Испорачувањето на германско-францускиот предлог за Србија и Косово за меѓусебно признавање, односно список на чекори и отстапки што треба да ги направат двете држави за да ги исполнат очекувањата на меѓународната заедница во интерес на манифестирање обединет европски фронт (без никаков процеп) за руско влијание во регионот, ги активира размислувањата во Македонија дали овој европски политички притисок во соседството евентуално би се одразил на македонските предизвици поврзани со евроинтеграциите

Егоистични решенија на меѓународната заедница за регионов и нивното влијание за нашите евроинтеграции

Фокусот на интересот за регионот Западен Балкан на меѓународната заедница деновиве интензивно е насочен кон решението на деценискиот проблем во односите меѓу Србија и Косово. Всушност, за многумина познавачи на политичките состојби и односи во овој регион, на кој припаѓа и Македонија, ова прашање е клучно за придвижување на заглавените евроинтегративни процеси на сите земји од Западен Балкан. Висок е процентот на увереност меѓу европолитичарите и аналитичарите дека со некакво решение на српско-косовското прашање ќе се активира регионалниот ефект на „сврзани садови“, па ќе има поттикнувачко влијание и за проблематичните решенија што се очекуваат од земјите во регионот, поставени како услови од ЕУ. Испорачувањето на германско-францускиот предлог за Србија и Косово за меѓусебно признавање, односно список на чекори и отстапки што треба да ги направат двете држави за да ги исполнат очекувањата на меѓународната заедница во интерес на манифестирање обединет европски фронт (без никаков процеп) за руско влијание во регионот, ги активира размислувањата во Македонија дали овој европски политички притисок во соседството евентуално би се одразил на македонските предизвици поврзани со евроинтеграциите.
Во актуелниот француско-германски предлог за Србија и Косово лесно е препознатлива матрицата на замислени и по нивни терк решенија во ЕУ, за долгогодишните спорови на (меѓу) земјите-кандидати од Западен Балкан, како во францускиот предлог за Македонија за наводно надминување на „бугарските загрижености“, кои беа причина за двегодишно вето на почетокот на македонските преговори за членство во Унијата. Особено индикативно е што и по изразената согласност за прифаќање на условите од францускиот предлог за почнување процес на уставни измени и додавање на Бугарите како малцинство во македонскиот устав, Македонија и понатаму е под засилен притисок и провокации од страна на бугарската политика, изразена преку оспорување на територијалниот интегритет на земјата, негирање на македонскиот национален идентитет и автентичната посебност на македонскиот јазик.

ЕУ по ист модел, минус меѓународното право и сопствените вредности, сака да ефектуира брзи решенија во Западен Балкан

– Во актуелниот германско-француски предлог за Србија и Косово го препознавам истиот контекст на меѓународен притисок како врз Македонија со францускиот предлог. Европската Унија настојува по ист модел, не земајќи ги предвид ниту меѓународното право ниту сопствените вредности, принципи и критериуми, да ефектуира брзи решенија на споровите во регионот на Западен Балкан, верувајќи дека така ќе го зацврсти бедемот против руското влијание. Иако во предлогот за Србија и Косово не е инволвирано прашањето на спорот на Македонија со Бугарија, одлуките во врска со него на овие две соседни земји на Македонија, несомнено, ќе имаат влијание во создавање на амбиентот во земјава за носење на уставните измени. Привидот за решавање на српско-косовскиот спор ќе им даде оправдување на македонските политичари за прифаќање на притисокот од францускиот предлог за спроведување на уставните измени, иако се тие погубни за Македонија. Погубно е да се брза со носење такви одлуки, особено што ЕУ не може да гарантира ништо добро за Македонија и регионот во блиска иднина. И самата ЕУ е осиромашена, преоптоварена со своите предизвици за реорганизација, како и со големи дилеми и импликации од војната во Украина. Во такви услови, ЕУ би сакала да манифестира решение на некакви спорови и проблеми, барем во регионот на Западен Балкан, но без да нуди гаранција за европската иднина на овие земји. Затоа треба и понатаму да бидеме внимателни во врска со одлуките што ги носиме поврзани со европските предлози – вели поранешната македонска амбасадорка Мелпомени Корнети.
Во контекст на европските предлози за решавање на споровите во регионот, германскиот медиум „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, во една своја анализа за новиот германско-француски предлог за Србија и Косово, потсетува дека „ЕУ повеќепати ги убивала надежите и амбициите на земјите од западнобалканскиот регион“.
– Одбивањето да се прифати европскиот предлог со бакнеж во рака не би било изненадување. И во Приштина и во Белград на посредниците се гледа како патувачки трговци со празни раце. Тие не можат да понудат изгледи за членство во ЕУ – цел што некогаш ослободуваше значителна реформска енергија во регионот. Случајот на Македонија е незаборавен на Балканот. Иако државата го промени името за да го реши спорот со Грција и да тргне напред кон Европа, денес е блокирана од Бугарија. Регионот се сомнева дека секогаш постои некоја држава во ЕУ што го врти палецот кога е во прашање приемот на нови членки – пишува Михаел Мартенс за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, аналитички познавач на состојбите во регионот на Западен Балкан, укажувајќи на секогаш присутната, па дури и преовладувачка опција – регионот да се забави во своите евроинтегративни амбиции.

Привремени и површни решенија, кои не ги решаваат суштинските проблеми на регионот

За професорот Методи Хаџи-Јанев од Воената академија во Скопје, европскиот предлог за Србија и Косово нема да има некакво пресвртно влијание за македонските евроинтегративни процеси.
– Нашите евроинтегративни процеси се заглавени со парцијални решенија на европските политичари и дипломати, кои на состојбите на Западен Балкан гледаат сквенционално. Овој пакет што им се нуди на Косово и на Србија би требало да го реши нивниот спор, а Македонија никако не е предвидена како дел од решението, ниту пак отворените прашања што се поставени со Бугарија се разгледуваат во контекст на тој предлог. Ценам дека на Косово и на Србија сега ќе им се случува истото што ни се случува и нам со францускиот предлог. Според перцепцијата на ЕУ, тоа е добра понуда, но претходните искуства укажуваат дека и ова се привремени и површни решенија, кои не ги решаваат суштинските проблеми на регионот со корумпираните политичари. Притоа од ЕУ не се подготвени да дадат гаранција дека нема понатаму да има нови барања за напредување на евроинтеграциите во регионот. Парадоксот е и во тоа што проблемите со корупцијата ги решаваат со корумпираните политичари. Локалните корупции и клиентелизмот се главните проблеми во регионот, кои овие европски предлози не ги решаваат – вели професорот Методи Хаџи-Јанев.