На пат кон Брисел и ЕУ, Зоран Заев и Никола Димитров разговараат и се потсетуваат на важните политички случувања додека двајцата, во одреден период, управуваа со државата Македонија
Замислен дијалог
Никола, ова наше патување кон Брисел и ЕУ почнува да ми станува сомнително! Една раскрсница, па друга, ова нема крај. Не можев да помислам дека патот кон ЕУ е толку неизвесен, полн со кривини. Нели ни беше речено и ветено дека патот од Балкан до Брисел е рамен, совршен и прав како топола. Оттука, сакам да ми кажеш, сигурен си дека овој е патот што води кон таа насока?
Зоран, повеќе од сигурен сум дека овој е патот. Гледај таму долу, каде што треперат тие светилките, тоа е Нивици, до него е езерото, тука нема промашување. Овој е патот за ЕУ, нема друг.
Никола, велиш езеро, мене ми се причинува дека е море. Во последно време географските работи малку ги мешам. Во езеро гледам море, море чинам дека е океан. Никола, знаеш, Нивици и Преспа поминаа. Тоа време беше историско и нема да се повтори. Друго сакам да те прашам, бидејќи во меѓувреме се случија многу турбуленции, овој Коѕијас мислиш добро направи што вака нѐ облече. Дали во вакво руво може некој да нѐ препознае?
Зоран, на нашите мајки што нѐ родија ако им каже некој дека во ова облека на традиционална хеленска гарда се криеме ние, Никола и Зоран, никој нема да поверува, биди сигурен во тоа.
Зошто велиш Никола и Зоран, нели е подобро Зоран и Никола, како во старите времиња, како во времето од Нивици?
Добро, Зоран, нека биде така, сакам да ти кажам Ципрас кога ти ги залепи мустаќите, знаев дека ќе ти подметне! Овие мустаќи што ги носиш не се како тие на нашиот Гоце, туку Ципрас ти плесна хеленски мустаќи, тенки и остри, какви што носеше нивниот Колокотронис.
Кој е тој Колокотронис?
Зоран, тоа што за нас е Гоце, за нив е Колокотронис, кој се бореше против Отоманската Империја.
Слушај, Никола, кога на Ципрас му ја дадов мојата црвена вратоврска му реков: Ако треба да имам мустаќи, сакам да бидат како на нашиот Гоце Делчев, други не. Знаеш што ми одговори пријателот Ципрас? Ние во Елада немаме мустаќи како на Делчев, ние имаме мустаќи само како на Колокотронис. Тоа ми кажа Ципрас. Никола, тебе Коѕијас те прелага со маската, слушнав кога му рече црвена, тој ти опна бела. Црвената била комунистичка, белата е за тие што се предаваат, така нѐ подмачкаа и Ципрас и Коѕијас.
Зоран, и облеката што ја носиме е традиционална хеленска облека. Луѓево си ја почитуваат традицијата и на секој начин ја бранат. Во таа насока, мислам дека носиш малку вина што нашата традиција и јазик не го имаат своето место во општеството. Имаш мала, не голема вина, ама сепак таа постои.
Море, Никола, мене ми зборуваш за вина околу традицијата и почитувањето на јазикот и културата? Вината повеќе е кај таквите како тебе, не кај мене. Кој прв се согласи со Коѕијас да нѐ облече во ваква облека, јас или ти?
Зоран, да не ја должиме многу, знаеш сега и небото и земјата имаат уши и очи. Сѐ се гледа и запишува како твоите бомби. Уште од Швајцарија почна да ги лиферуваш, ги раздаваше во форма на рамковни права. На внатрешен план тоа го искористија командантите од УЧК, кои сега управуваат со сите важни министерства. Јас бев за надворешни.
Никола, можеш да ми кажеш каде се сега твоите блиски пријатели Могерини и Хан, дури и Меркел, која нѐ убедуваше: Сменете го името и ќе бидете внатре. Знаеш каде сме сега? Сега сме облечени во хеленско руво и изгубени на патот кон ЕУ. Ете, таму сме благодарение на твоето надворешно работење, кое изгледа како да нема крај. Тебе те нема, ама последиците се тука, наредени се како опашка од лисица. Види што им направивме на обичните граѓани. Ги оставивме без лични документи, ги заробивме како да се наоѓаат во средниот век. Големите пријатели, твои и мои, мислам наши, не можат да ни помогнат да ни подадат рака како што ние им дадовме во Нивици, што велиш?
Зоран, овие на кои им подадовме рака во Нивици ги немам видено со месеци и години. Ми се причинува како да не постојат. Искрено, на Могерини и на Хан не им го ценев многу зборот, но кога се појави тешката германска артилерија Меркел, си реков работата е сериозна. Ама излезе чурук. Зоран, кажи ми што со источниот сосед ако и тој побара да наметнеме некоја негова традиционална носија, што ќе правиме? Нели велиш дека сме браќа и имаме заедничка историја!
Никола, ти како да сакаш да почнам да одам наглавачки! Остави ги тие работи. Дали можеш да ми кажеш што со изборите? Овие од ВМРО велат ќе имале над шеесет пратеници. Дури тогаш ќе биде оф, леле мајко! Можна ли е таква работа?
Зоран, од ВМРО немој да се стенахорисваш, повеќе да мислиме на граѓаните, кои најмногу ги трпат последиците од нашето Нивици и твојата Софија. Ако тие почнат да фрчат, тогаш ќе биде оф, леле мајко.
Никола, за првпат те слушам да кажуваш зборови на место. Имам предлог. Зад таа падинката има неколку куќи, знаеш мало село. Да одиме таму, да ги замолиме селаните да ни позајмат некои стари пљачки, да ги извадиме овие од Ципрас и Коѕијас и да облечеме обични, прости, какви што носат сите луѓе од овие краишта. Ме разбираш што сакам да ти кажам?
Зоран, те разбирам, ама ние со наше барање им дозволивме на Коѕијас и Ципрас да нѐ облечат во ова хеленско руво само да не може никој да нѐ препознае. Еден извесен период да бидеме во илегала. Сега велиш да се пресоблечеме. Ако го направиме тоа, ќе бидеме ептен на око, мислам лесно препознатливи. Дали ме разбираш?
Никола, те разбирам, затоа имам друг предлог. Да речеме, да фрлиме нешто од хеленската облека, еден мал дел да задржиме, тоа што ќе го фрлиме да го надоместиме со облека одовде. Што велиш, добра идеја, нели?
Зоран, ми се присторува дека си нестабилен и превртлив. Од каде ти доаѓаат такви идеи? Најлошото што можеме да го направиме е токму тоа. Да ги измешаме лончињата и, после, горе високо долу длабоко. Еве, јас ќе предложам една друга идеја, ти кажи што мислиш за неа, прифати или остави. Еве вака, сега е време на бркотница околу личните документи. Поранешниот за внатрешни ни е пријател, ти ќе го замолиш, односно ќе му наредиш да ни даде документи, на едните да стојат твоето име и моето презиме, на другите да бидат напишани твоето презиме и моето име. Тоа не е никаков грев или криминал. Знаеш, на многу странски и домашни криминалци и бандити им беа издадени фалсификувани македонски лични документи и ништо. Не пропадна светов или државата. Така ние некое време ќе си живееме мирно, како обични граѓани со измешани имиња и презимиња. Зоран, па, нели, ние двајцата дозволивме да се промени името на државата?
Коле Манев