Дали Европа се деиндустријализира?

Вистинскиот проблем со кој се соочува европското производство не е заканата од затворање на фабриките. Во споредба со САД и со Кина, Европа всушност заостанува многу во трката за акумулирање и корист од облакот на капитал што ја претставува иднината на профитот во индустриите како електричните автомобили и зелената енергија

Европската индустрија се труди да се справи со двојната закана од високите цени на енергијата и Законот за намалување на инфлацијата (ИРА) на претседателот Џо Бајден, кој, во суштина, ги поткупува зелените индустрии од Европа да се преселат во САД. Дали срцето на европската индустрија ќе ја дочека судбината на американскиот производствен појас? Дали Германија ќе ја доживее траумата што ја претрпе Велика Британија при затворањето на нејзините фабрики, принудувајќи ја нејзината висококвалификувана индустриска работна сила да прифати работни места за нискоквалификувани, со ниска продуктивност и ниски плати?
Заканата одекнува во европските коридори на моќ. Германскиот канцелар Олаф Шолц набрзина предложи нов фонд на Европската Унија (ЕУ), кој ќе понуди државна помош за европските компании што се во искушение од американските субвенции да емигрираат. Но, со оглед на тоа колку бавно се движи Европа, особено кога треба да се издаде заеднички долг за да се финансира што било, прашање е дали субвенциите на ЕУ навремено и пропорционално ќе се спротивстават на американските.
Германската автомобилска индустрија е добар пример за тоа што е во прашање. На производителите на автомобили им беше зададен двоен удар со враќањето на инфлацијата: зголемените цени на горивото ги одвратија клиентите и ги зголемија трошоците за производство. Со оглед на значителниот дел од германската индустрија што се потпира на производството на автомобили, коментаторите почнаа да изразуваат силна загриженост поради деиндустријализацијата на земјата. Нивната лутина е оправдана, но нивната анализа ја промашува клучната точка.
Со брзото префрлување на производство на електрични возила со зголемени количества на обновлива енергија, германските производители на автомобили веќе покажаа капацитет да одговорат на предизвикот на зелената транзиција и зголемените трошоци за фосилни горива. Доколку и тие добијат некаква државна помош, било од германската влада или од ЕУ, веројатно ќе продолжат да произведуваат во Германија исто толку автомобили во иднина како што правеле претходно.

Но, ако стравот од деиндустријализација е претеран, сепак постои причина за германската, па и за европската вознемиреност дека целиот континент е на пат да го загуби теренот пред САД и Кина. Промената кон електричните автомобили, која ја забрза инфлацијата на цената на енергијата, ги намалува моќта и длабочината на европскиот капитал. Конкретно, во споредба со американските и кинеските, европските капиталисти заостанаа далеку во трката за акумулирање и корист од она што јас го нарекувам облак на капитал.
Земете го предвид јадрото на моќта на германскиот капитал: прецизното механичко и електроинженерство. Германските производители на автомобили, особено, се збогатија со профитот од производството на висококвалитетни мотори со внатрешно согорување и сите делови (менувачи, оски, диференцијали итн.) што се неопходни за да се пренесе силата од таквите мотори на тркалата на автомобилот. Но електричните возила се механички многу поедноставни за производство. Најголем дел од нивната додадена вредност доаѓа од вештачката интелигенција и паметниот софтвер што го поврзува автомобилот со облакот – самиот облак во кој германските капиталисти не успеаја да инвестираат во изминатите децении.
Така, дури и ако државната помош на ЕУ успее да ги убеди „Фолксваген“, Мерцедес-Бенц“ и „БМВ“ да ги произведуваат своите електрични автомобили во Европа, наместо да мигрираат во Америка за да имаат корист од субвенциите на ИРА, производството на автомобили никогаш нема да биде толку профитабилно во Германија и во Европа како што беше некогаш. Сè повеќе профитот што ќе се остварува од електричните автомобили нема да потекнува од продажбата на вистинскиот хардвер, туку од апликациите продадени на нивните сопственици (сегашни и идни), токму на начинот на кој „Епл“ прави пари од „трети програмери“ што произведуваат апликации за „ајфон“ што се продаваат преку „Епл стор“. Кога на ова се додава вредноста на податоците генерирани од движењата на автомобилот и поставени на облакот, не е тешко да се види зошто облакот на капиталот веќе го засенува копнениот со кој е богата Европа.
Слична приказна може да се раскаже и за енергетскиот сектор. Откако пандемијата се повлече и цените на енергијата се зголемија, големите нафтени и гасни компании остварија огромни заработки. Така, индустријата за фосилни горива доби втор ветар во грбот, слично како порастот на цените на пченката во Велика Британија за време на Наполеоновите војни, поради прекинот на увозот. Но вториот ветер во грб не трае долго.

Фосилните горива се домен на несветиот сојуз на договори од феудалното време и копнениот капитал: индустријата се потпира на лиценци за дупчење на одредени делови од копното или океанско корито, за што владите и приватните сопственици добиваат старомодна земјена рента. Индустријата, исто така, се потпира на старомодни капитални добра, вклучувајќи нафтени платформи, танкери, цевководи и пловни постројки за регасификација за да ги внесуваат фосилни горива во големи, висококонцентрирани, вертикално интегрирани централи. кои и естетски и економски потсетуваат на фабриките од деветнаесеттиот век.
Спротивно на тоа, обновливите извори на енергија најдобро се користат на децентрализиран начин, со соларни панели, турбини на ветер, топлински пумпи, геотермални единици, уреди на погон на бранови и така натаму, сите хоризонтално интегрирани како дел од мрежа слична на неврони што содржи облак на капитал. Со мала потреба од лиценци што наметнуваат закуп, нивната продуктивност зависи од паметните мрежи што се потпираат на софистициран софтвер и вештачка интелигенција.
Накратко, зелената енергија силно бара облак на капитал, слично како индустријата за електрични автомобили. Повторно, дури и ако субвенциите на ЕУ гарантираат дека европската индустрија масовно произведува соларни панели, турбини на ветер и друга зелена опрема, на Европа ќе ѝ недостига пристап до најпрофитабилниот дел од синџирот на вредност: капиталот базиран на облак на кој работат мрежите за зелена енергија.
Дури и ако враќањето на инфлацијата не успее да ја деиндустријализира Европа, тоа ќе ја принуди европската производствена индустрија да усвои производствени методи што многу повеќе се потпираат на капиталот на облак што ѝ недостига на Европа. Во практична смисла, неподготвени да соберат доволно приноси за облак на капитал, или облак на закуп, германските вишоци ќе страдаат, а исто така и европската економија зависна од нив.

Јанис Варуфакис

(„Проџект синдикејт“)