Фото: Маја Јаневска-Илиева

Формирање здружение за колективно управување со фотографии, по примерот на Здружението за заштита на авторските музички права (ЗАМП), беше посочено како едно од можните решенија за надминување на предизвиците во заштитата на авторските права при неовластено преземање фотографии во земјава, на вчерашната средба по иницијатива на Секцијата на фоторепортери при Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). На дебатата присуствуваа извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, фоторепортерите Томислав Георгиев и Петар Стојановски, адвокатот Валентин Пепељугоски, како и други истакнати говорници и експерти од медиумската фела.

Колективната организација не мора да ги опфаќа само фоторепортерите, вели адвокатот Пепељугоски, и додава дека организацијата може да вклучува и други слични професии. Доколку го земете примерот на Србија, вели тој, која на ист начин го има регулирано неовластеното преземање фотографии, ќе видите дека во организацијата членуваат повеќе слични професии. Пепељугоски потенцираше дека законот овозможува колективната организација да направи сопствен ценовник.
– Спомнувам формирање на таква колективна организација, бидејќи вам ви се сродни камерманите. Колективната организација не мора да биде само за една работа. Кога го земате примерот на Србија ќе видите дека таму организациите не се само за една, туку за повеќе професии. Исто е и во областа на филмот, ќе видите дека и таму се повеќе ставени. Законот го овозможува тоа. Вие ќе направите ваш ценовник, иако велите дека 300 евра за фотографија се малку, но на таков начин ќе им ја олесните работата на судот и на обвинителот – истакна Пепељугоски.
Извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, вели дека се намалуваат фоторепортерите во индустријата. На почетокот во Секцијата на фоторепортери при ЗНМ членувале 25 лица, но со текот на времето таа станала една од најмалите секции во Здружението на новинари.

– Не сите предизвици се исти за сите новинари и медиумски работници. Сметаме дека доколку има малку понасочено однесување кон одредени прашања би биле поконструктивни. Ова е првата секција при Здружението на новинари на Македонија. Целта е да видиме кои се клучните прашања и како можеме да ги адресираме до надлежните институции и како да придонесеме да има поповолен амбиент во кој ќе работат медиумските работници – рече Секуловски.

П.Р.