Од назначувањето на Унаи Емери за тренер во ноември, Астон вила победи на 13 од своите 20 првенствени натпревари, постигнувајќи гол на секој меч, и е непоразена на 10 средби во низа, по што сега е на петтото место. Астон вила беше европски првак во 1982 година, но нема играно во европските натпреварувања од 2010 година

ФУДБАЛ

Од борба за опстанок до европски кандидат, тешко е да се поверува во трансформацијата во Астон вила сезонава во англиската фудбалска Премиер-лига. Од назначувањето на Унаи Емери за тренер во ноември, Астон вила е втора во табелата во Премиер-лигата, само зад Арсенал, и на врвот ако се земат предвид само претходните 10 натпревари.
Кога претходен пат Астон вила играше со Фулам во октомври, го заврши натпреварот во криза, надвор од зоната за испаѓање само поради повеќе постигнати голови, и без тренер. Поразот со 3-0 ги натера навивачите на Вила, чиј тим имаше само две победи од првите 11 натпревари, да го исвиркуваат тимот, по што замина тренерот Стивен Џерард. Неверојатната тешка победа со 1-0 над Фулам на Вила Парк во вторникот ги однесе до петтото место, над Тотенхем, со пет натпревари до крајот на сезоната и шанса да се вратат во европскиот фудбал по 13-годишно отсуство.
– Сега сме кандидат за петтото место. Но Тотенхем игра утре, Ливерпул има два натпревара помалку од нас, Брајтон четири и ние треба да играме со Ливерпул, Тотенхем и со Брајтон. Секој натпревар на кој победуваме ни дава самодоверба и шанса да стигнеме до таму – вели Емери.
Вила победи на 13 од своите 20 првенствени натпревари под водство на Шпанецот, постигнувајќи гол на секој натпревар, и е непоразена на 10 меча во низа, по поразот со 4-2 од Арсенал во февруари.
Астон вила беше европски првак во 1982 година, но нема играно во европските натпреварувања откако загуби во плејофот за пласман во Лига Европа од Рапид Виена во август 2010 година. Во минатата сезона клубот беше 14-ти, петтото или шестото место сезонава ќе донесе пласман во Лига Европа во следната сезона, а седмото носи место во плејофот за пласман во Конференциската лига. Н.М.