Драган Јањатов / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Потпишувањето на дипломатскиот протокол помеѓу Србија и Русија за време на  Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк го стави Белград под голем притисок од Западот за да ѝ сврти грб на Москва, а ваквата ситуација ќе се одрази на Балканот, што се забележува и по брзањето на САД за испраќање на амбасадорка во Скопје. На овој начин публицистот и поранешен дипломат Драган Јањатов за „Нова Македонија“ го толкува потпишувањето на договорот што деновиве предизвика бурни реакции во меѓународната дипломатија.

Потпишаниот план за консултации помеѓу министерствата за надворешни работи на Русија и на Србија според познавачите на состојбите претставува сосема вообичаен документ во меѓународните односи. Впрочем, американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, истакна дека нема ништо посебно во документот по неговото разгледување, но тајмингот на потписот во осетливата политичка ситуација предизвика сомнежи на Западот.

– Србија е под голем притисок за да ѝ сврти грб на Русија, но не може и не сака да го стори тоа, земајќи го предвид и внатрешното расположение. Да не сме во кожата на Србија која е меѓу два огна, а Русија бара поддршка од кого било. На Вучиќ не му е лесно, тој е дециден, но честопати и контрадикторен. Се работи за невралгично расположение во кое не се наѕира светло на крајот од тунелот. Станува збор за флуидна ситуација што ќе зависи и од референдумите што Русија ги организира во Украина. И мал настан може да влијае за промена на ситуацијата на подобро, иако тоа не е изгледно, или на полошо – смета Јањатов, додавајќи дека забележливи се шпекулации и злоупотреба на ситуацијата од сите засегнати страни.

Тој се осврна на дипломатските активности на САД во Скопје и во контекст на иницијативата „Отворен Балкан“, како и на скринингот во рамки на евроинтеграциите.

– Ваквата ситуација ќе се одрази и врз Балканот. Гледаме дека САД брзаат да испратат нова амбасадорка во Скопје, додека агендата на „Отворен Балкан“ исто така им ги мати сметките. Моментно се форсира скринингот, но тука пречка претставува промената на Уставот – објаснува Јањатов.

Шефот на српската дипломатија Никола Селаковиќ ги смета нападите за обид за дисциплинирање на Србија и на нејзината принципиелна позиција во надворешната политика, а српската премиерка, Ана Брнабиќ, пак, наведе дека по потпишувањето на документот со Русија „почнале лудилото и хистеријата“. Амбасадорот на САД во Белград, Кристофер Хил, побара објаснување од српските власти за потпишувањето на документот, известувачот на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик порача дека тоа е удар за проширувањето на ЕУ, а известувачката за Косово и пратеничка во Европскиот парламент, Виола фон Крамон, оцени дека се работи за „голем скандал“ што може да биде сигнал за замрзнување на пристапните преговори на ЕУ со Србија“. Одредени српски опозициски политичари предупредуваат постои опасност ЕУ да воведе санкции кон Србија, вклучително и прекин на преговорите со Унијата, доколку српските власти не се приклучат кон западните санкции врз Русија. М.Ж.