Криминалистичка верзија на случувањето (сценариото) со најголем степен на веројатност, според пресот на ОЈО и МВР, во врска со извршените кривични дела

Од вчерашната заедничка прес-конференција на ОЈО и МВР и одговорите што можеа да ги понудат споменатите институции во до вчера сѐ уште предистражната постапка, од мозаичното спојување на презентираните официјални информации, можеше да се препознае една криминалистичка верзија на настанот или настаните во тек што би претставувала најверојатното сценарио на случувањето и тек на кривичноправните настани. Бидејќи одговорите на пресот од страна на ОЈО и МВР беа помалку дифузно елаборирани, направивме обид за реконструкција на што поверодостојна криминалистичка верзија на кривичноправниот настан, во која се суперпонирани три рамки: временска, просторна и содржинска рамка на настаните, што би дало појасна слика на јавноста.

Зошто се потребни составување на мозаикот и создавање на т.н. криминалистичка верзија на настанот, што поблиску до фактичката состојба?

Во јавноста беа лиферувани многу информации, од кои голем дел шпекулативни, лажни вести, некои дури и со тенденција да направат уште поголема конфузија, а други пак одеа дотаму што со објавувањето дезинформации, според толкувањето на МВР, сакаа да предизвикаат и поголемо нарушување на јавниот ред и мир и судири од позиции на етничка или конфесионална омраза.
Затоа, презентирањето на најверојатното сценарио на случувањето на кривичноправниот настан (криминалистичка верзија) има за задача јавноста што поблиску да се доближи до вистината и фактичката состојба, да спласнат тензиите што природно се јавуваат меѓу граѓаните, кои немаат доволно релевантни информации, а што е најважно да се овозможат поширок простор и време надлежните институции професионално и квалитетно да си ги извршат својата законска задача и надлежност.
Имено, до склопувањето на криминалистичката верзија со најголем степен на веројатност се дојде преку објаснувачките заклучоци на надлежните органи (МВР и ОЈО) во сѐ уште преткривичната за сите кривично релевантни елементи на споменатите (три) кривични дела: две убиства и едно грабнување. Тие се засноваат на сите достапни информации во моментот на нивното формулирање, при што некои факти се утврдуваат како несомнено, додека други се врз основа на претпоставки. Оваа објаснувачка функција на склопената криминалистичка верзија се рефлектира во стремежот за целосно објаснување и хипотетичко разјаснување на криминалниот настан. Се подразбира дека, како и на други прес-конференции во временски рамки од предистражна постапка, така и на оваа прес-конференција, не можело со сигурност да се одговори на сите прашања, па овие одговори се од хипотетички карактер, односно едни се поврзуваат со непобитни материјални докази (презентирани од ОЈО), а други се засновани на претпоставки (кои понатаму во процедурата треба да се потврдат или отфрлат) за да се дојде до вистината и до фактичката состојба што се случила.
Во еден таков контекст на разјаснување, за нашите читатели се обидовме да го склопиме мозаикот на верзијата (најверојатното сценарио) на настани, целосно почитувајќи го начелото на пресумција на невиност на основано осомничените.


Текот на настаните

22 ноември

Исчезнува 74-годишниот Панче Жежовски. Според податоците од предистрагата, бил грабнат и убиен истиот ден, поради наводен долг кон негов сосед, во висина од 500 евра. Неговата ќерка се обидувала да го добие на телефон, но два дена не добивала повратен одговор. Не го нашла ниту во неговиот дом.

24 ноември

Ќерката во полиција го пријавува Жежовски за исчезнат. За него полицијата сѐ до 27 ноември не соопштува официјални информации. Истиот ден неговото возило „ситроен“ било пронајдено запалено. Претходно, истото возило било искористено во грабнување на малолетното девојче Вања.

27 ноември

Вања излегува за на училиште околу 7.20 часот. Грабнувачите влегуваат во влезот, ѝ ги врзуваат рацете и нозете, ја ставаат во вреќа за спиење и во багажникот на одземеното возило „ситроен“ од Велес, кое му припаѓало на сега веќе починатиот Жежовски. При грабнувањето биле користени две патнички моторни возила. Едното било „рено кангу“, во сопственост на една политичка партија, а второто возило „ситроен“, во сопственост на убиениот Панче Жежовски. „Реното“ било претходница и се движело прво, додека во второто возило, во багажникот била малолетната Вања, врзана и во вреќа.
Потоа, се упатуваат во атарот на селото Бразда. Во текот на следните два часа, според податоците од предистрагата, „во паника дека истрагата тече и од страв дека ќе бидат откриени, Љ.П., кој моментално е во бегство, одлучува да ја убие Вања“. По убивањето со пиштол, Вања ја закопуваат, а возилото „ситроен“ го палат.

27 ноември

Мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, била информирана од класната раководителка дека девојчето не стигнало на училиште. Во 8.30 часот мајката пријавила во полиција за нејзиното исчезнување. Потоа, помош за пронаоѓање на Вања бара преку социјалните медиуми.
По неа, околу 11 часот, исчезнувањето на Вања во полиција го пријавува и таткото, Александар Ѓорчевски.

27 ноември

Пронајдено е опожареното возило на Жежовски во скопското село Бразда.

3 декември

Пронајдени се телата на убиените. Вања била закопана во атарот на селото Бразда, а Жежовски во околината на Велес. Полицијата и обвинителството информираат дека во врска со двата случаја, осомничени се пет лица, од кои за три се бара мерка притвор, едно е надвор од државата, а едно лице е во полициска станица.

4 декември

Министерот Спасовски на прес-конференцијата информираше дека првоосомничениот, нарачателот и организатор на грабнувањето на Вања е во бегство, но полицијата го следи. Информациите на полицијата велат дека тој избегал прво во Србија, а потоа во Бугарија. Се преземаат мерки за негово апсење.
Предистрагата покажала можен мотив. Мајката на Вања продала стан, а осомничените имале намера да изнудат пари од неа. Таткото, според исказите на дел од осомничените, го известил првоосомничениот кога неговата ќерка ќе излезе од домот. Откуп за Вања не бил побаран од мајката. Д.Т.З.