Фото: ЕПА

Интерни пресметки во Унијата, кои неодамна ги објавија медиумите, покажаа дека проширувањето на ЕУ со девет нови земји ќе ги чини постојните земји-членки 256 милијарди евра, од кои дури 186 милијарди ќе одат само за Украина во првите седум години од зачленувањето. Ова значи дека многу земји-членки што досега примале пари, сега ќе треба да уплаќаат пари во буџетот на ЕУ. Тоа нема да го прифатат во никој случај и ќе го опструираат проширувањето доколку не добијат нешто за возврат, оценуваат добро упатени извори во состојбите на ЕУ

Пораките што стигнаа од неформалниот самит на европските лидери во Гранада имаат двосмислено значење

Контрадикторните изјави околу проширувањето, кои доаѓаат од неформалната средба на европските лидери во Гранада, говорат дека ниту Европската Унија нема единствен став по клучните прашања што се актуелни во моментот, односно за проширувањето, проблемот со миграцијата и украинската криза.
Се чини дека е наједноставно кога нема решенија за актуелните проблеми повторно да се актуализира темата со проширувањето, оти во целата работа таа е најапстрактна, односно сите велат дека проширување ќе има, но никој не кажува кога. Се споменуваат само некакви „хоризонти“ како некаква референтна точка што земјите-кандидати треба постојано да ја гледаат, иако според математичка дефиниција хоризонтот секогаш е видлива привидна далечна линија до која во реалноста никогаш не може да се стигне, колку и да се оди во таа насока.
– Добро е да се има цел, хоризонт. Ова е политички хоризонт. Целта на одредувањето датум е да се мобилизира политичката енергија за да почне да се движи. Добро е да се има хоризонт и цел, но тоа не значи дека треба да биде прецизен датум. Ако немаме хоризонт, луѓето ќе почнат да мислат дека имаме време. Немаме време – изјави високиот претставник на ЕУ за безбедност и надворешна политика Жозеп Борел, пред почетокот на самитот во Гранада.
Можеби еврокомесарот Борел несвесно одбрал лоша формулација правејќи паралела на проширувањето со нешто што не може да се дофати или, пак, можеби во неговата алузија се содржи и некаква скриена порака, дека проширувањето е на масата, но засега е нешто далечно. Затоа и веројатно се оградува од лицитирањето со некаков прецизен датум.

И тој ги потврди претходните најави на првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел, дека кога станува збор за проширувањето, треба да се работи на адаптиран процес за секоја земја-кандидат за членство во ЕУ, што значи дека напред ќе одат само оние кандидати што ќе покажат реални резултати во делот на владеењето на правото и борбата со корупцијата. Се разбира, европски приоритет во овој момент е отворање пристапни преговори со Украина и Молдавија во декември заради европските геостратегиски интереси. Спомнувањето на проширувањето со земјите од Западен Балкан е само во насока да се избегне нивната фрустрација од долгогодишното чекање, иако реално мала е веројатноста овој процес вистински да се движи, туку кандидатките ќе се залажуваат со пари од европските фондови, со олеснет пристап на европските пазари, со поевтин роаминг и други ситни бенефиции, чисто колку да останат во нивната сфера на влијание. Суштинско и брзо напредување без внатрешно реформирање на Унијата нема да има, без оглед на постигнатите резултати.
– Проширувањето значи дека земјите-кандидати треба да спроведат реформи, тие знаат што треба да направат. А Европската Унија треба да се подготви – нагласи Мишел пред почетокот на неформалната средба на европските лидери во Гранада.
Во однос на Македонија, тоа би значело дека евентуалните уставни измени само ќе ја отворат можноста за втора меѓувладина конференција со ЕУ и ново запирање на евроинтегративниот процес бидејќи земјава нема со што да се пофали пред Брисел во делот на владеењето на правото и борбата со корупцијата.
Оцените на некои од аналитичарите се дека ЕУ мора да ја продава приказната за проширувањето, иако во суштина тоа нема да се случи додека самата Унија не се реформира.

– Мандатот на овие европски политичари истекува наскоро, така што нивните изјави мора да се земат со резерва. Некој следен Европски парламент, како и следна Европска комисија можат да одредат други приоритети за Унијата. Некои интерни пресметки во Унијата, кои неодамна ги објавија медиумите, покажаа дека проширувањето на ЕУ со девет нови земји ќе ги чини постојните земји-членки 256 милијарди евра, од кои дури 186 милијарди ќе одат само за Украина во првите седум години од зачленувањето. Ова значи дека многу земји-членки што досега примале пари, сега ќе треба да уплаќаат пари во буџетот на ЕУ. Тоа нема да го прифатат во никој случај и ќе го опструираат проширувањето доколку не добијат нешто за возврат. Таа нова ЕК ќе мора да го амортизира тоа ако не сака дополнителна блокада на Унијата – велат соговорниците.
Според нив, Борел пред самитот во Гранада не случајно зборувал за „хоризонт“ што земјите-кандидатки треба да го гледаат.
– Едноставно кажано, тоа значи дека ЕУ сака да го задржи влијанието меѓу земјите-кандидатки и проширувањето, всушност, ќе биде некакво фазно приближување, прво, така што ќе се отворат европските пазари, ќе се олеснат некои процедури за добивање работни дозволи, можеби ќе се овозможи и подолг престој на работниците, еве од почетокот на октомври се намали роамингот, така што ќе се остава впечаток дека нешто се движи во насока на проширување, но тоа нема да оди брзо. Хоризонтот ќе се гледа, ама постојано ќе ни бега – појаснуваат аналитичарите, од кои многумина се сомневаат дека воопшто ќе се случи некакво проширување во скоро време.
Тоа го поткрепуваат со заживувањето на Европската политичка заедница, која веќе го одржа третиот самит.

– Планот на Макрон стапува на сцена. Европската политичка заедница веќе живее, остава впечаток дека земјите од Западен Балкан се некако вклучени во европските процеси, но во исто време, се работи и на внатрешно преструктурирање на Унијата, оти ваква каква што е не може да донесе ниту една одлука. Затоа ќе се работи на внатрешните реформи, а проширувањето ќе се држи како постојана агенда на секој самит, без некаков посериозен напредок на некоја земја кон полноправно членство со цел капацитет. Како и да е, дури и да оди бавно, за Македонија не е лошо да биде макар и на масата на Европската политичка заедница, а уште подобро ако добие пристап до европскиот заеднички пазар и до фондовите. Во меѓувреме, дома може да ги турка реформите и да биде подготвен и посакуван кандидат за некое идно проширување, кога и да се случи тоа – заклучуваат соговорниците, некои од нив добро упатени во европските состојби.