Фото: ЕПА

Барањето за уставни измени во Македонија, според стандардите на меѓународното право, е само каприциозна желба на Бугарија. Во случајот на Македонија, и проблематизирањето на нејзината меѓународна позиција од страна на Бугарија и претходно на Грција, се покажа една тенденција на Унијата за менување на правилата на меѓународен план за решавање такви спорови…

Професорката Ида Мантон укажува на феноменот во меѓународните односи што се воспостави токму со настојувањата за легитимирање на Македонија на меѓународен план, со пречките што ѝ ги поставуваа(т) Бугарија и Грција за зачленување во меѓународните организации, како Обединетите нации, ЕУ и НАТО.
– Во случајот на Македонија, и проблематизирањето на нејзината меѓународна позиција од страна на Бугарија и претходно на Грција, се покажа една тенденција за менување на правилата на меѓународен план за решавање такви спорови. Одредени меѓународни институции си земаат ексклузивитет во решавањето на споровите, игнорирајќи ги воспоставените принципи, правила и документи засновани на меѓународното право. Се покажа дека Европската Унија нема медијациски капацитети за решавање меѓународни спорови, но ги трга настрана другите меѓународни институции, кои практично постојат за тоа, на пример ОБСЕ. Неразбирливо е зошто и Македонија не бара да се вклучат и тие организации и инструменти од системот на меѓународното право? Еве, годинава Македонија е претседавач со ОБСЕ, но не направивме една конференција за состојбите со правата на малцинствата во Европа, тема што е практично клучна во актуелниот спор со Бугарија. Освен за ново легитимирање на прашањето на македонското малцинство во Бугарија, се поставува и прашањето врз основа на кој меѓународен документ или извештај Бугарија бара внесување на бугарското малцинство во македонскиот устав? Не постои меѓународен документ што потврдува непочитување на малцинските права на некакво бугарско малцинство во Македонија! Така што барањето за уставни измени Македонија, во таа насока, според стандардите на меѓународното право, е само каприциозна желба на Бугарија. Со непочитување на воспоставените меѓународни механизми за решавање меѓународни спорови, едноставно се атрофира целиот систем на либерален институционализам – заклучува Ида Мантон.

Ј.П.