Фото: ЕПА

Може ли актуелниот претседател на САД да не биде претседателски кандидат на претстојните претседателски избори

Во еден неодамнешен официјален извештај (инициран од американскиот јавен обвинител Мерик Гарланд во врска со можна неовластена употреба на доверливи владини документи од страна на Џо Бајден), презентирани се елементи со кои „сериозно е доведена во прашање менталната способност на Бајден да продолжи да служи како претседател за неговиот сегашен и потенцијален втор мандат“. Специјалниот извештај го опиша Бајден како „постар човек со намалени способности“, вклучувајќи и губење на меморијата. Во извештајот се наведува дека за време на петчасовното дводневно интервју од октомври 2023 година, Бајден не можел да се сети кога починал неговиот син Бо или кога започнал и кога завршил неговиот мандат како потпретседател.

Демократската партија ќе ја претстави својата конечна кандидатура на својата конвенција од 19 до 22 август во Чикаго

Иако Бајден е речиси несомнениот кандидат на Демократската партија на претседателските избори во ноември (негов единствен формален противник на прелиминарните избори е Дин Филипс, член на Претставничкиот дом од Минесота), сѐ погласни се тврдењата дека, со оглед на неповолните околности (возраст, гафови и низок рејтинг – приближно 38 отсто), може да се замени со некој друг.
Мнозинството Американци (86 отсто) не сакаат Бајден повторно да се кандидира, вклучувајќи и 57 отсто од демократските гласачи, а расте загриженоста за неговата возраст и неможноста да ја мотивира либералната база. Покрај тоа, неговите политики за зајакнување на полицијата и ФБИ и силната поддршка за Израел го иритираат прогресивното крило на Демократската партија. Иако замената не може да се случи преку веќе започнатите прелиминарни избори и практично не останува време за пријавување нови кандидати, Демократската партија ќе ја претстави својата конечна кандидатура на својата конвенција од 19 до 22 август во Чикаго.
Иако позицијата на Бајден е безбедна на прв поглед, реално е можно демократите да му ја ускратат кандидатурата на Демократската национална конвенција (ДНК) во случај на влошување на неговата здравствена состојба, што не е невозможно бидејќи станува збор за личност што е во својата деветта деценија (во ноември ќе го прослави својот 82 роденден). Демократите се соочуваат со избор: да останат лојални на политички ветеран или да бидат политички прагматични и да го заменат Бајден со помлад кандидат, кој реално има многу поголеми шанси за успех кај електоратот.
Не би било првпат да се случи такво нешто. Сè до 1968 година, партиите ги избираа своите кандидати за претседателските избори на партиските конвенции, а дури подоцна прелиминарните избори станаа главен начин за избор на кандидати. Иако прелиминарните избори завршија, партиите ја задржаа можноста да го заменат својот кандидат на партиските конвенции во вонредни околности. ДНК има добро дефинирани процедури за промена на кандидати доколку се појави потреба. Но за да се реализира ова, потребни се консензус и координација во раководството на партијата, кои се многу чувствителни аспекти, кои можат да резултираат со раздор доколку раководството на партијата не се согласи, а потоа и делегатите.

Комбинаторики за можните замени за Џо Бајден

Најлогичната замена е потпретседателката на Бајден, Камала Харис, но нејзината најголема слабост е исклучително лошиот процент на одобрување на гласачите од само 35 отсто на почетокот на февруари. Меѓу можните кандидати се издвојува демократскиот гувернер на Калифорнија, 56-годишниот Гевин Њусом, кој е на оваа позиција од 2019 година. И покрај успешниот гувернерски мандат, иако е амбициозен, потентен и брз, тој е неискусен како политичар на национално ниво. Неговата поддршка за демократските кандидати во другите сојузни држави сугерира дека тој се стреми кон високи функции, но сè уште е рано за таков ангажман. Слична е ситуацијата и со 52-годишната гувернерка на државата Мичиген, Гретчен Витмер, која е на позицијата од 2019 година.
Често се споменува името на Елизабет Ворен, сенаторката од Масачусетс, која е закоравена демократска ветеранка. Проблемот со неа не е искуството од високата политика, туку нејзината возраст – 74 години. Во некои анализи, како можен кандидат сѐ уште се споменува сенаторот од Вермонт, Берни Сандер, кој ги загуби прелиминарните избори во 2016 и 2020 година, но во 2022 година нагласи дека не ја исклучува можноста за кандидатура во 2024 година во случај на отворени прелиминарни избори. Сепак, тоа е малку веројатно, со оглед на тоа што тој е една година постар од Бајден и не е активен во последно време.

Потенцијална замена за Џо Бајден: Мишел Обама!

Една од најспоменуваните потенцијални замени за Бајден е поранешната прва дама на САД, Мишел Обама. Иако на почетокот многу набљудувачи би се смееле гласно и би ја отфрлиле Обама како кандидат без многу размислување, кога ќе се разгледа потемелно, нејзината кандидатура во никој случај не е невозможна. Мишел Обама е попрофилирана и поприфатлива за гласачите од повеќето наведени можни кандидати, а таа е политички поискусна од многумина.
Уште во мај минатата година, конзервативниот колумнист Курт Шлихтер изјави дека републиканците „со право се плашат“ од идејата дека би можеле да видат друг Обама во Белата куќа. Републиканскиот сенатор од Тексас, Тед Круз, во септември изјави дека смета дека има „многу значајни шанси“ Бајден да биде сменет од претседателскиот кандидат на Демократската национална конвенција ова лето и дека Обама ненадејно ќе биде номинирана на негово место. Нешто слично во јануари изјави и ултраконзервативната пратеничка Тејлор Грин. Од неодамна сѐ посилни се шпекулациите во медиумите дека поранешната прва дама би можела да стане кандидат, а каде што има чад има и оган. Симболиката е интересна: Демократската национална конвенција (ДНК) ќе се одржи во Чикаго (Илиноис) – родното место на Мишел Обама, што само ги зголемува сомнежите.
Позицијата прва дама за време на мандатот на нејзиниот сопруг Барак Обама од 2009 до 2017 година не е единствената референца на Мишел за кандидатската позиција. Популарноста, политичкиот увид и искуството се нејзините главни адути.


Потсетување за тоа која е Мишел Обама

Мишел Ла Вон Робинсон е родена на 17 јануари 1964 година. Дипломирала на „Принстон“ и „Харвард“. Кариерата ја започнала како адвокат. На почетокот на правната кариера, таа работела во адвокатската канцеларија „Сидли Остин“ каде што го запознала својот иден сопруг Барак Обама, но набргу потоа се преселила во јавниот сектор. Работела во различни непрофитни организации и како вонредна деканка за студентски услуги на Универзитетот во Чикаго. Таа подоцна служеше како потпретседателка за заедница и надворешни работи на Медицинскиот центар на Универзитетот во Чикаго. Се омажила во 1992 година и имала две ќерки. Мишел активно учествуваше во кампањата на својот сопруг за претседател во 2007-2008 година. На Демократската национална конвенција во 2008 година, таа одржа вонреден говор, кој го мотивираше членството да гласа. Потоа, таа редовно одржуваше говори на Демократската национална конвенција (ДНК), и тоа во 2012, 2016 и 2020 година.

Жена на која најмногу ѝ се восхитуваат во Америка во 2020 година беше Мишел Обама, освојувајќи ја ласкавата титула трета година по ред

Додека таа го поддржуваше својот сопруг во неговата политичка кариера, беше под голема медиумска лупа, но нејзината популарност растеше сè повеќе за време на нејзиниот престој во Белата куќа. Иако Мишел избегнуваше директно вклучување во политиката, таа силно ги поддржуваше политиките на својот сопруг и помогна да се промовира законодавството донесено од администрацијата на Обама. Беше исклучително активна во добротворни настани, привлекувајќи национално внимание поради нејзиното застапување за образование и кампањата за јавно здравје „Ајде да се движиме!“, која поттикнуваше здрав начин на живот за децата. Покрај промовирањето на образованието и здравиот живот, таа се залагаше за борба против сиромаштијата, ја промовираше ЛГБТ-агендата и беше активна на патувања во странство со или без претседателот, каде што најмногу укажа на важноста на образованието за девојчињата и жените. Таа силно ги поддржуваше домашните американски модни брендови и важеше за модна икона во јавноста.
Во анкетата на „Галуп“ за жена на која најмногу ѝ се восхитуваат во Америка во 2020 година, Мишел Обама го освои првото место трета година по ред. Додека беше прва дама, таа имаше рејтинг од околу 60-65 отсто во анкетите, додека нејзиниот сопруг како претседател имаше рејтинг од околу 40-45 отсто.

Кои се аргументите за кандидатура на Мишел Обама

Аргументите за кандидатурата на Мишел Обама се добро основани. Во минатото, Обама секогаш беше заштитнички настроена кон својот приватен живот и редовно ги отфрлаше медиумските шпекулации дека ќе се кандидира за претседател. Сепак, постојат вистински причини зошто таа може да го промени своето мислење. Иако во минатото велеше дека целта ѝ е пред сѐ да биде мајка, нејзиното најмало дете Саша сега има 22 години, додека постарото Малија има 25 години. Сега семејните причини не се пречка. Таа е политички активна во последните години. На пример, во јануари 2021 година, таа ги охрабри жителите на Џорџија да гласаат на вториот круг од изборите за Сенатот на САД и да контактираат со „Воут рајдерс“, непрофитна образовна организација за идентификација на гласачите, за да се уверат дека имаат валидна лична карта за гласање. Второ, таа постојано ја истакнуваше важноста на победата на демократите на претстојните избори. Во јануари таа изјави дека е „преплашена“ од можниот исход на изборите, мислејќи на триумфот на Доналд Трамп. Станува јасно дека таа би била меѓу најдобрите демократски кандидати за да го победи Трамп, кој изгледа незапирлив доколку неговата кандидатура не биде суспендирана од американското правосудство.
Трето, може да се претпостави дека Обама би била многу мотивирана да се сретне со Трамп, бидејќи таа ја опиша неговата изборна победа во 2016 година како „директен удар“ за наследството на нејзиниот сопруг. Мишел би ја сфатила изборната конфронтација со Трамп како лична конфронтација поради недвосмислената нетрпеливост на Трамп кон Обама и неговото наследство. Таа во својата книга откри дека победата на Трамп ја повредила.
Четврто, семејството на Обама очигледно е заинтересирано да го продолжи политичкиот живот на некој начин за да го задржи своето политичко наследство. Тоа го покажува и фактот што наместо да го напушти Вашингтон по завршувањето на нивниот мандат во Белата куќа во 2017 година, семејството Обама купи раскошен дом во историската населба Калорама во главниот град, која е населба на богати Американци. Луксузниот имот на Обама од 760 квадратни метри е на само две милји од Белата куќа. Нивниот имот е опишан како „нервниот центар“ на отпорот на администрацијата на Трамп во главниот град на САД.
Петто, Мишел Обама изгледа речиси идеалниот кандидат околу кој би се собрале либерални и прогресивни гласачи. Таа е жена, црнка, политичка ѕвезда, медиумска миленичка, повеќе од две децении помлада од Бајден, а зад неа стои политичката поддршка на нејзиниот сопруг, кој е обожаван од партиската база. Наводно, Барак Обама веќе ја проверувал можноста за кандидатура на својата сопруга со анкетирање богати демократски донатори.

Подготвил: Марјан Велевски