Министерот за надворешни работи Османи излезе во јавноста со една фрапантна изјава дека „…дури и во СДСМ има такви на кои им пречи рамноправноста на Албанците, но не го кажуваат тоа, бидејќи не е точно да се каже дека Албанците ни го одземаат монополот…“. Истакнувајќи ја оваа изјава, нашите соговорници што анализираат велат дека „рамноправноста се користи само како флоскула пред нивното гласачко тело и алиби дека нешто направиле. Тоа што сега токму ДУИ ги контролира Министерството за економија и финансиите, згора на тоа и повеќето тендери во државата, веројатно тоа е успехот со кој е постигната ’рамноправноста’ за која говори Османи и од која се офајди единствено врхушката на интегративците“… За жал, ваквите констатации се изјавуваат од толку високо место во државната управа што им прават ненадоместлива и повеќеслојна штета на граѓаните, системот и на државата…
Сè почесто изјави од највисоките министерски места на државната управа што содржат лош сигнал до граѓаните
Острите наративи што политичките партии почнаа да ги разменуваат меѓу себе во последниот период се само потврда дека земјава влегува во предизборен период, во кој повторно главна цел е како да се покаже пред граѓаните кој работи во нивен интерес, а кој е кочничар и кој ги влече процесите назад.
Во оној момент кога пред гласачите треба да се даде отчет што е направено во нивен интерес и дали се исполнети дадените ветувања во програмите, тогаш настанува проблемот. Имено, немајќи реално што да покажат, некои партии повторно се вртат кон националистичката реторика и приказните за некаква обесправеност и борба за рамноправност.
Особено успешна во играњето на оваа карта сиве овие години е Демократската унија за интеграција, која, иако веќе 20 години е на власт, не направи ништо конкретно да го подобри животот на обичните граѓани, па сега им продава демагогија дека таа е политичкиот фактор преку кој македонските Албанци станале рамноправни во оваа држава.
– Секогаш ќе кажувам, дури и во СДСМ има такви на кои им пречи рамноправноста на Албанците, но не го кажуваат тоа, бидејќи не е точно да се каже дека Албанците ни го одземаат монополот, но велат дека ДУИ прави корупција. Не, не! Албанците го кршат економскиот монопол. Да не ви пречи тоа што Албанците нема да продолжат да ви дозволуваат да имате стопроцентен економски монопол на македонските компании, додека Албанците се настрана? Кога Албанците земаат акции во економијата на државата, велат ДУИ прави корупција – изјави неодамна Бујар Османи во својство на портпарол на ДУИ.
Она што де факто го кажува Османи, тоа е дека нивна основна цел била што повеќе да зафатат во економскиот колач на државата, а рамноправноста се користи само како флоскула пред нивното гласачко тело и алиби дека нешто направиле. Тоа што сега токму ДУИ ги контролира Министерството за економија и финансиите, згора на тоа и повеќето тендери во државата, веројатно тоа е успехот со кој е постигната „рамноправноста“ за која говори Османи и од која се офајди единствено врхушката на интегративците. Преостанатите граѓани, без оглед на нивната етничка припадност, и натаму остануваат да бидат рамноправни само во сиромаштијата и желбата што поскоро да се иселат од оваа држава.
– Македонскиот устав, особено по промените што се случија во 2001 година и 18-те амандмани што беа преточени во Уставот, на некој начин ја потенцира таа граѓанска димензија, дека сите граѓани се еднакви по својата етничка, верска и културна димензија. Сосема е извесно дека рамноправноста во Македонија е еден државен атрибут што нè рангира меѓу првите земји во Европа во однос на изедначеноста на граѓаните, независно од нивната верска, етничка и културна димензија. Очигледно на ДУИ сега му паѓа рејтингот по 18 години во власта и нереализираните ветувања, па повторно почнува да игра на картата дека Албанците не се рамноправни и дека тие се оние што ги направиле да бидат рамноправни, немајќи што друго реално да им понудат – вели Марјан Ѓорчев, поранешен амбасадор и аналитичар, кој притоа додава дека е жално што еден министер за надворешни работи, кој добро ги познава работите во државата, употребува еден таков жаргон и повторно ја исцртува националистичката карта во македонското општество.
Според него, не е во ред ниту да се говори за некаква постигната рамноправност во делот на економијата, бидејќи македонските Албанци отсекогаш биле рамноправни и во економскиот дел и лош сигнал е на економијата да ѝ се придаваат етнички бои.
– Тоа што повеќе од 60 илјади македонски граѓани од албанската етничка заедница си заминале од државата во овие 18 години говори дека младите си заминуваат бидејќи се незадоволни од својот економски статус. Ставањето етничка димензија во економијата е најштетното нешто. Парите немаат боја, немаат етничка припадност, економијата им припаѓа на сите, тој што е способен, претприемчив, организиран, тој го прави тоа што треба да го прави. Доколку се смета дека само државната управа и учеството во јавните претпријатија значи претприемчивост и некаква рамноправност, тогаш тие се во заблуда. Македонските Албанци отсекогаш имале рамноправен статус во економијата, така што не држат аргументите на Османи дека благодарение на нив станале рамноправни. Вистинската економија е на теренот, таму каде што македонските Албанци работат и се целосно рамноправни отсекогаш – потенцира Ѓорчев.
И некои други од соговорниците сметаат дека ваквата реторика од Османи доаѓа затоа што се свесни оти немаат испорачано никакви резултати на терен од кои граѓаните што ги гласале сега живеат подобро и поквалитетно.
– Не е неочекувана оваа реторика на Османи и генерално на врвот на ДУИ сега кога веќе е извесно дека избори нè очекуваат во мај. Тие освен национализам, во овие 20 години не придонесоа со ништо граѓаните да живеат подобро. Што им значи на обичните граѓани во Липково, во Сопот, во Зајас, во Тетово или на некое друго место што им направиле музеј или споменик, кога немаат ниту водовод, ниту канализација, ниту патишта како што ѝ прилега на една земја кандидат за членство во ЕУ. Апсурдно е да се говори за нерамноправност на кој било граѓанин во оваа земја ако се има предвид дека ниту едно надлежно европско тело не го констатирало тоа. Таквите муабети се пуштаат пред избори оти реално ДУИ на тој начин сака да ги амортизира ударите од многубројните коруптивни афери, па сега говорат дека тие се факторот што ги направиле македонските Албанци рамноправни во оваа држава. Тие се факторот што само се збогати преку ширење национализам, а луѓето разочарани од празните ветувања, си заминаа од земјата. Па, не попусто на секое гласање мора да праќаат авиони и автобуси за да донесат гласачи во земјава, оти и оние што ги гласаа, разочарани од тоа што го добија, си заминаа – заклучуваат соговорниците.