Почеток на крајот на ерата со САД како носител на безбедноста на ЕУ
- САД почнаа сѐ подлабоко и систематски да го преиспитуваат своето воено присуство во Европа, вклучително и анализите за волуменот на
американската воена моќ што Европа може да го очекува од Вашингтон. За Брисел, најавите за повлекување на американските воени сили од Европа, која седум децении живееше под американскиот безбедносен чадор, се стратегиски удар и пресврт
Во Европа долго време постоеше едно убедување што носеше голем степен на сигурност и безбедност, кое и европските политичари го земаа здраво за готово, а тоа е дека сите американски потенцијали, вклучително и воениот арсенал, во секој момент им се на располагање на европските сојузници, вклучително и способноста во релативно кратко време Вујко Сем да префрли огромни сили преку Атлантикот и да ги стави под команда на НАТО. Токму таа претпоставка сега почнува да исчезнува. Се разбира, тоа сѐ уште не е сторено со еден инстантен и драматичен потег, туку се движи во таа насока чекор по чекор. Најновиот чекор можеби е најважниот…
Дваесет и пет илјади американски војници помалку… или можеби четириесет илјади?!
Пентагон разгледува најмалку четири сценарија за ново распоредување на американските сили во Европа. Според информациите објавени од „Ен-би-си њуз“, една од опциите предвидува повлекување на околу 25.000 американски војници од континентот, а опција со релативно голема веројатност е и намалување на бројката од околу 40.000 војници.
Според јавно достапните податоци, во моментов во Европа се распоредени околу 80.000 лица американски воен персонал. Тоа значи дека најголемото од разгледуваните сценарија би можело да го намали американското присуство за приближно половина. За издвојување е сепак информацијата дека за ова сѐ уште не постои официјално донесена одлука во Вашингтон, односно Белата куќа. Но ревизијата по таа основа почна.
– Систематското преиспитување (ревизијата како процедура) ја започна секретарот за одбрана Пит Хегсет во јуни и трае до шест месеци, всушност би требало да заврши на средина на октомври. Според најновите информации, командантот на Европската команда, генералот Алексус Гринкевич, треба да ги презентира своите наоди, а конечната препорака до Хегсет се очекува на 6 ноември, по што предлогот би стигнал до претседателот Доналд Трамп. Во секој случај, многу е битно дека Пентагон сериозно разгледува Европа да има десетици илјади американски војници помалку. А тоа е голема разлика – вели наш соговорник, генерал на АРМ во пензија, кој педантно ги следи и ги регистрира овие промени.
Уште една опомена на Вашингтон кон актуелните бриселски елити
Ако овој тренд се гледа изолирано, може да изгледа само како „уште една политичка закана на администрацијата на Трамп кон европските сојузници“. Но хронологијата на настаните покажува нешто посериозно.
– Во април Вашингтон веќе разгледуваше можност за повлекување американски војници од Европа. Во мај Пентагон најави повлекување на околу 5.000 војници од Германија. Во исто време беше откажано планираното привремено распоредување на околу 4.000 американски војници во Полска. Потоа, во јуни, Хегсет формално ја отвори шестмесечната ревизија на целокупното американско воено распоредување во Европа. Затоа сакам да истакнам дека не се работи за инцидентна ад хок одлука на САД. И, според мене, не станува збор повеќе за едно повлекување. Станува збор за преиспитување на американската воена улога во Европа како целина – вели нашиот соговорник, пензиониран воен генерал на АРМ и експерт за воени прашања.
Реномираниот медиум „Ројтерс“, во врска со истото прашање, пишува дека „ревизијата треба да ги земе предвид не само бројот на војници туку и базите, пристапот до нив, правата за прелетување, како и пошироките американски способности поврзани со сајбер-просторот, вселената и разузнавањето“. Тоа е уште една потврда дека се подготвува една многу поголема работа од обичен список на единици што треба да се вратат дома.
Вашингтон ја менува цената на своето присуство
И покрај сето горе кажано, нашиот соговорник истакнува дека сето ова не значи нагло, веднаш и целосно повлекување на САД од европскиот континент.
– Изразот „Америка се повлекува од Европа“ е атрактивен, но може читателите погрешно да го сфатат, ако се разбере како целосно напуштање на Стариот Континент. Се разбира дека Америка останува во НАТО. Остануваат американски бази, војници и стратешки способности. Вашингтон и натаму е нуклеарна сила и клучен столб на Алијансата. Но односот се менува. Американската порака сè повеќе гласи дека Европа мора да плати повеќе, да произведува повеќе и сама да обезбедува поголем дел од силите што ѝ се потребни. Во тој контекст се повикувам и ја цитирам изјавата на американскиот генерал Гринкевич. Уште во мај тој изјави дека намалувањето на американските сили може да се одвива во период од повеќе години, додека европските сојузници преземаат поголема одговорност за конвенционалната одбрана на континентот. И американскиот генерал Гринкевич вели дека „посилниот европски столб“ му овозможува на Вашингтон постепено да го намалува своето присуство и да ги задржи пред сè оние критични способности што Европејците сè уште не можат сами да ги обезбедат. Токму оваа реченица е можеби најдобриот клуч за разбирање на новата политика – заклучува нашиот соговорник, генерал на АРМ во пензија и експерт за анализа на воени прашања. Р.С.
Кои земји на ЕУ би биле најпогодени со намалување на американскиот воен контингент во Европа?
Дали доколку дојде до големото најавено намалување на американската војска во ЕУ, најпогодени би биле Германија, Италија и Шпанија, односно државите во кои е концентриран голем дел од американската инфраструктура?
– Американското воено присуство во Европа е наследство од Студената војна. Германија со децении беше центарот на американската воена моќ на континентот. Од таму се командува, се транспортира, се складира и се распоредува. Но географијата на стратешката закана се промени. Денес Полска, Балтичко Море, Романија и североисточниот дел на Европа се многу поблиску до центарот на руско-натовската конфронтација отколку Германија, Шпанија или Италија. И затоа постои една високоверојатна тенденција, односно Америка може да има помалку војници во Европа, но дел од оние што ќе останат да бидат поблиску до Русија – вели нашиот соговорник.
Полска е клучот за разбирање на новата карта
Варшава со години бара постојано американско воено присуство. Американскиот претседател Доналд Трамп месецов објави дека има напредок кон воспоставување постојана американска база во Полска и дека локацијата би можела наскоро да биде објавена.
– Според мене, можна варијанта е исто така Вашингтон да намалува дел од силите во Германија, односно да намалува присуство во Италија и Шпанија, да намалува одредени способности низ Европа, а истовремено да концентрира дел од американската сила во Полска и на источното крило. Затоа попрецизниот термин не е „американско напуштање на Европа“, туку можеби поблизок термин би бил – прераспределба, се разбира со тенденција за намалување жива сила од САД – вели нашиот соговорник.
Современите војни не се водат веќе само со „бројчена надмоќ на луѓе“ за гарантирана победа
Кога се зборува за 25.000 или 40.000 војници, постои опасност да се изгуби најважниот дел, ни обрнува внимание за еден друг аспект на стратегиите на воените центри на моќ нашиот соговорник, генерал во пензија, во врска со прашањето за повлекување на американската војска од ЕУ-земјите.
– Современата војна не се води само со број на луѓе. САД во Европа обезбедуваат способности што се многу потешки за брзо заменување, како што се процесите на разузнавање или, пак, воздушно полнење гориво, потоа транспорт, командување, противвоздушна и ракетна одбрана, далекометни оружја, морски сили, вселенски и сајбер-капацитети. Токму затоа актуелната американска ревизија е важна. Таа разгледува и авиони, бродови, оружје и инфраструктура, а не само бројот на војници. Значи, 20.000 војници помалку не мора автоматски да значат 20.000 помалку воена моќ. Но обратно исто така важи дека помалку американски авиони, бродови, разузнавачки системи и логистички способности може да значи многу поголема промена од самата бројка на војници – објаснува нашиот соговорник, истакнувајќи дека стратегиските поместувања се мошне сложени и бараат длабока анализа за да се антиципираат натамошните движења на геостратегиските политички процеси. Р.С.
Европа веќе се подготвува за заминување на дел од армијата на САД
Европејците не го чекаат американското повлекување за да почнат да размислуваат за сопствената одбрана. Според многу индикатори, европските членки на НАТО веќе го прават тоа.
На самитот на НАТО во Хаг во 2025 година, сојузниците (иако со големи притисоци од Вашингтон) се договорија до 2035 година да издвојуваат пет отсто од БДП годишно за одбранбени и пошироки безбедносни потреби. Од нив најмалку 3,5 отсто треба да одат за основните воени способности, а до 1,5 отсто за пошироки безбедносни инвестиции – инфраструктура, отпорност, мрежи и одбранбена индустрија. Тоа е огромна промена. За споредба, старата цел беше два отсто. Европските сојузници и Канада само во 2025 година ги зголемиле своите одбранбени расходи за речиси 20 отсто во реални услови во однос на претходната година. НАТО наведува дека нивното колективно трошење достигнало повеќе од 571 милијарда долари според цените од 2021 година.
А Европската Унија оди уште подалеку. Планот „Подготвеност 2030“ (Readiness 2030) и „Повторно вооружување на Европа“ (ReArm Europe) е конципиран за мобилизирање до 800 милијарди евра дополнителни одбранбени инвестиции, вклучително и 150 милијарди евра преку инструментот САФЕ (SAFE) за заеднички набавки. Ова е најсилниот доказ дека нешто навистина се менува. Европските држави не би преземале ваков финансиски ризик ако очекуваат следните децении да изгледаат исто како претходните.
Брисел сфати дека американската сила не е бесконечна
Во годините по Студената војна, Европа живееше со претпоставката дека САД имаат доволно сила за Европа, Блискиот Исток и Азија истовремено. Но светот веќе не изгледа така. Америка се соочува со Русија во Европа, со Кина во Индопацифичкиот Регион и со кризи на Блискиот Исток. Во исто време Вашингтон сака да има доволно воена сила за глобални операции. Од американска гледна точка, Европа е богата група сојузници со сопствено население, индустрија и економија. Во еден таков контекст, администрацијата на Трамп веќе подолго време не си го поставува предизвикот за тоа колку Америка може да даде за Европа, туку колку Европа може да направи сама, за Америка да може да ги користи своите ресурси и на други места?
Токму тоа стои зад сегашната ревизија во Пентагон, а „Ројтерс“ известува дека „целта на процесот е, меѓу другото, да се охрабрат европските сојузници да преземат поголем дел од одбранбениот товар, додека САД ја зачувуваат способноста за глобални операции“. Р.С.
САД имаат ограничувања во врска со повлекувањето на својата војска од Европа?!
Според нашиот ценет соговорник, генерал во пензија на АРМ, секоја ваква анализа не би била целосна доколку не се издвојат и некои елементи што не одат токму во прилог на политичките одлуки на носителите на највисоките државни функции. Тој додава дека и таквите одлуки треба да бидат задолжително во согласност со Уставот, законите и процедурите на една држава. А тоа важи и за САД.
– Американскиот претседател не може едноставно прекуноќ да одлучи дека десетици илјади војници исчезнуваат од Европа. Конгресот постави законски ограничувања за намалување на американските сили на континентот. Според извештаите, актуелното законодавство поставува праг од 76.000 американски војници, со услови под кои тој број може да биде намален. Тоа значи дека и најамбициозните сценарија од Пентагон мора да се гледаат во контекст на американското позитивно и актуелно право, прописите и процедурите, Конгресот и НАТО. Но ограничувањето не го поништува трендот. Само покажува дека процесот ќе биде политички и постепен, наместо нагол и целосен – вели нашиот соговорник. Р.С.
НАТО и рефлексиите во Алијансата од концептот за повлекување на американските трупи од Европа
По ова прашање, нашиот соговорник сепак е дециден.
– Рака на срце, сепак мора веднаш да истакнам дека сето ова не значи дека НАТО се распаѓа. Всушност, на хартија НАТО денес има поголеми одбранбени планови, поголеми инвестиции и повисоки цели отколку пред неколку години. Алијансата развива нови планови за одбрана, ја зајакнува источната граница и инвестира во воздушна и ракетна одбрана, логистика, далекометни оружја и производство. Но НАТО се соочува со еден нов тест во кој се поставува прашањето дали европските членки можат доволно брзо да ги претворат парите во реални воени способности за да го надоместат делот од американската моќ што Вашингтон сака да го повлече? Тоа е многу потешко од зголемување на буџетите. Може да се купат авиони, но потребни се пилоти. Може да се купат тенкови, но потребни се формации, муниција и логистика. Може да се изгради фабрика за муниција, но потребни се години за да достигне голем производствен капацитет. Може да се купи систем за противвоздушна одбрана, но потребни се мрежи, радари, командување и интеграција. Затоа Европа сега се обидува да го направи она што со децении го правеше Америка, односно да изгради цел екосистем на воена моќ – тврди нашиот соговорник. Р.С.
Имаат ли плановите за повлекување на американската војска од Европа допирни точки со Македонија?
– Македонија е НАТО-членка. Ако американската улога во европската одбрана се менува, тоа неизбежно ја менува и логиката според која функционира Алијансата во која се наоѓа Македонија. Тоа не значи дека американски војници утре треба да дојдат или да си заминат од Македонија. Значи нешто многу посуштинско, а тоа е дека веќе ноторен факт е дека од сите членки ќе се очекува поголем сопствен придонес. За малите држави тоа може да значи повеќе инвестиции во армијата, инфраструктурата, логистиката, сајбер-безбедноста и отпорноста, но и поголема политичка одговорност во рамките на НАТО. Македонија не може да влијае врз тоа дали Пентагон ќе повлече 25.000 или 40.000 војници. Но може да биде погодена од последиците од таквата промена. Затоа ова не е американска туѓа политика што треба да ја следиме само кога ќе стигне на насловните страници. Тоа е промена на безбедносната средина во која се наоѓа и Македонија – анализира нашиот ценет соговорник, поранешен активен генерал на АРМ, сега во пензија.
Тој мошне внимателно и темелно ги следи военобезбедносните прашања и движења во регионот, Европа и во светот.
– На крајот, може да се случи Пентагон да го избере најмалото сценарио. Може да повлече помалку војници. Може дел од силите да ги префрли на исток. Може Конгресот да ограничи дел од планот. Може и конечната препорака значително да се разликува од сегашните медиумски извештаи. Сето тоа е можно. Но една работа веќе е факт. Во април, Вашингтон размислуваше за намалување. Во мај повлече 5.000 војници од Германија и откажа планирано распоредување на 4.000 во Полска. Во јуни, Пентагон започна формална ревизија на целокупното американско воено присуство. Во септември, на маса се сценарија со десетици илјади војници. Истовремено Европа го зголемува трошењето и се обврзува на пет отсто од БДП за одбрана и безбедност до 2035 година, додека ЕУ планира мобилизирање до 800 милијарди евра за одбранбени инвестиции. Тоа не е една вест. Тоа е низа одлуки што се движат во иста насока. И затоа најточната констатација е дека Америка постепено ја менува својата улога во европската безбедност, а Европа, за првпат по генерации, мора да се подготви за можноста дека американската воена сила нема да биде толку голема, толку блиска и толку автоматски достапна како што беше досега. Тоа е вистинскиот историски пресврт. Не затоа што Америка исчезнува, туку затоа што ерата во која Европа можеше да ја смета американската воена моќ за константа – завршува. Тоа е факт што навистина треба да се обележи и регистрира – вели на крајот нашиот ценет соговорник. Р.С.
Германски генерал на чело на Воениот комитет на НАТО
Изминатиов викенд, поточно во саботата, германскиот генерал Карстен Бројер беше избран за нов претседател на Воениот комитет на НАТО, највисокото воено тело на Алијансата. Одлуката ја донесоа началниците на одбраната на 32-те земји членки на НАТО на состанокот во Копенхаген. Генерал Бројер ќе стапи на функцијата во јули 2027 година, кога ќе го наследи италијанскиот адмирал Џузепе Каво Драгоне. Мандатот на новиот претседател на Воениот комитет ќе трае три години. Како претседател на Воениот комитет на НАТО, генерал Бројер ќе биде и главен воен советник на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Наедно, тој ќе има задача да ги пренесува ставовите и воените препораки на началниците на одбраната до политичките структури на Алијансата.
Генерал Бројер (61) е началник на одбраната на Германија од 2023 година. Во германските вооружени сили служи од 1984 година, кога ја започнал кариерата како офицер во единица за противвоздушна одбрана. Во текот на кариерата поминал обука во Германија и во САД, а во 2014 година бил ангажиран во мисијата на НАТО во Авганистан. Поширока јавна препознатливост стекна и со раководењето на кризниот штаб на германската влада за време на пандемијата на ковид-19. Актуелниот претседател на Воениот комитет на НАТО, Каво Драгоне, го опиша генерал Бројер како офицер со оперативно искуство и добро познавање на Алијансата. Воените лидери на НАТО, според него, му ја довериле функцијата „во чувствителен период за евроатлантската безбедност“. Функцијата претседател на Воениот комитет е една од клучните во воената структура на НАТО. Претседателот го раководи Воениот комитет и ја претставува неговата работа пред политичките тела на Алијансата. Со изборот на Бројер, Германија добива значајна улога во највисокото воено раководство на НАТО. Тој ќе го преземе мандатот во летото 2027 година, по завршувањето на мандатот на Каво Драгоне. Изборот е донесен со консензусно политичко-воена процедура во рамките на Алијансата, во која началниците на одбраната го избираат претседателот на тригодишен мандат. Р.С.

































