Македонија е територија, но и народ, држава, но и регион. Сè додека трае нејзиното име, ќе трае и името на народот. Македонија никаде не оди. Македонците си одат, затоа треба да се вратат. А ќе се вратат кога Македонија ќе биде просперитетна држава и кога меѓународните институции ќе ѝ ги признаат неотповикливо правата кои ѝ следуваат според универзалните конвенции. Тоа е услов без којшто не е можна успешна македонска приказна, приказна која нема да биде преседан, туку потврда на цивилизациските придобивки
Илинден е семакедонско „Свето тројство“, затоа што поврзува неколку слоја на колективната меморија на Македонците: митскиот, христијанскиот, историскиот, политичкиот и културниот слој.
Токму одразот на тие слоеви во македонското Име сведочи за древноста и за препознатливоста на македонскиот идентитет. Токму тие слоеви го прават македонскиот идентитет отпорен на многубројните политички искушенија својствени за поновата историја на Балканот и за модерна Европа. Токму тие слоеви го дизајнираат духовниот печат на македонскиот народ низ вековите. Токму тие слоеви покажуваат дека, и кога се адаптира на новите општествени констелации, идентитетот ја задржува својата суштина. Токму затоа го имаме богатото јазично, ритуално и фолклорно наследство во сите облици на народната култура и уметност: книжевноста, музиката, танцот, песната, везот, резбата, вајарството, фрескописот, иконописот, сликарството, писменоста… Ако го лишиме од еден од овие слоеви, значи дека сме го лишиле македонството од неговата суштина.
Можеби поради тоа е зачната сагата на постојаното бришење и ревидирање на македонскиот наследен етнокултурен идентитет. Таа сага ја иницира колонијалниот ум на европските народи кои претендираат да бидат најстари, најголеми, највлијателни, а всушност посегаат по туѓиот имот: туѓа територија, туѓа популација, туѓа историја, туѓо наследство, туѓо име… Таа сага се одвивала под геслото: хеленизација, бугаризација, србизација, патријаршисти и егзархисти, Македонци христијани и Македонци муслимани, антички и словенски…
Колонијалниот поглед на свет (mindset), особено од падот на Берлинскиот ѕид и падот на Југославија, подигна нови ѕидови меѓу народите во Југоисточна Европа. Тој конзервативно се држи до ефикасниот метод „раздели, па владеј“. Тој знае дека предуслов за распад е дестабилизацијата на идентитетот и нивната дискриминација. Колонијалниот поглед на светот ја промовираше тезата за нестабилноста на идентитетите, селективно, по потреба, на софистициран начин. Тој бил и сè уште е неправеден спрема народите кои немаат империјална поддршка и спрема народите кои се подложни на индоктринација. Балканскиот неоколонијализам денес ја црпи својата моќ од повисоките евроатлантски инстанци. А таа моќ е лишена од емпатија за соседот.
Тука ќе потсетам дека нашиот јужен сосед, кога ја формирал својата национална држава, точно пред два века, имал слобода да го избира својот идентитет. Првата грчка независна Република со Уставот од мај 1827 го одбира грчкиот, а не македонскиот идентитет како свој. Со тоа таа го има исцрпено своето право на самоопределување. Тие ги користеле и историските имиња – Хелени, Ромеи, никогаш Македонци. За неа Македонците беа и се „Славо-Македонци“. Затоа симптоматично е зошто грчкиот идентитет денес се реинтерпретира заедно со македонскиот. во 2017-та, Грција го презеде македонскиот наратив како свој.
Сите знаеме дека идентитетот значи препознатливост, значи да бидеш нешто по што ќе се разликуваш од другите. Тоа нешто е трајно и не се менува само по себе без надворешна причина. Етнокултурниот идентитет е огледало на духот на еден народ. Националниот идентитет е, како надетнички, политичка конструкција, затоа што ги вклучува и идентитетите на помалите заедници и бара механизми за ефикасно и хумано функционирање на државата.
Македонската интелигенција од 19 век ги артикулира културните доминантни на Македонците на нивната етногеографска територија. На почетокот на 20 век, обединета во Македонското научно литературно другарство во Петроград, под раководство на Димитрија Чуповски и Крсте Мисирков, македонската интелигенција ги конципира македонската нација и нејзиното право на независна држава, при што искажува почит спрема етничките разлики и граѓанските права на сите жители.
Илинденското востание е трагична кулминација на идејата дека Македонија треба да биде обединета и самостојна, но и чин на политичка легитимација на македонската национална кауза. Вториот Илинден, оној на АСНОМ 1944, ѝ дава републички легитимитет на македонската кауза. асномските начела, парадоксално, се попрогресивни и поправедни од рамковните. АСНОМ покажа дека некогаш во рамките на една федерација може да се постигне повисок степен на сувереност и унитарност одошто во рамките на една независна држава. Македонскиот случај е еклатантен пример за тоа.
Македонската самосвест деновиве доживува преродба во Егејска Македонија. Таа преродба се одвива преку народната култура, преку музиката и танцот, преку медиумската социјализација на Македонците секаде каде што живеат, во соседството и низ светот. Чувството на припадност не може да се ограничи во современи услови на комуникација. Македонците се враќаат во Егејска Македонија. Купуваат имоти, престојуваат на Бело Море, се сплотуваат со природниот амбиент. А познато е во историјата, спонтаните процеси обично стануваат промислени. Сепак, загрижуваат забраните за влез на етничките Македонци во Грција, кои не се знак на добрососедство
Но Илинден е и ден на вера и визија. Затоа да се потсетиме на народната мудрост дека по облаците светнува Сонце. За нас Македонците, Сонцето е симбол на македонското културно, историско, митско, верско и црковно минато. Во нашава држава каде што секој етницитет има право на свое етничко знаме, и Македонците имаат право да го користат своето етничко знаме со шеснаесетзрачното Сонце.
Македонската самосвест деновиве доживува преродба во Егејска Македонија. Таа преродба се одвива преку народната култура, преку музиката и танцот, преку медиумската социјализација на Македонците секаде каде што живеат, во соседството и низ светот. Чувството на припадност не може да се ограничи во современи услови на комуникација. Македонците се враќаат во Егејска Македонија. Купуваат имоти, престојуваат на Бело Море, се сплотуваат со природниот амбиент. А познато е во историјата, спонтаните процеси обично стануваат промислени. Сепак, загрижуваат забраните за влез на етничките Македонци во Грција, кои не се знак на добрососедство. Неопходна е добра волја за да се надминат историските предрасуди и последиците од серијата проблематични договори зад коишто застана, за жал, македонското Собрание.
Македонија е територија, но и народ, држава, но и регион. Сè додека трае нејзиното име, ќе трае и името на народот. Македонија никаде не оди. Македонците си одат, затоа треба да се вратат. А ќе се вратат кога Македонија ќе биде просперитетна држава и кога меѓународните институции ќе ѝ ги признаат неотповикливо правата кои ѝ следуваат според универзалните конвенции. Тоа е услов без којшто не е можна успешна македонска приказна, приказна која нема да биде преседан, туку потврда на цивилизациските придобивки.
Македонија има право на успех. Македонците имаат право на среќа.
Академик Катица Ќулавкова
Во потпелистерското село Трново, Битолско, на семакедонска средба – народен собир, предворје на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, на 2 август 2024, христијански празник Свети Отец Пророк Илија – Илинден, македонски национален празник