Фото: Игор Бансколиев

Соговорниците, кои имаат длабоки историски познавања, алармираат на сѐ поагресивната актуелна тенденција кај нас за тоа дека „сѐ што било победа над фашизмот треба да биде запретано“, покриено со пепел… Имено, се обрнува внимание дека ако се дозволи ретуширање на историјата за „фашистичкиот карактер на бугарската окупација на територијата на денешната македонска држава“, Македонија може да биде доведена во ситуација да ѝ биде натоварена вината за злосторствата направени во Втората светска војна на нејзина територија, иако во основата на својата независност и државност Македонците ја имаат антифашистичката борба, и тоа токму против бугарските окупациски сили

Како ретуширањето на историјата прави поразените да се приклучуваат кон победниците

Наметнувањето на париско-софиската агенда за добрососедски македонско-бугарски односи, обвиткани со проѕирниот целофан на критериуми за проширување на ЕУ, се сведува на барањето од Македонија – да спроведе авторевизија на својата историја, јазик, идентитетски прашања, култура… Таквата наметнувана агенда, спакувана во некои од клучните меѓународни документи, како што е Договорот за добрососедство во 2017 година, а и со европска интервенција формулирана како француски предлог, нема да помине, дури и да е „услов без кој не се може“, за влез во ЕУ. Во тој контекст, нашите соговорници обрнуваат внимание дека „ако продолжиме да попуштаме на притисоците за самите да си воспоставиме историски ревизионизам, во име на ЕУ-иднината, влегуваме во многу ретроградна ситуација, каде што ние од историски победници се приклучуваме кон историски поразените мрачни сили“.

Сега и „депортацијата на македонските Евреи“ стана една од ревизионистичките тенденции како услов за продолжување на македонските евроинтеграции?!

Од 10 март во Македонија се одбележува сеќавањето, т.е. 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во фашистичкиот логор на смртта Треблинка. Депортацијата на Евреите од Македонија претставува настан без преседан од Втората светска војна, во режија на владите на фашистичка Бугарија и нацистичка Германија, за систематска елиминација на еврејското население од т.н. „новоослободени територии“ од страна на бугарската власт. Сите Евреи од Македонија биле депортирани во логорот Треблинка, каде што биле задушени во гасни комори. Од Треблинка не се вратил никој. Не останал ниту еден сведок да прераскаже за стравотиите на уништувањето на еврејското население од Македонија. Документите се единствените сведоци за докажувањето на судбината на Евреите во Македонија. Од Вардарска Македонија биле иселени над 7.000 Евреи, додека вклучувајќи ги и оние од Егејска Македонија и Тракија околу 11.400.
Оваа историска тема, за депортацијата на Евреите од Македонија од страна на бугарските фашистички окупациски власти за време на Втората светска војна, се наметнува како еден од низата елементи во ревизионистичките тенденции скриени во условите на францускиот предлог за продолжување на македонските евроинтеграции. Со историско пренебрегнување на фашистичкиот карактер на бугарската окупација на територијата на денешната македонска држава, Македонија може да биде доведена во ситуација да ѝ биде натоварена вината за злосторствата направени во Втората светска војна на нејзина територија, иако во основата на својата државност ја има антифашистичката борба токму против бугарските окупациски сили.
Во Бугарија, пак, постојат тенденции бугарското политичко водство од периодот на Втората светска војна и царот Борис Трети да бидат претставени како спасители на Евреите, врз основа на историскиот факт што црквата и граѓаните на Бугарија ја спречиле депортацијата на луѓето од еврејската заедница во т.н. стари бугарски предели, односно Бугарија без окупираните територии.

Вистинската историја различно се пренесува и никогаш не е адекватно предавана во бугарските училишта

Во врска со ваквите тенденции за извртување на историските факти, бугарскиот експерт за антисемитизам и радикализам Соломон Бали од еврејската организација „Бнеи Брит“ се спротивставува на обидите за претставување на царот Борис Трети како спасител на Евреите од Бугарија во Втората светска војна, според кого како своевидна провокација за Македонија е именуван и „културниот клуб“ на Бугарите во Охрид.
– За жал, целата таа историја различно се пренесува и фактички никогаш не е адекватно предавана во бугарските училишта, од 1944 година, откога можела да биде предавана. Сосема е логично, од тој единствен чин на иселување на една еврејска заедница, во земја што е активен сојузник на нацистичка Германија, во секој однос, и во однос на т.н. решавање на еврејското прашање, што води до еврејскиот холокауст и смрт на 6 милиони луѓе Евреи, секој да се обиде да придобие некакви дивиденди од тоа. Според мене, ако некој воопшто има право на дивиденди, тоа се Бугарите -хуманисти, луѓето што застанале до нашите баби и дедовци, кои им помогнале со тоа што можеле и ѝ се спротивставиле на државата во нејзините бескрупулозни и добро планирани намери да го ликвидира целото еврејско население, план спроведен од царот Борис Трети и неговата влада. Притоа ги имам предвид Евреите што живееле во, како што се вели, старите предели на Бугарија и еврејските заедници во териториите окупирани од бугарската армија, во северна Грција, денешна Македонија и источна Србија. Вината за соучесништвото на бугарската држава преку нејзините институции (како што се наведува во позициите на апелот што ги повикува нашите сегашни институции да поднесат извинување од името на Бугарија и да запрат со обидите за негирање, т.е. да ја одрекуваат улогата на царска Бугарија во прогонот, депортацијата и соучесништвото во уништувањето на дел од еврејското население) е апсолутно адекватна. Тоа е нешто најнормално, кога има вина – да се побара прошка за неа и да се гледа во иднината. Но постои некаква група на луѓе, кои за жал морам да ги наречам нацисти (некои и отворено така се претставуваат), што се обидува да му подметне на нашето општество, лаги, отворени лаги. Ако тие имаа еден единствен документ со кој се докажува дека Борис Трети или луѓето околу него имале желба да го заштитат еврејството, тие ќе го покажеа во овие изминати 80 години. Уверен сум дека ако Борис Трети го доживееше крајот на Втората светска војна, тој ќе беше суден како воен злосторник, не само поради испраќањето на тие 11.343 луѓе во смрт, меѓу кои има повеќе од 4.000 деца, туку и за воените злосторства извршени од окупациските бугарски воени сили, не само во денешна Македонија туку и во денешна Грција. Многу сум зачуден од изборот за отворање на тоа прашање за спомениците во Македонија, зашто на спомениците на жртвите на злосторствата од бугарската окупациска власт во Грција исто така пишува „бугарски фашистички окупатор“. Интересно е што никој во Бугарија нема проблем со тоа – вели Соломон Бали, експертот за антисемитизам и радикализам од Бугарија, во една телевизиска емисија во бугарскиот медиумски простор.
Иако обвиткан во слатките обланди за европската иднина и скриен во придружните документи на францускиот предлог на преговарачката рамка на ЕУ, горчливиот вкус на историскиот ревизионизам се заканува да развие токсични процеси на преиспитување на идентитетите и демократските вредности не само во Македонија туку и низ цела Европа.

Брисел да не дозволува ЕУ да го затскрие фашизмот од историјата на некои свои членки, бидејќи ги дегенерира сопствените демократски принципи и вредности

Професорката Наташа Котлар-Трајкова од Институтот за национална историја на Македонија смета дека ЕУ, обидувајќи се да го заборави и затскрие фашизмот, ги дегенерира сопствените демократски принципи и вредности, доведувајќи се во ситуација да не може да одговори на предизвиците што самата си ги поставува.
– Целата оваа политика што се води од ЕУ, на која сме современици, е далеку од принципите на кои ја има замислено и поставено Роберт Шуман – на демократија и намерата никогаш да не се повторат злосторствата и трагедиите на фашизмот. Сега сме современици на дегенерација на демократијата како политички систем, а ЕУ се впушта во една лоша политика на историски ревизионизам: од една страна со намера да го скрие своето срамно минато (голем дел од сегашните држави на ЕУ во Втората светска војна и пред нејзиниот почеток има поврзаност со фашистичка политика и идеологија), а од друга страна – под влијание на актуелните геополитички и геостратегиски интереси, се чини дека никој не сака да се сеќава на улогата на СССР за победата на демократските сили врз фашизмот во Втората светска војна. Македонија, пак, како држава е создадена токму од антифашистичката борба на партизанското движење, кое иако со подеми и падови, но без никаква помош од надворешни сили, прерасна во ослободително движење на македонскиот народ. Партизанското движење во Македонија се бореше против силите на фашизмот- отелотворени во бугарските окупаторски војски и власти, многу порано пред таквото партизанско движење на отпор против фашизмот да се развие во Европа. Треба да бидеме свесни дека и во овој миг живееме во вителот на историските промени, односно во време на сериозни воени и геостратегиски промени во светот. Ништо нема да биде исто во светот потоа, а ние треба да изградиме автентичен однос спрема тие промени што се случуваат. Во овој миг на прегрупирање, добиваме историска ситуација во која сѐ што било победа над фашизмот треба да биде запретано. Но ако се оди по таа линија на историски ревизионизам, во интерес на геостратегијата и геополитиката на големите сили, многу веројатно можеме да се најдеме сите во ситуација како пред Втората светска војна. ЕУ нема да може да одговори на предизвикот што самата си го поставува. Ако во Македонија самите си воспоставиме историски ревизионизам, во име на ЕУ-иднината, која самата се става под знак прашалник, влегуваме во многу ретроградна ситуација, од која ќе го извлечеме подебелиот крај во иднина, што ќе значи негација на македонскиот народ и целото негово постоење – вели историчарката Наташа Котлар-Трајкова.