Празни ниви и скапа трпеза

Неколкумесечниот „отпор“ на пекарите да ја намалат цената на лебот ги исфрли на површина сите слабости во досегашната аграрна политика, која не успеа да воспостави здрави и плански пазарни односи (па, ако сакате, и договорни односи – во интерес на народот и државата) меѓу непосредните земјоделски производители, преработувачите и трговците. За отсуството од реално планирање на пазарот на храна, каде што треба активно да се вклучи и државата, главниот збор го имаат неколку големи домашни преработувачки компании и препродавачи на раноградинарски и земјоделски производи што ги менаџираат работите, но не токму во полза на амортизација на кризата…

По замрзнувањето на цената на белиот и полубелиот леб, од неделава граѓаните ќе купуваат и поевтини макарони и шпагети за 15 отсто, а сирењето, млекото, урдата, киселото млеко, јогуртот се само дел од производите што од 16 март ќе можат да се набават во маркетите за цена пониска во просек за десет отсто. За непочитување на владините одлуки за намалување на цените на основните прехранбени производи, против несовесните трговци и преработувачи, ќе бидат изрекувани високи парични казни! Вака поминаа првите месеци од 2023 година, која ни беше најавена како година на „најголемата земјоделска реформа“, а која требаше да биде почеток и на новата битка за поголемо производство на домашна храна. Кризата со храна од минатата година, која предизвика висок раст на цените за основните животни продукти, најскапо ја платија македонските граѓани, кои беа принудени да се соочат со високите трошоци на живот. Нашата земја, за која нашите политичари и економски аналитичари слаткоречиво знаат да кажат дека има добри услови за развој на земјоделството, наместо да стане извозник на храна, сѐ повеќе станува „зависник“ од увозна пченица, брашно, масло за јадење, свежо месо и млеко!
Неколкумесечниот „отпор“ на пекарите да ја намалат цената на лебот ги исфрли на површина сите слабости во досегашната аграрна политика, која не успеа да воспостави здрави и плански пазарни односи (па, ако сакате, и договорни односи – во интерес на народот и државата) меѓу непосредните земјоделски производители, преработувачите и трговците. За отсуството од реално планирање на пазарот на храна, каде што треба активно да се вклучи и државата, главниот збор го имаат неколку големи домашни преработувачки компании и препродавачи на раноградинарски и земјоделски производи што ги менаџираат работите, но не токму во полза на амортизација на кризата…

Во исто време, земјоделците одгледувачи на пченица, ориз, сончоглед, пченка не можат да ги покријат ни вложените средства за орање, сеење, прихранување на посевите или за нивна хемиска заштита!
Во досегашниот самостоен развој, Македонија пропушти да изгради стабилен и самоодржлив систем на производство на храна. По неколкуте неуспешни земјоделски реформи, кои почнуваа одново по секоја новоизбрана влада, ние сме пред нов „историски“ буџет за земјоделскиот сектор, кој ќе треба да ја обезбеди сигурноста на населението со домашна храна, преку зголемено домашно земјоделско производство. Неоспорно е дека секоја претходна власт се обидуваше да обезбеди поголема финансиска поддршка за земјоделците, но тоа што недостига е јасна визија за тоа каде сакаме да го видиме македонското земјоделство во иднина. Фокусот во националната програма за повеќе храна треба да биде на подобрување на продуктивноста и конкурентноста на македонските земјоделски производители, а тоа може да се направи преку создавање поволни услови за одгледување на стратегиските земјоделски култури. Наместо тоа, во досегашната земјоделска развојна историја имаше многу експериментирања во одгледување нови земјоделски култури, кои не наидоа на „плодна“ почва и по година-две од прекинувањето на субвенциите, таквото производство замираше. Да не заборавиме дека имаше години и кога се даваа субвенции за одгледување ноеви!
За тоа до каде сме стигнале со политиката за обезбедување домашна храна можат да послужат податоците од Државниот завод за статистика, кои покажуваат постојано и побрзо зголемување на увозот на храна, во споредба со извозот. Во 2021 година биле извезени храна и живи животни во вредност од 389 милиони евра, а увозот бил 745 милиони евра, односно Македонија е во минус од 356 милиони евра за увоз на храна, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Ако се погледнат годишните биланси за одделни земјоделски култури, тие се уште позагрижувачки. Нашата земја сѐ уште е увозен зависник од лебно жито, додека земјоделските површини со житни култури се во постојано намалување и без реално и континуирано зголемување на годишните приноси, кои се движат во просек околу 240 и 250 илјади тони. Наспроти релативно високите приноси и извозните потенцијали на македонски бренд, оризопроизводството во Македонија бележи намалување во споредба со златните времиња, кога оризот од Кочанскиот Регион се продаваше на поранешниот југословенски пазар. Производството на сончоглед е намалено за десет пати, а неговото исчезнување од македонските ниви се одложи поради обновувањето на откупот од домашните преработувачи.

По сите овие години, мора конечно да се промени досегашниот пристап: пред секоја сеидба да се најавуваат нови поголеми површини со земјоделски култури, а по неколку месеци, по секоја завршена жетва, да гледаме незадоволни земјоделци на патиштата како молат да им се плати цената што ќе ги покрие нивната мака и труд. Очигледно е дека досегашната политика во земјоделството, која се сведува само на „голо“ прераспоредување на буџетските средства, не ги дава очекуваните резултати. Потребна ни е целосно заокружена развојна стратегија, со сегментирано дејствување во подобрувањето на условите за одгледувањето на пченицата, пченката, сончогледот, оризот, градинарските култури…

По сите овие години, мора конечно да се промени досегашниот пристап: пред секоја сеидба да се најавуваат нови поголеми површини со земјоделски култури, а по неколку месеци, по секоја завршена жетва, да гледаме незадоволни земјоделци на патиштата како молат да им се плати цената што ќе ги покрие нивната мака и труд. Очигледно е дека досегашната политика во земјоделството, кое се сведува само на „голо“ прераспоредување на буџетските средства, не ги дава очекуваните резултати. Потребна ни е целосно заокружена развојна стратегија со сегментирано дејствување во подобрувањето на условите за одгледувањето на пченицата, пченката, сончогледот, оризот, градинарските култури… Очекувањата на земјоделците се дека доколку има реална планска поддршка, координација и синхронизација околу пласманот, па и откупот на пченицата и другите земјоделски производи, Македонија може да стане целосно или помалку зависна земја за храна. Но за да се случи тоа, потребни се поголеми заложби за надминување многу проблеми што ги мачат земјоделците. Обезбедувањето континуирано аграрно производство значи подобрување на продуктивноста на земјоделските стопанства. Нашите земјоделци сѐ уште остваруваат мали приноси по хектар, а отсуствува и целосна примена на современи системи и методи на наводнување и заштита на растенијата. Барањата на земјоделците се конкретни: воспоставување гарантиран систем на откуп, добро планирање на годишните посеви со култури, поголема сигурност во снабдувањето со вода за наводнување, обезбедување нови поголеми површини, со што би се намалиле производствените трошоци. Во последните години се јавува и сериозен проблем со недостигот од работна сила во земјоделскиот и преработувачкиот сектор. Одложувањето на решавањето на овие прашања целосно ќе ги поткопа надежите за остварување на сонот за обезбедување храна од домашно производство. Пари сигурно не ни недостигаат, тоа што ни е потребно е повеќе знаење, истрајност и желба за работа на македонските ниви.