Фото: Влада

Останувам лидер на европскиот фронт на кој повикавме и не отстапувам од тоа, од таа позиција верувам дека ќе обезбедиме солидна основа, за веќе во следниот мандат забрзано да ги отвораме и затвораме кластерите и поглавјата во текот на преговорите и да ја внесеме земјата во ЕУ до 2030 година, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „ЦИВИЛ МЕДИА.

Ковачевски истакнува дека „со глас за европскиот фронт граѓаните ќе испратат јасна порака дека не сакаат назад во неизвесност туку сакаат земјата да продолжи напред, по вистинскиот европски пат.

Според Ковачевски, Македонија ќе обезбеди членство во ЕУ со, како што истакнува, проевропска коалиција и Влада чиј премиер ќе биде тој.

– Идниот претседател на државата ќе биде претседателот предложен од СДСМ и коалицијата. На парламентарните избори пак, победник ќе биде проевропската коалиција која ја предводи СДСМ, а јас ќе сум повторно премиер и ќе ја составам наредната проевропска влада. Тоа ќе биде Владата која ќе го обезбеди членството на Северна Македонија на Европската Унија. Тоа е моето ветување – нагласува Ковачевски.

Наредните неколку месеци, подвлекува, се исклучително важен период за земјата.