Фото: Фејсбук/Марк Руте

Холандската влада сега ги поддржува евроинтеграциите на Македонија и Албанија, наспроти тоа што заедно со Франција и Данска ги блокираше пристапните преговори за двете балкански држави во 2019 година, објавува „Еурактив“.

Кабинетот и коалициските партии во холандскиот претставнички дом сега се изјаснија во полза на Македонија и Албанија кои се надеваат дека ќе ги почната пристапните преговори за влез во ЕУ, извести холандскиот „НЛ Тајмс“.

Европскиот парламент во мај апелираше до Европскиот совет за почеток на пристапните преговори со Албанија и Македонија поради „геостратешкиот контекст од односите со Русија и војната во Украина“.

Холандскиот премиер Марк Руте сега ги поддржува кандидатурите на Албанија и Македонија, според холандскиот медиумски сервис „Де Телеграф“. Тој во 2018 година кажа дека Албанија и Македонија би ја „ослабиле целата Унија“ наведувајќи ги како причини корупцијата и отсуството на медиумска слобода, како што пренесува „Еурактив“.

Руте сега се обидува да добие поддршка низ европскиот блок. Во мај, тој и германскиот канцелар Олаф Шолц разговараа за приемот на Македонија и Албанија во ЕУ за време на прес-конференција во Хаг.

Пристапниот процес на Скопје моментно е во застој поради ветото од Бугарија, додека напредокот на Тирана е поврзан со Македонија.