Лидери на многу држави инстантно ја отфрлија сугестијата на францускиот претседател за испраќање војници во Украина
Францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот изјави дека не може да ја отфрли можноста за испраќање војници како помош за Киев и побара од западните лидери да сторат сѐ што можат за Русија да не победи во војната. Прашањето за испраќање војници, Макрон го изнесе на состанокот на 25 европски лидери во Париз, но повеќе сојузници во НАТО веднаш ја отфрлија таквата можност, меѓу кои се Германија, Полска, Чешка, но и генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
Германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека лидерите во Париз се согласиле дека „сите мора да направат повеќе за Украина“, но дека „едно е јасно: нема да има копнени трупи од европските држави или од НАТО“.
– Во моментов тоа воопшто не е релевантно. Во моментов, ние сме целосно окупирани со испраќање развиени материјали од Шведска во Украина на многу различни начини како што го прават тоа многу други земји. Тоа е сосема друга работа – изјави шведскиот премиер Улф Кристерсон.
За време на заедничката прес-конференција во вторникот наутро, чешкиот премиер Петр Фиала и полскиот премиер Доналд Туск, исто така, рекоа дека немаат планови да испраќаат војници во Украина.
– Ќе се обидеме да ја забрзаме испораката на муниција. Треба да го зајакнеме военото производство во Европа“ – рече Фиала. „Не мора да бараме нови начини да помогнеме, мора да бидеме поактивни и да дејствуваме побрзо“.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто рече дека Будимпешта, која е поблиска со Москва од која било друга членка на ЕУ или на НАТО, „не сака да испрати оружје или војници во Украина“, додавајќи дека ставот на земјата за ова е „јасен и цврст“.
И НАТО не сака да испраќа војници – генералниот секретар на воената алијанса, Јенс Столтенберг, изјави за „Асошиејтед прес“ дека „нема планови борбени трупи на НАТО да стапнат на боиштето во Украина“.
Од своја страна, интересен е фактот што ниту Украина нема побарано западни војници на своја територија. Претседателот Володимир Зеленски во неделата рече дека „нема преговори“ на оваа тема.
– Војниците на западните партнери може да се појават на територијата на нашата земја и да спроведуваат борбени операции само во еден случај – кога Украина ќе стане членка на Северноатлантската алијанса – рече тој на форумот „Украина. Година 2024“.
Белата куќа: САД нема да праќаат војници во Украина
Соединетите Американски Држави нема да испраќаат свои војници да се борат во Украина, соопшти Белата куќа.
– Американскиот претседател Џо Бајден изнесе јасен став дека САД нема да испраќаат свои војници да се борат во Украина – рече Едриен Вотсон, портпаролот на националниот Совет за безбедност.
Европска комисија за надворешни работи и безбедносна политика: ЕУ нема донесено одлука за испраќање војници во Украина
– На ниво на ЕУ не е донесена каква било одлука за испраќање вооружени сили во Украина што би се бореле на теренот, туку само постои консензус дека на земјата треба да ѝ се овозможи сѐ што е потребно и колку што ќе биде потребно за да го оствари нејзиното законско право на одбрана од руската инвазија. Ставот на ЕУ е јасен уште од почетокот на конфликтот: Ние мора да ја поддржиме Украина и тоа важи и кога се однесува за нејзината одбрана – изјави портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.
Начинот на кој ќе се прави тоа, вклучувајќи ја и воената поддршка, зависи од земјите членки на ЕУ и тоа е суверена одлука што тие самите ја носат, додаде Стано во одговор на новинарско прашање за коментар на изјавата на претседателот на Франција, Емануел Макрон, дека не ја исклучува можноста за распоредување француски војници во Украина.
Според Стано, ЕУ останува на својот став да ја поддржи Украина.
– Дел од воената поддршка е на ниво на ЕУ, преку Европскиот мировен механизам, но главниот дел оди преку билатералниот придонес на земјите членки. Земјите членки сами решаваат кој е најдобриот начин на кој можат да ги задоволат потребите на Украина – истакна Стано.
Тој додаде дека ЕУ ја поздравува најавата на францускиот претседател Макрон за испраќање дополнителни количества ракети со голем дострел и муниција за Украина, бидејќи тоа е во согласност со определбата на Унијата за поголема и побрза испорака на потребната опрема за одбрана на земјата.
Мицотакис: Не постои прашање за испраќање европски НАТО-сили во Украина
Не постои никакво прашање за испраќање европски сили на НАТО во Украина, порача грчкиот премиер Киријакос Мицотакис по завршувањето на конференцијата за поддршка на Украина што вчера се одржа во Париз, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис посочи дека разговорите со францускиот претседател и колегите од другите земји „секогаш се од особен интерес“ и изрази уверување дека ги потврдиле единството и одлучноста за поддршка на Украина „за да може на најдобар можен начин да се одбрани од руската инвазија“.
– Мислам дека постигнавме и рамка, за која би рекол дека не отстапува многу од одлуките што ги донесовме на Европскиот совет за тоа како оваа помош, на практичен начин, може да има посуштински и покорисен резултат за Украина. Освен тоа, бидејќи слушнав и разни коментари од колеги за прашањата за кои можеби се разговарало во просторијата, сакам да уверам дека не постои никакво прашање за испраќање сили, европски сили на НАТО во внатрешноста на Украина. Прашање што не постои за Грција и верувам дека не постои ни за големото мнозинство од нашите колеги – истакна Мицотакис.
Тој додаде дека дискусијата за конкретното прашање „го одвлекува вниманието од суштината на напорите за практична поддршка на Украина“.
Критики на иницијативата на Макрон и во Франција
Првите критики кон Макрон стигнаа експресно брзо од партиските лидери во Франција, при што десничарската лидерка Марин ле Пен го обвини претседателот дека глуми „воен лидер“.
– Не знам дали некој ја сфаќа сериозноста на таквата изјава. Емануел Макрон глуми воен лидер, но животите на нашите деца се тоа за што тој зборува со таква безгрижност. Во прашање е мир или војна во нашата земја – рече Ле Пен, а лидерот на екстремната левица, Жан-Лук Меланшон, рече дека испраќањето војници во Украина ќе ја направи Франција „воинствена“.