Треба да се формираат работни групи и да се остават да преговараат шест месеци, за да не ги одредуваат работите само националистите, истакна копретседателот на коалицијата „Промената продолжува“ Кирил Петков што победи на парламентарните избори во Бугарија, во интервју за „Шпигел“, во однос на прашањето за односите помеѓу Скопје и Софија.

– Зошто нема летови и возови меѓу Софија и Скопје? Ајде да зборуваме повеќе за економија отколку за различни толкувања на заедничката историја. Или за учебниците во Северна Македонија во кои се тврди дека Бугарите се фашисти – вели Петков.

Тој оцени дека доколку веднаш биде дадено „зелено светло“ за пристапните преговори веднаш, без дискусија, тоа само ќе ги зајакне националистите во двата табора.