маричиќ што значи формулацијата за меѓународна интервенција на „сите можни начини“. Наедно, добивме одговори и од некои домашни експерти, кои даваат свои видувања за можниот развој на настаните
Најавите за интервенција на високи лидери на меѓународната заедница за уставните измени отвораат сериозни правно-политички дилеми
Како што тече скрининг-процесот за усогласеноста на македонското законодавство со европското, паралелно се одвива и операцијата за обезбедување двотретинско мнозинство за уставни измени и внесување на Бугарите во македонскиот устав, како нов наметнат некопенхашки критериум и услов Македонија да започне со отворање на преговарачките поглавја.
И додека изјавите што доаѓаат од страна на опозицијата се дека тие се противат на какви било уставни измени без реципрочни мерки од страна на Бугарија, власта вели дека во функција на евроинтеграциите, таа разговара со сите пратенички групи, вклучувајќи ги и оние од опозицијата, и дека постои расположение да се дојде до потребното двотретинско мнозинство.
Пресинг од Брисел
Во меѓувреме се засилува и притисокот од страна на меѓународната заедница преку пораките што речиси секојдневно пристигнуваат од Брисел, упатени до сите политички чинители во земјава, што кај македонската јавност создава дилема дали повторно на Македонија не ѝ се заканува истото собраниско сценарио како со Преспанскиот договор, кога странците директно интервенираа да се обезбедат потребните пратеници за промена на името на државата. Неодамна и претседателот Стево Пендаровски јавно изјави дека во блиското минато се случувало тоа и дека сега не може да се замисли пак да ни се случува истото тоа.
И последната изјава на вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ за помошта што се очекува од меѓународните партнери за обезбедувањето на потребното двотретинско мнозинство за гласање на уставните измени ја наметна дилемата дали на Македонија ѝ се повторува сценариото како со Преспанскиот договор.
– За мене е незамисливо дека ние самите ќе се блокираме и ќе се паркираме на истото место. Се разбира дека ќе дојдат во Собранието да помогнат. Има интерес од германскиот канцелар (Олаф Шолц) и од францускиот претседател (Емануел Макрон) да помогнат на сите можни начини за да дојдеме до 80 пратеници – истакна Маричиќ.
„Нова Македонија“, барајќи изворно толкување од вицепремиерот, исто така контактираше и со Секретаријатот за европски прашања, за да добие директно појаснување на неговата изјава за тоа што подразбира вицепремиерот под меѓународна помош за обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието, а со посебен осврт на толкувањето што значи тоа на „сите можни начини“ на кои би помагале странците.
– Кога вицепремиерот Маричиќ зборуваше за помош од германскиот канцелар (Олаф Шолц) и од францускиот претседател (Емануел Макрон), да помогнат на сите можни начини, за да дојдеме до 80 пратеници, мислеше на целосна поддршка од страна на нашите европски партнери, не само од европските лидер, туку и од претставниците на европските институции, за потврдување на европската перспектива на земјата. Тоа се мисли преку искажување на нивниот интерес и нивното присуство во земјава, можеби обраќање во законодавниот дом, испраќање јасни пораки, средби, работни состаноци. Сè што ќе може да ја увери опозицијата за важноста од продолжување на процесот на преговори и она што може да ја промени атмосферата – појаснуваат од Секретаријатот за европски прашања за „Нова Македонија“.
Има начини да запре системското разнебитување, но самите да ги препознаеме и да направиме разлика
За некои од соговорниците на весникот инволвирање на меѓународните партнери од овој габарит и промени во највисокиот правен акт значи дека тие веќе длабоко решиле да ги протуркаат уставните измени, а тоа и ќе го направат во периодот што е пред нас!?
– Најавите за инволвирање меѓународни лидери од највисок ранг, за мене значат дека споменатите лека-полека преземаат извршни прерогативи на егзекутивна власт во државата. Впрочем, воопшто не треба да сме изненадени, ако тие веќе решиле да ги протуркаат уставните измени, тоа и ќе го направат во периодот што е пред нас – вели Драган Јањатов, поранешен дипломат.
Тој додава дека ова е само логичен исход од она што со децении се правеше во државата, поточно не се правеше, поради неспособност, некомпетентност, клиентелизам, немање високи патриотски и државнички чувства кон нацијата (Македонци), што треба да е носител на државноста и на која актуелна генерација ѝ се исполнија мечтата и копнежот на генерации Македонци од историјата да добијат и да управуваат со своја држава.
– Ја разнебитивме државата и попусто е нашето влегување во Европа. Што ќе правиме во ЕУ вака разнебитени? Мешањето однадвор е нонсенс. Се претвораме во протекторат. Меѓународната заедница во овој период поинтензивно се фокусира на Балканот бидејќи сака да го изолира од други влијанија, така што многу веројатно е дека ќе ги употреби сите европски „демократски“ начини да ги убеди пратениците во македонското собрание да ги поддржат уставните измени. Лично сметам дека е штета што (само)уништуваме држава како Македонија, која се осамостои пред три децении, егзистираше како меѓународноправен субјект осум децении, со меѓународно признаен македонски народ како носител на државноста, стипулирано во Уставите на Македонија, што создаде вредности, а сега сето тоа се фрла во неврат. Разочаран сум целосно, најмногу поради тоа што нема фактор што ќе му застане на патот на ова разнебитување – истакнува Јањатов.
Соговорниците со кои се консултираше весникот сметаат и дека кога веќе се притиска македонската страна, истите тие меѓународни пријатели треба да ја притиснат и Бугарија да направи некаков позитивен исчекор и да престане со експанзионистичката политика кон Македонија, да ги спроведе пресудите на Судот за човекови права во Стразбур и да престане со континуираното негирање на македонскиот народ, идентитет, јазик и историја.