Фото: Игор Бансколиев

Македонските власти не само што спроведоа многу повеќе од предвиденото со Преспанската спогодба туку одат и уште понатаму, а јавноста сведочи дека во практика се прават потези што дури и не се предвидени со спогодбата. Од друга страна, грчките политичари не само што не го споменуваат името на нашата држава туку немаат имплементирано ниту една клаузула од тој фамозен договор од Нивици, во кој Македонија дури и во преамбулата е именувана само како „Втората страна“?!
Според аналитичарите, „со потпишувањето на Преспанската спогодба проблемот со Грција не заврши, туку, напротив, тој тогаш вистински почна, а времето ќе покаже што сè ќе побараат Грците ако некогаш почнеме да ги отвораме преговарачките поглавја“

Зошто грчките политичари го одбегнуваат името на македонската држава

Додека голем број македонски политичари како да се натпреваруваат кој повеќепати во една реченица ќе го изговори името „Република Северна Македонија“, грчките политичари вешто избегнуваат воопшто да го споменат новото име на соседната држава, туку едноставно земјава ја именуваат само како „соседната земја на север“ или, пак, „северниот сосед“.

Идентитетот сепак се содржи и во името и во именувањето

Неодамна повторно во јавноста настапи потписникот на Преспанската спогодба и актуелен лидер на опозициската партија СИРИЗА, Алексис Ципрас, говорејќи во интервју за грчката редакција на „Дојче веле“, при што во ниту еден момент не ја нарече Македонија со нејзиното уставно име, туку ја ословуваше само како „северниот сосед“ или, пак, за неа говореше само со алузии.
– Без Преспанскиот договор, Западен Балкан ќе беше во многу полоша ситуација, а северниот сосед веројатно ќе беше земја во која ќе доминираа трети сили. Многу сум среќен и горд на овој договор, бидејќи тој навистина претставува модел за решавање на споровите заснован на заеднички прифатливи решенија. Ми давате можност да кажам дека доколку го немавме овој договор, Западен Балкан ќе беше во многу полоша ситуација. Европската перспектива (на С. Македонија, н.з.) немаше да биде одмрзната, а на северната граница на Грција би имале земја што би потонувала во нестабилност. Веројатно тоа ќе беше земја во која би доминирале трети сили, но истовремено и земја под исклучително силни притисоци да му се приклучи на НАТО со своето поранешно уставно име – изјави Ципрас.

Аналитичка антиципација со стара народна поговорка: „Назад ни е зимата со Грција“

Македонските власти не само што спроведоа многу повеќе од предвиденото со Преспанската спогодба туку одат и уште понатаму, изложувајќи ги граѓаните на дополнителни трошоци за промена на патните исправи и регистарските таблички на кои ќе стојат новите ознаки на државата заклучно со мај 2024 година. Од друга страна, грчките политичари не само што не го споменуваат името на нашата држава туку немаат имплементирано ниту една клаузула од тој фамозен договор од Нивици, во кој повторно Македонија дури и во преамбулата е именувана само како „Втората страна“?!
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски проблемот го лоцира кај македонските политичари, кои наместо државните и националните, ги препознаваат исклучиво тесните партиски, па и сопствените интереси.
– Од политичарите не видовме државотворни чувства и определби, туку само поданички менталитет заради економска бенефиција и потребата да бидат пофалени од странските дипломати. Тоа го докажаа милион пати – вели Пекевски.
Тој додава дека грчките политичари ќе продолжат вешто да го игнорираат името на нашата земја затоа што знаат со кого си имаат работа од оваа страна на границата.
– Ципрас воопшто не сака да го спомне името Македонија и заради тоа го користи синонимот северниот сосед. Тоа го прават и други грчки политичари. Тие таму не сменија ниту една табла, а кај нас брусиме шахти, менуваме историја и слично, што никој не бара од нас – констатира Пекевски.
Некои од познавачите на регионалните политички состојби сметаат дека за Грција името Македонија ќе остане исклучиво грчко и затоа не сакаат да го споменуваат во никаков регионален контекст.
– Тие ја потпишаа Преспанската спогодба, но ништо не имплементираат од неа. Па, и во самиот договор потпишан во Нивици земјава нема име, туку само „Втора страна“, додека Грција се спомнува на почетокот. Грците се стари волци во дипломатијата и добро знаат како да ги искористат сите работи, па затоа сега го премолчуваат името на нашата држава за да не го „иритираат“ грчкото општество, особено не сега, пред избори. Истовремено, испраќаат и поинаква порака, дека Македонија е само грчка и ничија друга. Како и да е, со потпишувањето на Преспанската спогодба проблемот со Грција не заврши, туку, напротив, тогаш вистински почна, а времето ќе покаже што сè ќе побараат Грците ако некогаш почнеме да ги отвораме преговарачките поглавја. Засега само мудро молчат и чекаат да видат до каде ќе одат и Бугарите со своите уцени – заклучуваат соговорниците.