Фото: ЕПА

Предупредување на Европската централна банка (ЕЦБ) со свое истражување

  • Европската централна банка (ЕЦБ) предупредува дека фискалната неодговорност може да ја направи монетарната стабилност многу поскапа. Во нејзиното истражување се тврди дека растечкото државно задолжување ја отежнува борбата против инфлацијата, ги зголемува каматните притисоци и го стеснува просторот за маневрирање на централните банки

Според најновото истражување на ЕЦБ, јавниот долг сè повеќе станува прашање на политичка одговорност, бидејќи последиците од прекумерното задолжување не остануваат затворени во државните финансии, туку директно се прелеваат врз економијата, животниот стандард и секојдневието на граѓаните. Ова предупредување се извлекува од најновото истражување на Европската централна банка (ЕЦБ), кое укажува дека „високата државна задолженост може значително да ја усложни борбата против инфлацијата“. Имено, од истражувањето се потенцира дека „проблемот не е само колку една држава должи, туку и како нејзината задолженост влијае врз каматните стапки, потрошувачката и способноста на централните банки да ги одржат цените стабилни“.

Долгот е политичка одлука, а инфлацијата економска последица

По глобалната финансиска криза, јавните долгови во еврозоната и во САД бележат значителен раст. Новите економски предизвици, зелената транзиција, зголемените воени и безбедносни расходи и потребата од дополнителни државни инвестиции создаваат нови притисоци врз буџетите. Но задолжувањето не е неутрален економски процес. Кога владите обезбедуваат дополнителни средства преку кредити, а потоа ги насочуваат кон јавна потрошувачка и трансфери, се зголемува побарувачката во економијата. Ако производството и понудата не можат да го следат тој раст, резултатот може да биде нов инфлациски притисок. Токму тука, истражувањето отвора едно значајно прашање, односно „дали политичките власти, во обид да ги задоволат краткорочните потреби и да ги одржат своите економски и социјални ветувања, создаваат долгорочни финансиски проблеми што потоа ги плаќаат идните генерации“?

Цената на задолжувањето се враќа преку каматите

Досегашната логика на монетарната политика речиси е идентична насекаде. Имено, кога инфлацијата расте, централните банки ги зголемуваат каматните стапки, со цел да го поскапат кредитирањето, да ја ограничат потрошувачката и да го намалат притисокот врз цените. Но анализата на ЕЦБ укажува на еден сериозен парадокс. Повисоките камати, покрај тоа што ја ограничуваат инфлацијата, истовремено го поскапуваат и задолжувањето на државата. Така, мерката што треба да ги стабилизира цените може дополнително да го зголеми товарот на јавниот долг. Според економскиот модел претставен во истражувањето, во одредени услови поагресивното зголемување на каматите може да има ограничен ефект врз инфлацијата на подолг рок, па дури и да придонесе за нејзино зголемување. Тоа значи дека централните банки не можат да ја игнорираат фискалната политика на владите. Монетарната стабилност и буџетската дисциплина се две страни на истата економска реалност.

Правилата од Мастрихт и политичката одговорност

Уште со Договорот од Мастрихт, Европската Унија ги постави референтните граници за јавниот долг од 60 проценти од БДП и буџетскиот дефицит од три проценти од БДП. Целта беше да се спречи неконтролираното задолжување и да се зачува стабилноста на заедничката европска валута. Сепак, реалноста покажа дека почитувањето на овие правила не е само техничка обврска туку и прашање на политичка волја. Владите често се соочуваат со искушението да ги зголемуваат расходите, да ветуваат нови субвенции и инвестиции и да ги одложуваат непопуларните мерки за фискална консолидација.
Истражувањето на ЕЦБ отвора и поширока дилема, односно за тоа како да се зачува независноста на централните банки, а истовремено да се земе предвид влијанието на владините финансиски одлуки врз инфлацијата? Одговорот не е во мешањето на централните банки во буџетската политика, туку во навременото препознавање на ризиците што ги создава прекумерната задолженост.

Предупредувањето од истражувањето на ЕЦБ

Особено е интересен и податокот од моделот на ЕЦБ, според кој, теоретската граница над која јавниот долг може да стане практично неконтролирачки фактор за инфлацијата изнесува околу 540 проценти од БДП. Но тоа не е препорачано или безбедно ниво на задолженост, туку математичка процена во рамките на конкретен економски модел. Суштинската порака на истражувањето е дека „проблемите можат да започнат многу порано, кога растот на долгот постепено ја ограничува ефикасноста на монетарната политика“. Предупредувањето на ЕЦБ, всушност, е и предупредување до адресата на политичките елити. Имено, економската стабилност не може да се гради врз бесконечно зголемување на јавните расходи и постојано ново задолжување. Државниот долг не е само бројка што владите ја соопштуваат во своите извештаи. Тој е обврска што се пренесува во иднината, а неговата цена може да се мери преку повисоки камати, поскапи кредити, послаба куповна моќ и помал простор за развојни политики. Во крајна линија, прашањето не е дали државите треба да се задолжуваат. Прашањето е ЗА ШТО се задолжуваат, колку се продуктивни тие задолжувања, какви резултати произведуваат тие средства и, се разбира, на крајот, кој ќе ја плати цената доколку политичките ветувања се судрат со несакана економска реалност. Е.Р.